СЈО го достави разговорот на Мијалков и на Јанкулоска како доказ во случајот „Сопот“


Скопје, 18 октомври, 2017 - 12:52 (META) 

Специјалното јавно обвинителство на денешното рочиште за случајот „Сопот“, на судот му предаде цеде со телефонски разговор помеѓу поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, како дополнителен доказ во постапката за овој предмет.

Како дополнителен доказ за повторното судење за „Сопот“, СЈО достави и аудиоснимка од разговор со сведокот Рамадан Бајрами.

Инаку, судењето се одложи за 23 ноември, на барање на адвокатите на обвинетите, за да имаат повеќе време да ги разгледаат новите докази.

СЈО предложи на следните рочишта да бидат сослушани шестмина вработени во УБК, како и вештаците ангажирани од Специјалното јавно обвинителство, додека адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи, рече дека ќе бараат како сведоци пред судот да бидат сослушани и Мијалков и Јанкулоска.

„Сопот“ е судски случај во кој жители од кумановското село Сопот беа обвинети за тероризам, односно за поставување мина на пат, на која нагази теренско возило на НАТО со полски војници и со наши државјани. Загинаа двајца војници и еден македонски граѓанин. За тоа дело, 11 лица беа осудени на затворски казни. Случајот подоцна беше вратен на повторно судење, кое постојано се одложува. Во меѓувреме, едно од осудените лица почина.

Во еден од прислушуваните разговори што во 2015 година ги објави тогаш опозицискиот СДСМ, односно во „25. бомба“, поранешната министерка за внатрешни работи и ексдиректорот на УБК разговараат за случајот „Сопот“ и за тоа каква пресуда треба да биде донесена против обвинетите.

СЈО овој случај го побара од Обвинителството за организиран криминал и корупција во ноември минатата година, а му беше предаден на почетокот на јули годинава.


Рочиштето за „Сопот“ повторно одложено, следното закажано на 18 октомври


Скопје, 9 октомври, 2017 - 12:06 (META) 

Денешното рочиште од судењето за случајот „Сопот“ беше одложено, а следното судот го закажа за 18 октомври. Денешното рочиште беше одложено на барање на одбраната на десеттемина обвинети поради промена на судиите во кривичниот совет и поради тоа што обвинението за случајот сега го застапува Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Обвинителот на СЈО, Бурим Рустеми, се согласи со барањата на одбраната, но не сакаше да даде изјава за медиумите по завршувањето на рочиштето.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска предложи на следното рочиште да бидат сослушани сведоци.

Инаку, „Сопот“ е судски случај во кој жители од кумановското село Сопот беа обвинети за тероризам, односно за поставување мина на пат на која нагази теренско возило на НАТО со полски војници и со наши државјани. Загинаа двајца војници и еден македонски граѓанин. За тоа дело, 11 лица беа осудени на затворски казни. Случајот подоцна беше вратен на повторно судење, кое постојано се одложува.

Во еден од прислушуваните разговори што во 2015 година ги објави тогаш опозицискиот СДСМ, односно во „25. бомба“, поранешната министерка за внатрешни работи и ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков, разговараат за случајот „Сопот“ и за тоа каква пресуда треба да биде донесена против обвинетите.

СЈО овој случај го побара од Обвинителството за организиран криминал и корупција во ноември минатата година, а му беше предаден на почетокот на јули годинава.


Рочиштето за „Сопот“ одложено, судијката била на службено патување


Скопје, 18 септември, 2017 - 11:29 (META) 

Рочиштето за случајот „Сопот“, прво откако предметот го презеде Специјалното јавно обвинителство, е одложено бидејќи судијката, Дијана Груевска-Илиевска, што го води предметот била на службено патување. Судот, го презакажа рочиштето за 9 октомври.

Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, изјави дека очекува судењето да почне што побргу, бидејќи веќе неколку години се одложува, но не сакаше да открие со какви аргументи ќе настапи СЈО во постапката.

