Докторите кон „антиваксерите“: Родителите да ги знаат последиците од невакцинирањето


Скопје, 25 октомври, 2018 - 11:20 (META) 

Намалувањето на бројот на вакцинирани деца на територијата на целата земја, според познавачите, се должи и на кампањите против вакцинирањето, но и на недовербата на  родителите во здравствениот систем. Во Македонија вакцинацијата е задолжителна, а лекарите посочуваат зошто е тоа така и зошто е неопходно децата да се имунизираат, како и дека со вакцините се искоренети многу заразни болести и епидемии.

Весна Стојанова – Атанасовска, специјалист – педијатар, вели дека имунизацијата е единствен начин со кој родителите можат да ги заштитат своите деца од сериозни последици по здравјето.

– Сметам дека родителите треба повеќе да бидат информирани во однос на тоа какви се последиците во случај нивното дете да биде заразено со некоја болест. Неопходно е да знаат колку вакцинацијата ги штити од тие болести. Во нашата амбуланта има деца кои не се вакцинирани, на чии родители постојано им се објаснува бенефитот од вакцината. Но сепак, последниот збор го има, се разбира, родителот. Јас не мислам дека невакцинираните деца се толку опасни за другите деца колку што се сериозна опасност сами за себе. И да, имам пациенти со аутизам, а кои не се вакцинирани, па сега заклучете сами што довело до тоа – вели Стојанова – Атанасовска.

Прашавме и неколкумина родители кои не ги вакцинираат своите деца за таквата одлука, но сите се плашат да го откријат својот идентитет, главно поради фактот дека може да се соочат со проблеми и казни од државата поради ваквиот избор. Една од нив е скопјанката С. Т. од Центар, мајка на две малолетни деца, која за „Мета“, вели дека во почетокот таа и нејзиниот сопруг биле збунети како да постапат по однос на ова прашање.

– Вакцинираме по сите правила и прописи. Но по 12-24 часа од секоја вакцина, нашето дете се нафрлаше по лицето, се јавуваше црвенило и лицето ѝ се сушеше како корупки. Докторите за тоа имаа објаснување – атопичен дерматит. В ред, и тоа го прифативме. Но стана симптоматично после секоја вакцина да се нафрла така. При одењето на последната вакцина, сретнавме пријатели чие дете беше многу настрадано од вакцина, престанало да зборува, да оди, се влечкаа по странство без никаков успех. Детето им беше речиси билка. Тој ден седнавме и почнавме да читаме за вакцините, „за“ и „против“. Кожата на лицето на нашето дете распука комплетно, „закачи“ бактерија и течеше гној. Сликата беше страшна. По неколку месеци активно читање, секој ден по неколку часа, ги споредивме сите „за“ и „против“. Сметавме дека од сите болести за кои се вакцинира во денешно време постои лек, најчесто антибиотска терапија, а сите последици кои може да настанат се непоправливи и неизлечиви: дијабет, леукемија, аутизам. Првото дете престанавме да го вакцинираме по третата вакцинација, а второто дете никогаш не е вакцинирано. Одбивме вакцинација во родилиште, со тоа што потпишавме изјава дека ја одбиваме вакцинацијата – раскажува С. Т.

Таа додава дека немале проблеми при запишување на детето во прво одделение. Она што се бара при упис во градинка и училиште, вели, е здравствена потврда од матичниот лекар дека детето е здраво и може да посетува настава. Таа појаснува дека нивните две деца никогаш не биле болни, никогаш не лежеле во болница и само еднаш примиле антибиотик и тоа за физичка повреда, не од бактерии или вируси и дека имаат многу силен имунитет.

На прашањето дали ги знае последиците од невакцинирањето, таа одговори дека при истражувањето, читањето студии, форуми и консултации со родители чии деца се настрадани од вакцина, таа и нејзиниот сопруг сфатиле дека последиците од вакцинирањето можат да бидат само непоправливи последици за поединецот и дека последици од невакцинирање за околината нема.

– Има неколку работи кои сакам да ги посочам на родителите кои ќе одлучат да ги вакцинираат своите деца. Треба да се вакцинира комплетно здраво дете. Пред да се однесе детето на вакцинација треба да се направи крвна слика, да се направи брис нос и грло и да се појде кај матичниот лекар на преглед, задолжително. Во детските диспанзери пред вакцинација има преглед на децата, но тој е многу нетемелен. Дете кое има какво било исфрлање или алергија на кожата, не смее да се вакцинира. Тоа е знак дека телото се бори со нешто и не е комплетно здраво. Деца коишто вадат заби не смеат да се вакцинираат. При процесот на ведење заби, имунитетот на детето е нарушен, намален. Не велам „Не вакцинирајте!“, велам, ако вакцинирате, ако воопшто решите да вакцинирате, превземете ги сите чекори да го однесете вашето дете комплетно здраво на вакцинација – потенцира мајката.


Бајруш Сејдиу привремено пуштен од затворот во Штип


Штип, 18 септември, 2017 - 20:00 (META) 

Од затворот во Штип денеска е пуштен Бајруш Сејдиу, осуден на 12-годишна затворска казна за перење пари, насилство, злосторничко здружување и за фалсификување.

Сејдиу добил привремен отпуст од неколку дена, односно до четврти октомври, поради влошена здравствена состојба на неговата сопруга.

Тој е пуштен по молба за прекин на казната, а со дозвола на директорот на Управата за извршување санкции.

Пред три месеци, управата на штипскиот затвор одби да го пушти Сејдиу на погреб на неговата мајка, со објаснување дека таквата практика е недозволива.


