Дрвата за греење, сообраќајот, прашината и огновите на отворено – најголеми загадувачи во урбаните средини

Согорувањето на биомаса за греење, сообраќајот, минералната прашина од градежништвото се најголемите извори на загадување на воздухот со ПМ 2,5 честички во пет градови во земјава, Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга

Фото: Мета.мк

Согорувањето на биомаса за греење, сообраќајот, минералната прашина од градежништвото и од улиците, палењето на стрништата и друг отпад на отворено, секундарните честички и горењето на мазут и нафта во јавните објекти и дел од индустриски објекти, се најголемите извори на загадување на воздухот со ПМ 2,5 честички во пет градови во земјава, Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.

Студијата за пропорционирање на изворите на загадување на воздухот урбаните средини, која од март 2023 до март годинава ја спроведуваше лабораторијата Амбикон на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, покажува дека концентрациите на ПМ 2,5 во воздухот од различни извори се сезонски условени. Во зима, најголем загадувач е горењето на дрва, додека во лето прашината од градежништвото. Сообраќајот е константен загадувач во текот на целата година, додека палењето огнови на отворено е активност која загадува од пролет до есен, кога се најчести земјоделските активности.

Идентификувавме шест фактори за загадување на воздухот во овие пет урбани средини, а убедливо најголемо учество во создавањето на ПМ 2,5 честички има согорувањето на дрва, околу 30 отсто, особено во зимските месеци. На второ место се минералната прашина и сообраќајот, во спротивниот, летниот период, а на трето место се огновите на отворено. Тие три фактори го сочинуваат 90 отсто од вкупното загадување на воздухот во овие градови, рече ректорот на УГД и раководител на лабораторијата, Дејан Мираковски, на денешната презентација на резултатите во организација на УНДП.

Граничната дозволена вредност на концентрациите на ПМ 2,5 честичките во воздухот е 25 микрограми на кубен метар, утврдени во европското законодавство, кое е профатено и во земјава. Студијата покажува дека просечните годишни вредности во сите пет градови се над граничната вредност, а во одредени моменти се и неколкупати повисоки. Во Струмица, Кавадарци и Куманово, најголемиот извор на загадување е горењето на дрва, додека во Струга, особено во лето, тоа е сообраќајот. Во Струмица просечната вредност на ПМ 2,5 е 42,7 микрограми, а во зима достигнуваат и со 240 микрограми. Во Кавадарци просечната годишна вредност е 62,2 микрограми, а во Куманово 38,5. Во Струга просекот на концентрациите на ПМ 2,5 е 30, а во Гостивар 29,1 микрограми на кубен метар.

Според министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, министерството е подготвено да им помогне на општините во планирањето и спроведувањето на ефективни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, заради што е најважно да се разбере коренот на проблемот.

Тука сме да ги слушнеме од експертите резултатите од темелната анализа за откривање и идентификација на локалните извори на загадување на воздухот. Тие се од големо значење за формирањето на приоритетни политики, мерки и акции што се итно потребни во нашата заедничка борба со аерозагадувањето. Како најголем извор е детектирано горењето огревно дрво, но постојат значителни разлики помеѓу општините и тие треба да бидат земени предвид при креирање мерки и политики за унапредување на квалитетот на воздухот, изјави Меџити.

Според постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан загадувањето на воздухот е значаен предизвик за земјата, а УНДП со финансиска поддршка на Шведска интензивно работи на изнаоѓање соодветни решенија.

Во соработка со бројни институции и организации, ги споивме науката, знаењето, институционалната поддршка, визијата и оптимизмот. Во 2020 година за прв пат во Северна Македонија спроведовме сеопфатен циклус на истражувања. Користејќи модерна опрема финансирана од Шведска специјално за оваа намена, собраните материјали беа анализирани и беше изработена првата студија за распределба на извори во земјата од ваков вид. Оваа година, истражувањето беше спроведено во пет општини и резултатите ќе ги водат нашите идни напори за подобрување на квалитетот на воздухот, изјави Григорјан.