Во судот денеска беа присутни петмина од вкупно 10 обвинети во случајот.

Инаку, „Сопот“ е судски случај во кој селани од кумановското село Сопот беа обвинети за тероризам, односно за поставување мина на пат на која нагази теренско возило на НАТО со полски војници и со наши државјани. Загинаа двајца војници и еден македонски граѓанин. За тоа дело, 11 лица беа осудени на затворски казни. Случајот подоцна беше вратен на повторно судење, кое постојано се одложува.

Во еден од прислушуваните разговори што во 2015 година ги објави тогаш опозицискиот СДСМ, односно во „25. бомба“, поранешната министерка за внатрешни работи и ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков, разговараат за случајот „Сопот“ и за тоа каква пресуда треба да биде донесена против обвинетите.

СЈО овој случај го побара од Обвинителството за организиран криминал и корупција во ноември минатата година, а му беше предаден на почетокот на јули годинава.

Фетаи во мај оваа година изјави дека СЈО има сознанија дека исказот на главниот сведок во случајот Рамадан Бајрами бил изнуден со тортура од страна на службени лица од МВР, односно со употребена на сила и закани по неговиот личен интегритет. Како што истакна обвинителката, иако гонењето за тортура застарело во 2008 година, „овие докази и фактите што произлегоа од истрагата (на СЈО) имаат директни импликации врз постапката што се води во Основниот суд Скопје 1“.


ОЈО за организиран криминал му го предаде на СЈО случајот „Сопот“


Скопје, 5 јули, 2017 - 14:12 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска му го предало случјот „Сопот“ на Специјалното јавно обвинителство, кое треба да утврди и да се произнесе дали е надлежно за овој случај.

Колегиумот на Јавното обвинителство за организиран криминал ја донел одлуката откако вчера добил известување од Советот на јавни обвинители, во кое немало децидна одлука дали случајот треба да се предаде на СЈО, туку дека обвинителството „ќе треба самостојно да одлучи дали ќе го достави предметот“.

Инаку, СЈО уште во ноември минатата година го побара случајот „Сопот“ од Обвинителството за гонење организиран криминал, кое, пак, побара од Советот на јавни обвинители да одлучи дали специјалната јавна обвинителка Катица Јанева смее да го бара овој случај, бидејќи, како што беше наведено, настанот се случил во 2003 година, додека СЈО е овластено за истражување кривични дела кои се поврзани и произлегуваат од незаконското следење на комуникации во периодот од 2008 до 2015 година.

„Сопот“ е судски случај во кој селани од кумановското село Сопот беа обвинети за тероризам, односно поставување мина на пат на која нагази теренско возило на НАТО со полски војници и со наши државјани. Загинаа двајца војници и еден македонски граѓанин. За тоа дело, 11 лица беа осудени на затворски казни.

Во еден од прислушуваните разговори што минатата година ги објави опозицијата, односно во „25. бомба“, поранешната министерка за внатрешни работи и ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков, разговараат за случајот „Сопот“ и за тоа каква пресуда треба да биде донесена против обвинетите.


Кои се судиите кај кои се распределени обвиненијата на СЈО?


Скопје, 29 јуни, 2017 - 19:56 (META) 

По обвиненијата што Специјалното јавно обвинителство денеска ги поднесе во Кривичниот суд ќе одлучуваат судии кои веќе судат предмети на СЈО, како и нивни колеги кои работеле или сè уште работат на големи случаи, како „Монструм“, „Сопот“ и „Диво Насеље“.

Како што информираше Кривичниот суд, случаите „Тарифа“, „ТНТ“ и „Траекторија“ се распределени кај судијките Лидија Петровска и Татјана Михајлова.

