!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Грчките крајбрежни служби сè уште се справуваат со излеаната нафта кај Атина


Атина, 12 септември, 2017 - 14:35 (META) 

Тимови за вонредна состојба во Грција се борат за да го спречат излевањето нафта во водите во близина на Атина од танкер кој викендов потона кај островот Саламис.

Крајбрежната стража наведе дека е загрозен цел залив на југоистокот на островот откако потонал танкерот „Агиа зони 2“, кој превезувал 2.500 метрички тони гориво.

Нафтената дамка се протега на повеќе од еден и пол километар, а за нејзино целосно чистење веројатно ќе бидат потребни четири месеци, соопшти член на атинскиот совет за рибарство, Вула Тутунци, за градското радио во Атина.
Сè уште не се знае што го предизвикало потонувањето на танкерот во неделата. Временските услови во таа област тогаш биле погодни.

Капетанот на танкерот и главниот инженер се обвинети за небрижност и се пуштени на слобода до почетокот на судењето.

Крајбрежната стража наведе дека се поставени рампи за да се спречи разлевањето на нафтата, а за нејзино собирање се користат камиони цистерни. И покрај тоа, голем дел од горивото кое се излеало завршило на плажата Саламина.
Во моментов се прават обиди да се затвори дупката на танкерот.

Локалните власти ги повикаа рибарите да го избегнуваат ова подрачје.


Киднапиран малезиски нафтен танкер


Куала Лумпур, 17 август, 2016 - 12:06 (META) 

Малезиски нафтен танкер со 900.000 литри дизел е киднапиран и пренесен во индонезиските води, соопштија денеска малезиските власти.

Танкерот „Вијер Хармони“, пловел од пристаништето „Тањунг Пелепас“ во Малезија кога бил киднапиран.

Малезиската агенција за поморска безбедност соопшти дека бродот веројатно сега се наоѓа кај индонезискиот остров Батам.

Се уште не е познат идентитетот на киднаперите, а се проценува дека вредноста на товарот на бродот изнесува околу 400.000 долари.

 


Пожар на руски танкер, едно лице загинато


Москва, 23 април, 2016 - 12:01 (META) 

Во пожарот кој избил на руски танкер во Касписко Море, во туркменистанските води, загина едно лице, објави спасувачкиот центар во Авганистан.

„Во 9 часот ја примивме информацијата дека во јужните води на Касписко Море се запалил рускиот танкер „Паплфлот“. Од танкерот се евакуирани десет луѓе, а загинало едно лице кое работело како механичар“, наведуваат од центарот.

Во моментов три азербејџански бродови и два хеликоптери го гаснат пожарот на танкерот.


Либиски авион бомбардира грчки танкер


Дарна, 5 јануари, 2015 - 16:43 (META) 

Грчките власти соопштија дека непознат воен авион го бомбардирал грчкиот танкер во Либија и оти двајца членови на екипажот загинале, а двајца се повредени. Либија соопшти дека нивни авиони го бомбардирале танкерот бидејќи немал дозвола за влез во пристаништето и оти изгледал „сомнително“.

Грчкото министерство за поморска трговија соопшти дека бродот „Арево“, кој плови под либериско знаме, вчера бил закотвен во пристаништето Дерна, на истокот на Либија, кога се случил нападот.

Портпаролот на либиското министерство за одбрана, Ахме ел Масмари, изјави дека авионите на военото воздухопловство двапати ги гаѓале танкерите пред да добијат информација од Владата дека тој е ангажиран со локалната електрана.
Градот Дерна, каде се наоѓаше танкерот за време на нападите, е база на исламските екстремисти, кои се лојални на Исламска држава.