Владата се изјасни негативно за предлог-амнестијата за настаните на 27 април


Скопје, 21 ноември, 2018 - 10:24 (META) 

На вчерашната 104. седница, Владата донела одлука да му додели кредит на металуршкиот комбинат „Југохром“ од Јегуновце за набавка на филтри.

Владата донела и негативно мислење за Предлог-закон за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 Април 2017 година, кој беше доставен од група пратеници во Собранието.

Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) ќе додели кредит на Друштвото за производство, трговија и услуги ЈУГОХРОМ АЛЗАР ДООЕЛ увоз-извоз Јегуновце, во износ од 92,24 милиони денари (1,5 милиони евра) за изградба на филтри кои би го спречувале загадувањето.

Откако филтрите ќе бидат вградени, „Југохром“ ќе може по подолго време да продолжи со работа и вработените да се вратат на своите работни места.

Владиниот кабинет вчера ја зголемил и вкупната сума субвенции за купени печки на пелети, од 14 милиони денари (227.640 евра) на 21 милион денари (341.460 евра), а разликата ќе се подели експресно. Министерството за економија ќе треба да објави втор Јавен оглас за вакви субвенции, на кој право на аплицирање ќе имаaт сите домаќинства кои купилее печки на пелети во периодот  од 1 септември  до 12 декември 2018 година.

Исто така, бил одобрен Предлог-Законот за данокот на личен доход како дел од даночната реформа за воведување на праведен данок и пензиската реформа за обезбедување на стабилен пензиски систем, и тој треба да биде испратен во Собранието.

Владата го задолжила Министерството за внатрешни работи во соработка со надлежните органи на државната управа и други институции да ги координира сите активности кои произлегуваат од реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем.

Дополнително, решено е Министерството за правда да го достави Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за судовите до Венециската комисија, од која се очекува да даде мислење за предложените измени и дополнувања.

Усвоена била и информација за изградба на Дом на спортови, по што Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, во соработка со Агенцијата за млади и спорт да почне подготовка за проектот и да рапортира на владата во рок од шест месеци.


Во Собрание презентирани модели за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем


Скопје, 8 ноември, 2018 - 12:46 (META) 

Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ги презентираше моделите за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем пред Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието.
Појдовна точка за оваа реформа е Извештајот на експертската група на Прибе од 2015 година, каде беа дадени сериозни критики за злоупотребата на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) преку системот за следење на комуникациите и преку концентрацијата на моќ.

– Една од забелешките велеше дека состојбата е резултат на „непочитување на професионалната етика, основните принципи на ризично управување и недостаток на познавање на чувствителноста на разузнавачите задачи во рамките на УБК. Беа дадени и забелешки за начинот на вработување и селекција во службата, како и недостатокот од изграден систем на постојана обука и усовршување на кадарот во Управата. И токму овие забелешки ги даваат насоките во кои треба да се движи и спроведе реформата на управата. Реформата на УБК не треба и не смее да се сведе само на нови законски решенија. Мора да постои долгорочна стратегија за тоа како да се реформира, но и како во иднина да се развива Управата. Изминатиов период работевме на враќање на угледот на професионална и релевантна служба, углед кој беше сериозно нарушен. Но, активностите не се доволни. Нужно се потребни структурни промени, воспоставување на нови, современи методи на работа на оваа служба. Ова е мотивирано од две причини. Првата е заштита на националните интереси на државата, што впрочем е и најважната улога на оваа служба. Втората е издигнување на службата на нивно на релевантен партнер во рамките во глобалната мрежа на безбедносно-разузнавачките служби – рече Спасовски.

Владата формираше меѓуресорска работна група, која има задача да понуди најсоодветен модел за реформа пред се на УБК, но и осврт на потребата од реформи во Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање, како и другите институции од оваа област.

– Реформата е неопходна и таа не смее да биде спроведена само проформа, туку напротив треба да биде сеопфатна и долгорочна. Токму затоа и не ветуваме дека реформата ќе ја завршиме одеднаш, за три месеци во целиот безбедносно-разузнавачки сектор.Како министер и човек кој долги години е дел од општествено-политичките процеси во нашата земја, ќе ги споделам со вас моите очекувања од оваа реформа: Да се создаде ефикасен систем за заштита на националната безбедност, кој нема да биде злоупотребен за партиско-политички цели. Функционирање на службите согласно меѓународните стандарди и правила, притоа штитејќи ги и гарантирајќи ги државните интереси, а тоа пред се значи дејствување на службите ослободени од политички влијанија. Воведување на современи методи на работење, преку кое ќе се зголеми нивната превентивна улога во справувањето со современите безбедносни закани – рече Спасовски.


