Заев до Могерини: Продолжуваме силно, ама дома имаме „одредени политички околности“

Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, и од шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, денеска во Брисел се сретнаа со високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини.

Заев на средбата се заблагодарил за посветеноста на ЕУ за Македонија да се врати на евроатлантскиот пат.

– Сега е време да ги искористиме овие напори. Продолжуваме со силна посветеност и со несомнена политичка волја, иако на внатрешен план имаме одредени политички околности. Очекуваме дека ЕУ ќе покаже визија и ќе обезбеди одлука за почнување на преговорите за пристапување во првата половина од 2018 година – истакна Заев на средбата со Могерини.

Заев истакна дека Македонија е најдобрата „успешна приказна“ во 2017 година и може многу да придонесе за добрососедските односи, регионалната соработка, стабилноста и за безбедноста на регионот. Од тие причини, Заев истакнал дека Македонија треба да влезе во пакет со земји предводници на процесот.

Говорејќи за градењето на добрососедските односи и за решавањето на отворените билатерални прашања, Заев рече дека новата Влада е подготвена да го реши спорот за името.

– Во врска со прашањето со Грција, имаме една порака: Ние сме подготвени да го решиме ова прашање. Бараме помош за да го најдеме соодветното и одржливо решение што ќе има поддршка во двете земји – истакна премиерот Заев.

Могерини на средбата истакнала дека е видлив напредокот што Република Македонија го остварила за само една година и дека тоа е добар знак и во однос на напредувањето на државата во евроинтеграциските процеси.

На средбата било истакнато дека претстојните месеци до првата половина на 2018 година се круцијални кога е во прашање процесот за отворање на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ, а посочена е и важноста, што е можно побргу, да се одржат средби на високо ниво меѓу Република Македонија и Република Грција.