Лидија Петровска, која во јавноста е позната како „сваровски-судијката“, според еден разговор од т.н. „бомби“ што ги објави СДСМ, го суди случајот на СЈО „Тврдина 2“, во кој првообвинет е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски. Нејзе ѝ се падна да го суди и предметот „Транспортер“, во кој првообвинет е градоначалникот на Битола, Владимир Талески. СЈО во февруари оваа година до Советот за утврдување на факти поднесе претставка против Петровска заради нестручно и несовесно вршење на судската функција, а во септември минатата година бараше и нејзино изземање од случајот „Тврдина 2“.

Татјана Михајлова го суди случајот за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, во јавноста познат како „Шамари“, во кој обвинети се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспрот и врски, Миле Јанакиески, и пратеничката Даниела Рангелова. Михајлова на едно од рочиштата ги казни Фетаи и специјалната обвинителка Катица Јанева по 2.000 евра, поради неопочитување на судот. СЈО, пак, до Советот за утврдување факти и покренување одговорност за судија, поднесе претставки против Михајлова поради нестручно и несовесно вршење на судската функција.

Моника Бахчованска, која треба да ги оценува обвиненијата за предметите „Тотал“, „Тревник“, „Тифани“, „Титаник“ и „Тортура“, го судеше случајот за кражбата на артефакти од Музејот на Македонија, во кој на седумтемина обвинети им пресуди високи казни, од вкупно 30 години затвор.

Горан Бошевски, од одделението за организиран криминал, кај кого се обвиненијата за случаите „Трезор “ и „ Тенк“, минатата година беше назначен за нов судија за случајот „Сопот“. Инаку, овој случај подолг период го бара Специјалното јавно обвинителство, но Советот на јавни обвинителни сè уште не одлучил дали ќе му го предаде.

Верка Петковска, која го доби обвинението за „Титаник 2“, во моментов го суди случајот „Диво Насеље“, за настаните во Куманово од 9 и 10 мај 2015 година.

Ленка Давитковска, кај која е распределен предметот „Топлик“, е судија во случајот против новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, обвинет за шпионажа, уцена и за изнуда.

Ивица Стефановски од 2013 година до декември минатата година му беше заменик на тогашниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски. Стефановски го судеше случајот „Монструм“, во кој шесттемина обвинети беа осудени на доживотни затворски казни за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро.


СЈО: Имаме законска обврска да го бараме „Сопот“ зашто произлегува од „бомбите“


Скопје, 29 ноември, 2016 - 16:06 (META) 

Специјалното јавно обвинителство има законска обврска да го побара случајот „Сопот“ бидејќи е поврзан со содржината и со кривичните дела што произлегуваат од еден од прислушуваните разговори кој беше јавно објавен, соопштија денеска од кабинетот на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

„Како што и претходно појаснивме, врз основа на јавно објавен разговор, побаран е предметот познат во јавноста како „Сопот“, а за да се произнесеме за нашата надлежност врз тој предмет. Сакаме да појасниме дека поднесеното обвинение против обвинетите во случајот „Сопот“ е поврзано со содржината и со кривичните дела што произлегуваат од содржината на разговорот кој се однесува на наведениот случај, па со оглед на ваквата околност, ние имаме законска обврска да го побараме овој предмет, а за да се произнесеме за нашата надлежност врз истиот“, стои во соопштението на СЈО.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција минатата недела потврди дека го добиле барањето од СЈО, но се обратиле до Советот на јавни обвинители и побарале од него да се произнесе околу тоа дали предметот треба да му биде даден на Специјалното јавно обвинителство.

Од Советот на јавни обвинители засега нема информација дали го разгледале барањето на СЈО и дали има некаква конкретна одлука. Претседателот на Советот, Петар Аневски, минатата недела изјави дека случајот „Сопот“ е стар 13 години и дека Јанева не е надлежна за настани кои се случиле пред 2008 година.

Во врска со ова, од СЈО појаснуваат дека периодот од 2008 до 2015 година наведен во Законот за Специјалното јавно обвинителство се однесува исклучиво на времето кога било вршено незаконското следење на комуникации, но не и на кривичните дела што произлегуваат од нив. Односно, СЈО може да ги истражува кривичните дела независно дали се случиле во периодот меѓу 2008 и 2015 година или, пак, претходно.