Меѓуресорска работна група треба да предложи модел за реформа на УБК


Скопје, 3 октомври, 2018 - 10:49 (META) 

На предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата на 91. седница ја разгледа и усвои информацијата за потребата од формирање на Меѓуресорска работна група која ќе предложи модел на реформа на безбедносно – разузнавачкиот систем во Македонија со план за негово воспоставување, информираат од Владата.

„Министерот за внатрешни работи во рок од три дена од добивањето на номинациите е задолжен да достави до Владата, предлог- одлука за формирање на Меѓуресоска работна група која ќе предложи модел на реформа на безбедносно – разузнавачкиот систем во Македонија со план за негово воспоставување“, се вели во соопштението.

Министерот за внатрешни работи вчера информираше дека следниот период ќе се избере моделот по кој ќе се реформира УБК.

Во рамки на проектот изработен со ДИКАФ направена е анализа на оваа реформа, за која, како што истакна, постојат три модели.

– Ќе ги разгледаме во периодот на консултации, ќе разговараме со новинарите, дипломатскиот кор, академскиот сектор и на крај ќе одлучиме. Сакаме да ги видиме предностите и слабостите на секој од нив – додаде тој.


Прајваси интернешенел: Недоволен е надзорот врз тајните светски разузнавачки мрежи


Скопје, 25 април, 2018 - 17:21 (META) 

Во својот нов извештај, меѓународната мрежа составена од 40 невладини организации „Прајваси интернешенел“ алармира за загрижувачки број пропусти во инструментите за надзор што треба да го контролираат разменувањето податоци и информации помеѓу државните разузнавачки служби и нарушувањето на приватноста.

Истрагата што ја спровеле организации, преточена во извештајот „Тајните глобални мрежи за надгледување: Споделување на разузнавачки информации помеѓу владите и потребата од заштита“ посочува дека во време кога се врши масовно надгледување и владите се повеќе собираат огромни количества на дигитални информации за многу луѓе, не може повеќе да се користат само инструментите за надзор предвидени за времето кога постоело само прислушување телефони.

Според извештајот, најголемиот број земји во светот немаат законодавство што би го регулирало споделувањето разузнавачки информации. Во други земји пак станува збор за недоволно јасно дефинирани законски обврски.

Сето тоа е огромна закана за човековите права, се вели во извештајот.


Рускиот дипломат бил дел од обидите за инсталирање агенти во власта во Македонија?


Скопје, 27 март, 2018 - 11:11 (META) 

Протерувањето на рускиот дипломат не е само последица на солидарност за случајот „Скрипал“ туку тој бил вмешан и во активности на руското разузнавање за инсталирање на руски агенти во високите ешалони на дел од извршната власт, објави „Телевизија 24“,  повикувајќи се на „високи извори во македонската полиција“.

Македонското МНР вчера одлучи да протера руски дипломат како чин на солидарност за случајот Скрипал во координирана акција со 14 земји партнери.

„Денес ги известивме руските власти за нашата одлука да протераме еден руски дипломат, во тесна консултација со нашите партнери и сојузници, во целосна солидарност со Велика Британија, како и за да ги заштитиме сопствените безбедносни интереси на Македонија“, напиша вчера на „Твитер“ македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров.

На ова реагираше руската амбасада и на „Твитер“ профилот објави дека македонската страна ќе ги носи последиците од протерувањето на рускиот дипломат.

„Владата донесе одлука да протера руски дипломат. Целосна одговорност за последиците од оваа провокација и исклучително непријателски чин без преседан во руско-македонските односи ќе ја носи македонската страна“, објави руската амбасада.


Бугарскиот разузнавач што „го врбувал“ Љубчо Георгиевски, доби 15 години затвор


Софија, 23 јануари, 2018 - 17:47 (META) 

Затворска казна од 15 години и конфискација на имотот е денешната пресуда за поранешниот шеф на бугарската разузнавачка служба, генерал Кирчо Киров, јави бугарскиот „Де Факто“.
Киров го привлече вниманието на македонската јавност во 2015 година со тврдењето дека бугарската разузнавачка служба врбувала многу видни имиња во ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и нејзиниот прв претседател, Љубчо Георгиевски.

