Заев и Борисов не сакаат да се мешаат – ги охрабруваат црквите да најдат решение

Македонскиот и бугарскиот премиер, Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска изјавија дека го почитуваат секуларниот карактер на двете држави и не сакаат да се мешаат во работата и во соработката на двете цркви, но оти можат да ги охрабрат да најдат решение во духот на добрососедството и на пријателството.

– Јас се надевам дека ќе дојде до меѓусебно признавање, бидејќи за нас како Македонска православна црква – Охридска архиепископија, автокефалноста е многу важна. Прашањето е меѓу двете цркви. Наше е да охрабриме да се најде решение во духот на Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји – рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање во врска со писмото што Македонската православна црква го упати до Бугарската православна црква.

И бугарскиот премиер, Борисов, истакна дека не сакаат да се мешаат во работите на црквите, но додаде дека ќе бидат среќни доколку двете цркви соработуваат и меѓусебно си помагаат, како што Македонија и Бугарија соработуваат на политички план.

Борисов упати благодарност до владиката Наум и до другите владици што денеска ги пречекаа двете државни делегации во манастирот „Водоча“ во Струмица.