Бектеши и Шаровиќ договориле економска соработка меѓу Македонија и БИХ

Министерот за економија на Македонија, Крешник Бектеши, и министерот за надворешна трговија и економски односи на БИХ, Мирко Шаровиќ, на средбата во Сараево иницирале преговори за склучување договор за економска соработка помеѓу двете земји.

Босна и Херцеговина е единствената земја од регионот со која Македонија нема потпишано ваков договор.

– Босна и Херцеговина во последните неколку години е меѓу првите 20 земји со кои Македонија остварува најголем обем на трговска размена, регулирана во согласност со договорот ЦЕФТА, како солидна основа за отварање нови можности преку конкретни заеднички проекти – информираат од Министерството за економија.

Министерот Бектеши го реафирмирал и прашањето за склучување договор за соработка во областа на туризмот, отворено од босанска страна уште во 2013 година.

На средбата со босанскиот колега била разгледана и можноста за пуштање директна авиолинија Скопје – Сараево, со што би се олеснил транспортот и на туристите, но би се зголемил и бројот на деловни посети во двете земји.