Тој е осуден за злоупотреба на 5 милиони лева (2,55 милиони евра) од парите за разузнавачка дејност до 1999 година. Софискиот Воен суд за соучесништво го осуди и Димитар Лидарев, полковник во резерва и поранешен функционер во Националната разузнавачка служба. Тој доби три годишна затворска казна и потоа пет години условно. Според пресудата, по налог на Киров, Лидарев подготвувал фалсфикат-документи за подигање пари и потоа ги подигал парите од благајната.

Многу детали за процесот се засега непознати и имаат статус на тајна. Процесот е почнат минатата година, кратко откако Воениот апелациски суд го врати на повторно судење првиот случај против Киров, во којшто тој исто така беше осуден. Повтореното судење заврши вчера, при што Киров исто така доби 15 години затвор, а беше наложено и конфискација на половина од неговиот имот. Во тој случај, Киров се товареше дека од 2007 до 2011 година проневерил долари и евра во вкупна вредност од 5,1 милиони лева.

Против Киров се води уште еден случај, за издавање државна тајна во 2014 година, кога во телевизиско интервју ги изнел деталите за спасување на бугарски возач од смртна казна во Иран.

Киров, кој е разрешен од функцијата во 2012 година, по девет години минати на тоа место, најави дека ќе ги обжали двете пресуди во Воениот апелациски суд.

Тој го привлече вниманието на јавноста во Македонија во 2015 година, со емисијата „Слободна зона“ со водителот Георги Коритаров, кога кажа дека имал активна улога во разбивање на СФРЈ, дека бугарското разузнавање врбувало членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои бил и првиот претседател на партијата, Љубчо Георгиевски.


Заев и амбасадорите на ЕУ и на САД разговараа за реформите на безбедносните служби


Скопје, 1 ноември, 2017 - 10:46 (META) 

Делегација на Владата на Република Македонија, предводена од премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како и од вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, вчера со евроамбасадорот Семуел Жбогар, амбасадорот на САД, Џес Бејли, на Велика Британија, Чарлс Гарет, на Холандија, Воутер Пломп, на Шведска, Матс Стафансон, како и со амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тејада, разговараше за заложбите на Владата за исполнување на предвидените активности во рамките на планот „3-6-9“ во насока на извештајот на Прибе, а кои се поврзани со реформите на разузнавачките и на безбедносните служби.

Како што соопштија од владината прес-служба, амбасадорите ја презентирале можноста во рамките на идните реформски активности во оваа насока да се вклучи Демократска контрола на вооружените сили (ДКВС) од Женева, посебно во поддршка на процесот на зајакнување на собраниската и на судската контрола врз службите.

Амбасадорите, како што се наведува во соопштението, искажале подготвеност на нивните влади да ги подржат овие суштински реформи во Македонија од технички и од финансиски аспект.

Заев на состанокот нагласил дека Владата се раководи од идејата реформата во оваа област да биде транспарентна, темелна и сеопфатна и да биде под целосна контрола на институциите.


Македонската Влада не била инволвирана во разузнавањето, утврдиле Димитров и Дачиќ


Ниш, 25 август, 2017 - 17:47 (META) 

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Србија, Никола Димитров и Ивица Дачиќ денеска во Ниш разговараа за последните случувања на релација Белград – Скопје, по обвинувањата од српските власти за офанзивни разузнавачки активности против Србија.

Министрите, како што соопштија на прес-конференцијата, детално ги разгледале доказите, по кои Белград го повлече персоналот на српската амбасада од Скопје и заклучиле, дека во таквите активности не е вклучена македонската влада.

Шефот на српската дипломатија истакна дека информациите за разузнавачките активности не се однесуваат на македонската Влада, туку на безбедносниот сектор, кој тоа го правел заедно со една странска држава. Дачиќ, сепак не сакаше да прецизира за која држава станува збор.

Димитров истакна дека областа на разузнавањето е деликатна и поради тоа не сакаат да шпекулираат за да не нанесат поголема штета.

– Допрва треба да се работи на разјаснување на тие информации. Ме радува ако испадне дека информациите се точни дека не е инволвирана македонската влада. Затоа особено е важно овие информации детално да се испитаат – рече Димитров.

Тој истакна дека на тензиите кои настанале изминатите денови може да се гледа како шанса за подобрување на односите меѓу двете земји.

