СДСМ: Да беше избрана новата влада, ќе имаше лекови на рецепт цел месец

Да беше избрана досега нова реформска влада, за граѓаните ќе имаше достапни лекови на рецепт во аптеките во текот на целиот месец, наместо како сега луѓето да остануваат болни без лекови, порача денеска на партиска прес-конференција д-р Злате Мехмедовиќ, член на комисијата за здравство на СДСМ.

– Знаат граѓаните дека одговорот што го добиваат во аптеките по петнаесетти во месецот, кога имаат потреба од лек е: „Нема, се потроши“. Родителите се принудени да купат сируп од 500 денари што го нема на рецепт, затоа што на болното дете дома мораат да му однесат лек. Најстрашното е тоа што голем број деца и граѓани остануваат без лекови, затоа што семејствата немаат пари да ги платат приватно – рече Мехмедовиќ.

Тој посочи на Европскиот здравствен потрошувачки индекс подготвен од  Европската комисија, кој, како што рече, покажува дека 75 проценти од вкупната продажба на лекови во Македонија паѓа на товар на граѓаните, а само 25 проценти на товар од Фондот за здравство.

– Ова на граѓаните на Македонија им го направија несовесните и неодговорни тендер-политики на Никола Груевски и на Никола Тодоров, кои се интересираат само за пари во нивните џебови, а не и за здравјето на граѓаните. Новата реформска влада веднаш по формирањето ќе се зафати со решавање на овој проблем, за да се надмине состојбата со недостиг од лекови на рецепт и да има зголемена достапност на лекови. Ќе работиме на воспоставување  систем што ќе овозможи реално да се трошат месечните квоти на лекови. Нашата крајна цел е да има достапни лекови во текот на целиот месец – рече Мехмедовиќ.