Пауновски: Пазарен инспектор од Куманово е позитивен на Ковид-19

Извор: Влада на РСМ

На денешната прес-конференција, директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски најави дека ќе биде затворено целото пазарно одделение во Куманово, поради како што информираше тој, еден пазарен инспектор од Куманово е позитивен на Ковид-19.

Во периодот од 28 мај кога се отворија угостителските објекти, заклучно со вчерашниот ден, поднесени се 28 кривични и 38 прекршочни пријави, а затекнати се и 47 нерегистрирани даночни обврзници од областа на угостителството, информираше Пауновски.

Во врска со вчерашниот настан, во угостителски објект во Скопје, каде што беше затекнат лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, директорот Пауновски потенцираше дека инспекторите немале претходна информација дека лидерот е во затворениот дел од угостителскиот објект, туку станувало збор за рутинска контрола.

– Инспекторите имаат наредба во сите тераси на угостителските објекти да проверат дали се спроведуваат протоколите. На лице место кога биле, имаат обврска да извршат контрола и во затворениот простор. Кога побарале да влезат биле спречени да извршат контрола. Тогаш им станало сомнително дека имале луѓе и инсистирале да влезат – појасни Пауновски.

Тој изјави дека против правното лице веќе е преземена прекршочна санкција за оневозможување на службени лица во извршување на службена должност, а денеска е поднесена и кривична пријава.

Пауновски потенцираше и упати апел до сите, меѓу кои и политичарите, претседателите на партиите и предводниците на верските заедници да бидат пример за граѓаните како да се однесуваат, а воедно да им ја препуштат работата на инспекторите.

– Оставете ги инспекторите да си ја вршат својата работа, престанете да ги вплеткувате во политички игри. Единствено нешто за кое што треба да реагирате е да пријавите доколку инспекторите постапуваат онаму каде што не треба да постапуваат или постапуваат неправилно – додаде тој.