РЕК Битола и РЕК Осломеј загадуваат како 83 европски централи на јаглен


Битола, 14 ноември, 2018 - 9:10 (META) 

Во Македонија оџаците чадат дваесет пати поцрно од Европа. Во Македонија дваесет пати повеќе домаќинства се греат на огревно дрво отколку во Европската унија, а четирите термоелектрични блокови кои користат лигнит (РЕК Битола 1,2 и 3 и РЕК Осломеј) загадуваат како 83 европски централи на јаглен, покажува споредбата на податоците на Статистичкиот годишник на Државниот завод за статистика со податоците на ЕУРОСТАТ и на Алијансата за здравје и животна средина.

Повеќе од 80 отсто од домаќинствата во земјава се греат на цврсто гориво, далеку најчесто огревно дрво. Просекот во Европската Унија е 4,8 отсто, а водечки се Полска со 45 отсто и Ирска со 21, но, за разлика од Македонија, во греењето со цврсто гориво во Европа доминираат пелети и други обработки од дрво кои загадуваат далеку помалкуод огревното дрво.

Според Вкупниот годишен извештај за квалитетот на животната средина за 2017 година, подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање, домаќинствата се најголем загадувач со цврсти честички во земјава:

Уделот на емисиите од секторот домаќинства и административни објекти, (особено од согорување на дрвата) во 2016 година во вкупните емисии на вкупните цврсти честички (TSP) изнесува 43,7 отсто, во емисиите на цврсти честички со големина до 10 микрометри (ПМ10) изнесува 46,6 отсто и 63,3 отсто во емисиите на цврсти честички со големина до 2,5 микрометри (ПМ2,5).

Македонија е во врвот и според измерената концентрација на ПМ10 честички на една мерна станица. Според последниот Извештај за квалитет на воздухот на Европската агенција за животна средина, само шест отсто од мерните станици на континентот во 2016 година регистрирале годишни концентрации на ПМ10 честички поголеми од дозволената од 40 микрограми на кубен метар. Од нив, 92 отсто биле во четири земји; Турција (116 станици), Полска (29), Македонија (13) и Бугарија (11 станици)

Дваесет пати е разликата и во загадувањето од македонските термоелектрични централи, кои користат лигнит, и европските, кои главно користат покалорични типови јаглен, но и далеку посовремени технологии. Во моментов четирите термоелектрични блокови на лигнит емитуваат 3.342 тони ПМ 2,5 честички годишно. Според стандардите за животна средина, нивната вкупна годишна емисија треба да биде 167 тони. РЕК Битола и  РЕК Осломеј немаат добиено А-интегрирана еколошка дозвола, но, благодарение на Енергетската заедница, меѓународно тело за енергетика, имаат рок до 2028 година да ги намалат емисиите на потребното ниво.

АД ЕЛЕМ вчера почна акција за садење на 50.000 багремови садници околу РЕК Битола. Покрај тоа што садат дрвца, РЕК Битола и АД ЕЛЕМ имаат обврска да ги намалaт емисиите на штетни материи од централата преку десулфуризација,поставување филтри, конвертори, одпепелување, можна замена на горива и други мерки.

Според Алијансата за здравје и животна средина, 16 термоцентрали на лигнит во Западен Балкан, со моќност од 16 GW,  испуштаат речиси двојно повеќе ПМ 2,5 честички од сите 296 термоцентрали на јаглен во ЕУ, кои имаат можност од 156 GW. Балканските централи се меѓу десетте најголеми загадувачи во Европа, а РЕК Битола е втора, по Косово А, по количеството ПМ 2,5.

Покрај утврдените извори на загадување, ревизорскиот извештај „Квалитет на воздух – кооперативна ревизија“, наведува дека „Катастарот на загадувачи е нецелосен затоа што недостасуваат податоци за непроизводните извори на емисии и податоци од мерењата на дел од производните извори“.

Пишува: Игор К. Илиевски


ЕЛЕМ ќе ја исклучи електраната Осломеј, ќе го вклучи блокот 2 во РЕК Битола


Скопје, 12 јуни, 2018 - 15:05 (META) 

АД ЕЛЕМ соопшти дека ќе ја исклучи термоелектраната Осломеј и на нејзино место ќе го вклучи блокот 2 во РЕК Битола. Причината за тоа е загриженоста на жителите од населените места околу „Осломеј“ за можно загадување.

