Зголемени безбедносни мерки на фудбалскиот меч Албанија – Израел

Албанската полиција соопшти дека повеќе од 2.000 припадници на специјалната полициска единица „Ренеа“ и единицата за брза интервенција се ангажирани за безбедноста на квалификацискиот меч за Светското фудбалско првенство меѓу Албанија и Израел, откако претходно беа уапсени 15 лица осомничени за организирање терористички напад, јавува дописникот на „Мета“ од Тирана.

Натпреварот требаше да се одигра на стадионот во северниот албански град Скадар, но по апсењето на терористите, кои планирале напад врз израелските фудбалери, одлучено е истиот да се одигра на стадионот во Елбасан.

Дополнителни безбедносни мерки ќе бидат преземени и на самиот натпревар, односно полицијата ќе врши засилени контроли на обожавателите кои ќе влегуваат на стадионот, а ќе биде ограничен и сообраќајот меѓу Тирана и Елбасан.