СЈО пак побара притвор за Кочан, одбраната тврди дека е сериозно болен


Скопје, 17 мај, 2017 - 14:23 (META) 

Како „драматична деструкција на вредностите на уставниот поредок на државата“, обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски, ја оцени одлуката на Врховниот суд со која беа укинати решенијата за притвор на бизнисменот Сеад Кочан.

Денеска кај судија на претходна постапка се расправаше за барањето на СЈО за притвор на Кочан, кој е првоосомничен во случајот „Труст“.

По завршувањето на денешното рочиште, кое траеше три часа, Бубевски изјави дека одбраната на барање на судот доставила известување за здравствена состојба на Кочан, но од известувањето не можело да се процени колку му е нарушена здравствената состојба, па Бубевски побарал судот да го повика лекарот за да каже за што точно станува збор, но тоа било одбиено.

– Судијата на претходна постапка има рок од шест часа да ја донесе одлуката, но мислам дека поради тоа што осомничениот денеска не беше присутен во судот, овој рок ќе биде пролонгиран – рече Бубевски.

Адвокатот на Кочан, Никола Додевски, пак, изјави дека здравствената состојба на Кочан била исклучително сериозна и дека имало повеќе хирушки интервенции.

Додевски не сакаше да прецизира каде се наоѓал Кочан изминатите два месеци и во еден дел од изјавата наведе дека неговата здравствена состојба била причина што тој бил отсутен од земјата.


Дваесетгодишно момче загина во сообраќајна несреќа во Охрид


Охрид, 7 мај, 2017 - 12:35 (META) 

Едно лице го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што рано утрово, во пет часот, се случи на регионалниот пат Свети Наум – Охрид, во близина на Хидро-биолошкиот завод, информира СВР-Охрид.

„Од добиените повреди, на местото на настанот животот го загуби Дејан Т. (20), додека тешки телесни повреди добил Р.Д. (25), двајцата од Охрид. Поради тешките повреди и сериозната здравствена состојба, Р.Д. е префрлен на хируршкото оделение во Општата болница во Охрид каде е задржан на понатамошно лекување. На истото одделение, но со полесни повреди се наоѓа и Ж.П. (22) од Охрид“, велат од СВР-Охрид.

Сега починатиот, заедно со двете повредени лица, се наоѓал во автомобил „опел корса“ и по регионалниот пат се движел од Рача кон Охрид. Р.Д., кој го управувал автомобилот, изгубил контрола врз возилото, излетал на десната страна надвор од коловозот, удрил во ивичник од патот, а потоа и во електричен столб. Од ударот, возилото се извртело и повторно се вратило на коловозната лента.

На местото на сообраќајната несреќа, извршен е увид во присуство на јавен обвинител и полициски екипи од СВР Охрид и подигнати се траги за вештачење. За време на увидот, сообраќајот беше пренасочен и се одвиваше по една сообраќајна лента.


Халити: Состојбата на Села е добра и за неколку дена треба да биде пуштен дома


Тетово, 2 мај, 2017 - 15:38 (META) 

Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, е во добра здравствена состојба и за неколку дена треба да биде пуштен на домашно лекување, изјави денеска Дестан Халити, лекар од ургентниот центар при Клиничката болница во Тетово.

– Вчера се правени нови анализи, при што е утврдено дека неговата состојба е стабилна, на секој дел од телото каде што е повреден има подобрување. Уште неколку дена ќе биде згрижен во болницата и потоа ќе го пуштиме на домашно лекување – изјави Халити.

Тој додаде дека поради големиот интерес за здравствената состојба и барања за посети, од болницата донеле забрана за прием на посетители кај Села.

– Имаме донесено забрана за посети, бидејќи тоа не е добро за неговата здравствена состојба, но и за нас како лекари. Сè уште го третираме со лекови и очекуваме, како што веќе кажав, за неколку дена да биде работоспособен. Тој имаше повреда на мозокот, една од потешките, меѓутоа немаше индикации за да извршиме хируршки зафат и затоа го лекуваме на ваков начин – додаде Халити.

Лидерот на Алијанса за Албанците беше најтешко повреден во насилствата во Собранието, минатиот четврток, кога демонстранти упаднаа во Законодавниот дом и ги нападнаа пратениците од парламентарното мнозинство.


Девет деца се повредени во сообраќајна несреќа во Романија


Букурешт, 20 март, 2017 - 11:09 (META) 

Mинибус што превезувал ученици во југозападниот дел на Романија излетал од патот, при што најмалку девет деца се повредени, јавуваат романските медиуми.

Повредените деца биле пренесени во болница и сè уште нема информации за нивната здравствена состојба. Во моментот на несреќата во минибусот се наоѓале 18 деца.

Возачот во полиција изјавил дека поради премореност изгубил контрола над возилото и излетал од патот.


Јанева: Жал ми е што поради влошената здравствена состојба ја напуштив седницата


Скопје, 22 септември, 2016 - 20:41 (META) 

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, преку соопштение до медиумите им се извини на пратениците што ја напуштила седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, поради нејзината влошена здравствена состојба.

– Навистина ми е жал што поради мојата здравствена состојба морав да ја напуштам седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и се извинувам на сите пратеници што денеска не сум во можност повеќе да присуствувам на седницата – вели специјалната јавна обвинителка Јанева.

Од СЈО соопштуваат дека во меѓувреме побарана е лекарска помош и здравствената состојба на обвинителката е под лекарски надзор и контрола.

Седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на која се расправа за годишниот извештај за работата на СЈО, беше прекината откако обвинителката Јанева се пожали дека не се чувствува добро.

Претседателот на комисијата, Влатко Ѓорчев, ја презакажа седницата за утре во 13 часот.