!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

МПЦ побарала од Бугарската православна црква да ѝ биде црква – мајка


       
Скопје, 19 ноември, 2017 - 9:59 (META) 

Светиот синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија испратил писмо до Бугарската православна црква во кое бара од неа да ѝ биде црква – мајка ако ја признаат афтокефалноста на МПЦ-ОА, објави емисијата „Вера и општество“ на Бугарската национална телевизија (БНТ).

Писмото е испратено на 9 ноември до Светиот синод на Бугарската црква, по редовна седница на МПЦ-ОА во Скопје, на која било едногласно одлучено да се упатат одредени предлози и барања до сестринската црква.

„Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе ја препознае и ќе ја признае Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија како мајка – црква, која прва ја прифаќа и признава нејзината автокефалност, истата ја обзнанува и ја актуелизира, ја претставува и се застапува за неа пред Вселенската патријаршија и пред другите помесни цркви“, се нагласува во писмото.

Синодот од Скопје бара од БПЦ да воспостави „евхаристичко единство со возобновената Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква“.

Со евентуалното потпишување меѓу двете цркви, се бара воспоставување единство меѓу двете епископии, што ќе биде основа за „евхаристичко единство и со епископиите од другите помесни православни цркви“.

МПЦ се надева на прифаќање на нејзините предлози од Светиот синод на БПЦ „за доброто на севкупната црковна целост“.