Ахмети: Без ДУИ нема да функционираат ниту владата, ниту законите

Демократската унија за интеграција е најлегитимната партија што ги претставува Албанците и која најмногу придонела за промена на нивната нова историја, нагласи лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на вечерашниот митинг во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, каде партијата ја презентираше платформата „Заедно одлучуваме“.

Ахмети истакна дека очекува ДУИ да победи на изборите на 11 декември, бидејќи без оваа партија нема да функционираат ниту владата, ниту законите.

Тој најави реализација на повеќе проекти, кои треба да го подобрат животниот стандард на граѓаните, додавајќи дека во Западна Македонија веќе биле отворени 2.000 работни места, а во план е изградба на економска зона во Липково.

На митингот во Куманово, пред присутните граѓани, се обрати и носителот на листата на ДУИ во втората изборна единица, Ејуп Аљими, кој рече дека со досега реализираните и со планираните проекти ќе биде изградена иднина за секое албанско семејство.