„Сакаме да укажеме дека периодот од 2008 година до 2015 година кој е наведен во Законот за Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, се однесува исклучиво на времето на реализација на незаконски следените комуникациите, а не и на времето кога одреден настан се случил“, децидни се од СЈО.

Инаку, станува збор за судски процес во врска со подметната експлозивна направа, од која во 2003 година загинаа двајца припадници од контингентот на НАТО и еден македонски државјанин, за што подоцна беа осудени 11 Албанци.

Во еден од прислушуваните разговори, што минатата година ги објави опозицијата, односно во „25. бомба“, поранешната министерка за внатрешни работи и ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков, разговараат за случајот „Сопот“ и за тоа каква пресуда треба да биде донесена против обвинетите.


Дали СЈО ќе го добие „Сопот“, ќе одлучува Советот на јавни обвинители


Скопје, 24 ноември, 2016 - 16:47 (META) 

Дали Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција ќе ѝ го достави на Катица Јанева предметот за случајот „Сопот“, ќе зависи од Советот на јавни обвинители. Од Обвинителството за „Мета“ потврдија дека го добиле барањето на СЈО, но се обратиле до Советот на јавни обвинители и побарале од него да се произнесе околу тоа дали предметот треба да му биде даден на Специјалното јавно обвинителство.

Од ОЈО за организиран криминал велат дека за ова го известиле и СЈО.

„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција има добиено барање од Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за предметот „Сопот“ и по истото има постапено. Во рамките на своите надлежности, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се обрати до Советот на јавните обвинители на Република Македонија со барање Советот да се произнесе по однос на барањето за доставување на предметот за што го извести и Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, стои во одговорот на обвинителството на нашето прашање дали ОЈО за организиран криминал и корупција ќе му го достави предметот на СЈО или ќе бара насоки од Советот на јавни обвинители, како што беше случај со неколку други предмети.

Специјалното јавно обвинителство денеска соопшти дека на 4 ноември од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција го побарале предметот за случајот „Сопот“ за да одлучат дали овој предмет спаѓа во нивна надлежност, имајќи предвид „јавно објавен разговор од незаконски следените комуникации во враска со случајот“.

Станува збор за судски процес во врска со подметнатата експлозивна направа во близина на кумановското село Сопот, од која во 2003 година загинаа двајца припадници од контингентот на НАТО и еден македонски државјанин, за што подоцна беа осудени 11 лица, етнички Албанци.

Во еден од прислушуваните разговори што минатата година ги објави опозицијата, односно во „25. бомба“, поранешната министерка за внатрешни работи и ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков, разговараат за случајот „Сопот“ и за тоа каква пресуда треба да биде донесена против обвинетите.


СЈО го побара случајот „Сопот“ од Обвинителството за организиран криминал


Скопје, 24 ноември, 2016 - 14:11 (META) 

Специјалното јавно обвинителство на 4 неомври од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција побарало да му го достави предметот за случајот „Сопот“, соопштија денеска од СЈО.

„Предметот е побаран за да одлучиме дали овој предмет спаѓа во надлежноста на Специјалниот јавен обвинител, имајќи предвид јавно објавен разговор од незаконски следените комуникации“, стои во соопштението од кабинетот на Јанева.

Инаку, станува збор за судски процес во врска со подметнатата експлозивна направа, од која во 2003 година загинаа двајца припадници од контингентот на НАТО и еден македонски државјанин, за што подоцна беа осудени 11 Албанци.

Во еден од прислушуваните разговори, што минатата година ги објави опозицијата, односно во „25. бомба“,  поранешната министерка за внатрешни работи и ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков, разговараат за случајот „Сопот“ и за тоа каква пресуда треба да биде донесена против обвинетите.