Едно лице го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што рано утрово, во пет часот, се случи на регионалниот пат Свети Наум – Охрид, во близина на Хидро-биолошкиот завод, информира СВР-Охрид.
„Од добиените повреди, на местото на настанот животот го загуби Дејан Т. (20), додека тешки телесни повреди добил Р.Д. (25), двајцата од Охрид. Поради тешките повреди и сериозната здравствена состојба, Р.Д. е префрлен на хируршкото оделение во Општата болница во Охрид каде е задржан на понатамошно лекување. На истото одделение, но со полесни повреди се наоѓа и Ж.П. (22) од Охрид“, велат од СВР-Охрид.
Сега починатиот, заедно со двете повредени лица, се наоѓал во автомобил „опел корса“ и по регионалниот пат се движел од Рача кон Охрид. Р.Д., кој го управувал автомобилот, изгубил контрола врз возилото, излетал на десната страна надвор од коловозот, удрил во ивичник од патот, а потоа и во електричен столб. Од ударот, возилото се извртело и повторно се вратило на коловозната лента.
На местото на сообраќајната несреќа, извршен е увид во присуство на јавен обвинител и полициски екипи од СВР Охрид и подигнати се траги за вештачење. За време на увидот, сообраќајот беше пренасочен и се одвиваше по една сообраќајна лента.