20 терористички ќелии подготвуваат напади во Европа

Околу 180 лица од најмалку 20 терористички ќелии, кои допрва треба да бидат активирани, се подготвени да извршат терористички напади во Франција, Германија, Белгија и во Холандија, јавува американската телевизиска мрежа „Си-Ен-Ен“, повикувајќи се на западни разузнавачки извори.

Разузнавачките агенции од ЕУ и тајните служби од Блискиот Исток откриле дека постои „непосредна опасност“ за напад во Белгија, но и во Холандија. Предупредувањето доаѓа по минатонеделните терористички напади во Париз, во кои загинаа 17 лица, и по синоќешната антитерористичка рација во Белгија, при која беа убиени двајца осомничени терористи, едно лице беше рането, а 13 беа уапсени. Белгиските медиуми денеска јавуваат дека акцијата е спроведена неколку часа пред планираните напади во Белгија.

Европските безбедносни служби изминатите недели имале индикации дека екстремистичката група Исламска држава им издала наредба на своите членови од Европа да почнат напади во своите земји, јавува „Си-Ен-Ен“.

Безбедносните служби јавуваат дека повеќе европски земји ги истражуваат повратниците од Сирија и од Ирак, кои, наводно, заговараат терористички напади.

Франција, Германија и Белгија во изминатите 24 часа спроведоа повеќе антитерористички акции во повеќе градови и приведоа 25 терористи и поддржувачи на терористички организации поврзани со екстремистичките џихадски организации. Целта на операциите е да се уништат терористичките ќелии, но и логистичката мрежа.