„И покрај тоа што дефектот на системот за водено отпепелување е отстранет и ТЕ Осломеј може да работи по сите еколошки стандарди, раководството на АД ЕЛЕМ одлучи да го запре производството на електрична енергија во електраната, имајќи ја предвид загриженоста и сензитивноста на населението од околните места“, велат од ЕЛЕМ.

Блок 2 во РЕК Битола бил подложен на превентивен зафат во текот на викендот, а сега може непречено да се вклучи во производниот процес.


ЕЛЕМ: Трошењето струја е зголемено за 30 проценти во однос на последните пет години


Скопје, 10 јануари, 2017 - 12:33 (META) 

Поради екстремно ниската температура, регистрирана е 30 проценти поголема потрошувачка на електрична енергија во однос на истиот период за последните пет години, се вели во соопштение на АД ЕЛЕМ.

–  Сите расположливи капацитети за производство на електрична енергија на АД ЕЛЕМ се ставени во погон. Дел од количествата се обезбедуваат на слободниот пазар во согласност со постојните правила и процедури усвоени од Регулаторната комисија за енергетика – посочуваат од компанијата.

Оттаму додаваат дека за дополнување на потребите во периоди од денот со најголема потрошувачка, вчера се набавиле 3.600 мегават-часа електрична енергија преку лиценцираните компании за трговија со електрична енергија.

– Набавката што ја изврши АД ЕЛЕМ е по просечна цена од 101,43 евра за мегават-час и е поевтина во однос енергијата што се продаваше на берзите во регионот. Временските услови од кои се погодени земјите од Југоисточна и од Централна Европа, директно влијаат и на цените на тој енергент. Во текот на вчерашниот ден, на берзата во Унгарија мегават-час електрична енергија во периоди на зголемена потрошувачка се продаваше за 126,3 евра, на берзата во Бугарија чинеше 123 евра, додека на берзата во Србија за истиот период се нудеше по цена од 140,3 евра – објаснуваат од ЕЛЕМ.

Од компанијата нагласуваат дека набавката на електрична енергија, што се врши во овој период, нема да влијае врз цената на електричната енергија за домаќинствата и за малото стопанство.

Термоелектраната „Битола 3“ очекуваат да проработи следните 72 часа.


РЕК Битола е најголем загадувач во Европа


Скопје, 18 март, 2016 - 10:12 (META) 

Втор најголем загадувач на воздухот во Европа и најголем во Македонија е термоелектраната РЕК Битола, покажува процената за влијанието на производството на енергија од јаглен врз здравствените трошоци на Западниот Балкан, направена од европското Здружение за здравје и животна средина (HEAL), објави „Дојче веле“.

Според оваа процена, дури седум од 10 термоелектрани кои се големи загадувачи на воздухот во Европа се на Балканот.

РЕК Битола, според оваа процена, годишно испушта околу 2.700 тони честички ПМ2,5 во воздухот, што ја става веднаш зад термоелектраната „Косово А“ во близина на Приштина.

РЕК Битола е во европскиот врв и според емисијата на сулфурен диоксид, со околу 67.000 тони годишно.

Процените се дека штетите врз здравствениот систем во Европа поради штетните супстанци што ги емитува Македонија изнесуваат помеѓу 256 милиони и 720 милиони евра годишно.


Вашингтон без струја поради експлозија на термоелектрана


Вашингтон, 8 април, 2015 - 10:32 (META) 

Стејт департментот, Капитол и поголемиот дел од Вашингтон со приградските области вчера останаа без струја поради експлозија на термоелектрана во соседната држава Мериленд.

Портпаролот на Министерството за внатрешна безбедоност и вонредни ситуации, Робин Џонсон, рече дека околу 8.000 корисници останале без електрична енергија.

Комуналното претпријатие „Пепко“ соопшти дека истрагата е во тек. Портпаролот Шон Кели немаше детали за локацијата и за тоа колку потрошувачи се вкупно погодени.

Во Белата куќа напојувањето со струја прекинало во прес-салата околу пладне, но во рок од секунда е воспоставено снабдување. Во Стејт департментот струјата прекинала за време на дневната средба со новинари.