Во Берлин Димитров ќе бара помош за почеток на преговорите со ЕУ

Министерот за надворешни работи Никола Димитров за време на посетата на Берлин, на 6 септмеври, ќе побара Германија и Европската Унија да и помогнат на Македонија целосно да ја реализира евроатлантската интеграција.

– Ова е шанса и за ЕУ и за Германија да покажат дека не само што можат да помогнат да се стопира кризата и да не оди подлабоко, туку и да помогнат кога има добри работи и добар развој, да се донесе работата до конечен успех – рече Димитров на денешната прес-конференција во Владата.

Прашан дали на средбата со неговиот колега Зигмар Габриел ќе побара вклучување на Германија во решавањето на спорот за името со Грција, Димитров рече дека е поважно е да се обезбеди почеток на пристапните преговори. Тој истакна дека Македонија ја научила својата лекција, но дека и ЕУ има лекција која треба да ја научи.

– Нашата реформска лекција, мислам дека ја научивме. Лекцијата за Европа треба да биде дека е рискантно и штетно една земја да се остава во чекалната зад затворени врати, и за ЕУ и за НАТО. Примарната одговорност за тие заклучени врати ја имаме ние и соседите со кои имаме отворени прашања, во случајот Грција, но и европската политика има минус и одговорност за таквата ситуација. Убеден сум и дека ова е шанса и за Грција – рече Димитров.