Судот му го продолжи притворот на Зоран Божиновски за нови 30 дена

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 го прифатил барањето на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и му го продолжил притворот на новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, за нови 30 дена, соопшти попладнево Кривичниот суд.

Обвинителството вчера до судот поднесе обвинителен акт, според кој Божиновски се товари за кривичните дела злосторничко здружување, шпионажа и уцена.

„Обвинителството за организиран криминал и корупција со предлогот за продолжување на притворот, поднесе и обвинителен акт против истото лице заради основан сомнеж дека ги сторил кривичните дела злосторничко здружување од член 394, став 2, шпионажа од член 316, став 3 во врска со член 45 и уцена од член 259, став 2 во врска со став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик, кој согласно одредбите од стариот Закон за кривична постапка, по кој се води овој предмет, ќе биде распореден кај судија за понатамошно постапување, за што јавноста ќе биде навреме информирана“, стои во соопштението од судот.

Божиновски во 2013 година беше еден од осомничените во случајот „Шпион“, но бидејќи им беше недостапен на органите на прогонот, истрагата против него беше прекината. На 21 април годинава, Божиновски беше екстрадиран од Србија во земјава, откако беше уапсен од српските власти врз основа на меѓународната потерница, што властите во Скопје ја имаа распишано против него во 2013 година.