Исплатата на субвенциите за тутунот ќе почне в четврток


Скопје, 15 мај, 2018 - 14:26 (META) 

Исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2017, ќе почне в четврток информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Според податоците од Агенцијата за финансиска поддршка, во земјоделството и руралниот развој зголемени субвенции ќе добијат над 23.400 тутунари, по просечна цена од 217,6 денари за килограм.

„Со новиот начин на зголемено субвенционирање во три нивоа кој започнува со реколтата 2017, субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари субвенција, за втора класа 70 денари и 60 денари е третото ниво за трета и четврта класа како и за дополнителни класи. Целта на новиот модел на субвенционирање е да се поттикнат тутунарите да произведуваат поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција“, се вели во соопштението на МЗШВ.


Субвенции за тутунот од реколтата 2017 ќе се исплаќаат од следната недела


Скопје, 8 мај, 2018 - 14:13 (META) 

Денеска во Службен весник се објавија измените и дополнувањата на Законот за земјоделство и рурален развој, со што, се создадоа законски услови за навремена исплата на субвенциите, меѓу кои е и исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2017, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

„Дел од измените на овој закон предвидуваат одложување на важноста на условите за подмирени обврски кон Управата за јавни приходи, што изминатите години беше пречка за исплата на субвенциите. Од денеска до крајот на оваа недела, Платежната агенција ќе ги спроведе законските контроли во откупните претпријатија, по што ќе следува обработка на решенијата за исплата на субвенциите за тутунот“, се вели во соопштението.

Според податоците, зголемени субвенции за тутунот од реколтата 2017 ќе добијат над 23.400 тутунари.

„Со новиот начин на зголемено субвенционирање во три нивоа кој започнува со реколтата 2017, субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари, за втора класа 70 денари и 60 денари е третото ниво за трета и четврта класа како и за дополнителни класи. Целта на новиот модел на субвенционирање е да се поттикнат тутунарите да произведуваат поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција“, додаваат од МЗШВ.

Тутуно-производството е значајна гранка за македонското земјоделство, која што носи девизен прилив од околу 100 милиони евра годишно.


Николовски: Тутунарите ќе добијат повисоки субвенции


Скопје, 13 февруари, 2018 - 15:54 (META) 

Тутунарите ќе добиваат повисоки субвенции почнувајќи од реколтата 2017 година, информираше денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Тој рече дека се направени измени во висината на субвенциите, со што, директно се стимулира производство на квалитетен тутун.

– Воведени се субвенции на три нивоа, и тоа, субвенцијата за прва класа тутун ќе изнесува 80 денари по килограм, што е прво ниво. За втората класа или второ ниво, предвидени се субвенции од 70 денари и третото ниво на субвенционирање изнесува 60 денари по килограм и важи за трета и четврта класа, како за двете дополнителни класи – изјави Николовски.

Политиките за развој на производството на тутун, како што информираше, ќе се реализираат и преку измените во новиот Закон за тутун и тутунски производи.

– Со новиот Закон кој е веќе подготвен и очекуваме да биде донесен наскоро, ќе се укине поднесување на евидентни листови. Тутунарите директно ќе склучуваат договори со откупните претпријатија. На овој начин им ја олеснуваме административната процедура за склучување на договорите за производство – додаде Николовски.

Тој оцени дека ланската реколта е една од најдобрите споредено со изминатите години. Просечната цена на еден килограм откупен тутун изнесува  217,5 денари.

– Согласно откупната цена по класи, вкупната исплатена сума кон тутунарите ќе биде над 80 милиони евра. Со зголемените субвенции ќе им бидат исплатени околу 28 милиони евра субвенции. Што значи дека реколтата 2017 година на 23.000 семејства им обезбедува приход од вкупно 100 милиони евра – појасни Николовски.


Откупени 19.000 тони тутун со просечна цена од 185 денари за килограм


Скопје, 28 март, 2016 - 14:31 (META) 

Ланската реколта на тутун се откупи целата до крајниот законски рок, 15 март. Откупени се вкупно 19.000 тони тутун со просечна цена од 185 денари за килограм.

– Иако квалитетна, реколтата потфрли за 25 до 30 отсто. Наместо 25.700 тони колку што откупувачите пријавија во Министерството за земјоделство, се откупија 19.000 тони. На ниските приноси, главно влијаеја три фактори: проблеми со расадо-производството, површините кои требаше да се засадат со тутун не се обработија поради обилните пролетни дождови и големите жештини изминатото лето, не дозволија тутунот да има повеќе листови – информираше Васко Ристовски од Стопанска комора на Македонија.

Наспроти малата количина, ланската реколта е квалитетна и тутунарите постигнаа добра просечна цена. Тутунарите, заедно со субвенциите од државата вкупно добија во просек по 4 евра за килограм тутун.

Во 2015 година, откупот на тутун беше намален за 24 отсто во однос на претходната година, додека просечната откупна цена беше зголемена за 58 отсто споредено со 2014 година, односно 21 отсто во однос на 2013 година.