Вучиќ: Ако идејата е дека Србија мора да го признае Косово, тогаш – фала, довидување

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска во Давос изјави дека ако идејата на дијалогот меѓу Белград и Приштина и на процесот за нормализација на односите е само Србија да ја признае независноста на Косово, „тогаш – фала, довидување“, притоа истакнувајќи дека се потребни отстапки од двете страни.

Вучиќ, кој учествува на Светскиот економски форум во Давос, пред новинарите изјави дека е важно да се покаже добра волја и разбирање и дека е потребен компромис, додавајќи дека во таков случај Србија е подготвена на разговори.

– Ако кажете „Србија мора да го признае Косово и тоа е тоа“, тогаш „фала, довидување“ – рече Вучиќ.

Тој изјави дека со косовскиот претседател, Хашим Тачи во Давос разговарале за продолжување на дијалогот.

Тачи на својот фејсбук-профил напиша дека е неопходно да се постигне „историски договор меѓу двете држави“ и дека тоа е единствениот начин за зачувување на мирот и отворање на европските перспективи за целиот Западен Балкан.

Вучиќ во Давос имаше средба и со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, на која било разговарано за ситуацијата во регионот, европскиот пат на Србија, како и за дијалогот меѓу Белград и Приштина.