Нов конфликт во Украина, загина еден војник

Еден украински војник загинал во последните 24 часа во конфликт со проруските бунтовници на истокот на земјата, соопшти украинската војска.

Како што наведуваат оттаму, тоа е петти војник што загинал во таа конфликтна зона од почетокот на годината.

– Еден украински војник загина, а еден е ранет – изјави портпаролот на украинската војска, Андриј Лисенко, кој ги обвини проруските бунтовници дека го прекршиле примирјето воведено за новогодишните празници.

Според неговите зборови, бунтовниците ги нападнале положбите на украинската војска во Доњецк.

Проруската новинска агенција ДАН јави дека немало жртви помеѓу бунтовниците што ги обвинија Украинците за влошување на состојбата и дека во последните денови користеле тенкови и минофрлачи.

Украинската војска и проруските бунтовници на крајот на декември се договорија дека за новогодишните празници ќе го почитуваат примирјето воведено минатата година. Повеќе од 9.000 луѓе починаа од почетокот на конфликтот во Источна Украина, во април 2014 година.