– И од овие денови можеме да видиме нешто добро, а тоа е да ги подобриме односите. Да ги донесеме на едно подобро ниво отколку што беа пред неделата. Свесен сум колку јавноста е збунета и жедна за информации, но поради природата на тој сектор мислам дека во оваа фаза, навлегувањето во детали може да не однесе во погрешна насока – рече Димитров.

Министрите изразија задоволство од ваквиот канал на комуникација и се договориле тој да остане постојано отворен.

Дачиќ во контекст на подобрувањето на добрососедските односи рече дека многу билатерални теми не биле покренати на средбата, поради што најави продлабочување на комуникацијата и соработката меѓу двете, како што рече, традиционално пријателски земји.

Во меѓувреме, амбасадата на Србија денеска почна нормално да функционира, откако персоналот вчера се врати во Скопје. Амбасадорката Душанка Дивјак-Томиќ, според најавите, ќе се врати во Македонија на 31 август.


Дачиќ: Порака за Македонија – знаеме што сте договарале


Белград, 22 август, 2017 - 12:23 (META) 

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ денеска изјави дека одлуката на Србија да го повлече персоналот од амбасадата во Македонија всушност преставува порака до Скопје дека Србија „знае што се договарале и што се договориле“.

Тоа, како што истакна Дачиќ, не е нешто што им се прави на пријателите, но дека и покрај тоа Србија сака добри односи со сите држави во регионот поради мир и стабилност.

– Србија сака да ја смири новонастанатата ситуација со Македонија која не се базира на претпоставки, туку на недвосмислено утврдени факти кои говорат за засилено офанзивно дејствување кон Србија – изјави Дачиќ во утринската програма на телевизијата „Пинк“.

Српскиот министер за надворешни работи најави дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ утре телефонски ќе разговара со македонскиот премиер Зоран Заев, а дека тој ќе се слушне со неговиот колега Никола Димитров, но и дека српската премиерка Ана Брнабиќ ќе има прилика да се сретне со Заев на меѓународен собир овие денови.

Дачиќ истакна дека Србија не преземала и не презема ништо против Македонија сите овие години и дека била многу коректна и конструктивна и не се мешала во внатрешните работи на Македонија дури ни, како што вели, во турбулентните периоди кога имало секојдневни протести.

– Не постои ништо врз основа на што би можело да се утврди дека Србија презела било што би било против интересите на Македонија – додаде Дачиќ и потсети дека Македонија има проблем и дека не го разрешила прашањето за името на државата.

На пораката на македонската владата дека по прашањето на кандидатурата за Косово за членство во УНЕСКО ќе се води по ставовите на поголемиот број држави членки на ЕУ, Дачиќ вели дека ако Србија има став како ЕУ тогаш би можела да ја поништи претходната одлука и да ја признае Македонија под името со кое таа седи во Брисел – а тоа е БЈРМ.

Дачиќ вели дека и претходно постоеле разузнавачки дејствувања, но дека во последниот период имало наредби тие делувања да се зајакнат. Тој додаде дека не го загрижува тоа што го прислушувале неговиот телефон затоа што тоа што тој го зборува на телефон го кажува и јавно.


Британија ја прекина размената на разузнавачки податоци со САД


Лондон, 25 мај, 2017 - 11:11 (META) 

Британската полиција ја прекина размената на информации за терористичкиот напад во Манчестер со службите од САД.

Повеќе детали за нападот во Манчестер во кој загинаа 22 лица се појавија во американските медиуми, посебно телевизиите „Ен-би-си“ и „Си-би-ес“, пред британската полиција да ги пушти во британските медиуми.

Освен тоа, американските медиуми објавуваа фотографии кои наводно ја прикажуваат експлозивната направа користена во нападот во Манчестер. „Њујорк тајмс“ објави фотографии кои наводно го прикажуваат можниот детонатор, батеријата и навртките кои биле користени како шрапнели, како и делови од ранецот користен во нападот.

Првобитните процени за загинатите, името на напаѓачот… Сето тоа е објавено преку американските медиуми, врз основа на податоците кои изгледа ги доставиле американските разузнавачки извори.

„Би-би-си“ наведува дека полицијата во Манчестер се надева дека наскоро повторно ќе биде воспоставена нормалната размена на разузнавачките податоци, но дека „во моментов е бесна“.

Странските агенции јавуваат дека британската полиција соопштила дека протекувањето информации за терористичкиот напад во Манчестер ја загрозува истрагата.

Портпаролот на полициската единица за борба против тероризмот рече дека истражителите се „потпреле на довербата“ во партнерите ширум светот, но дека тие „односи и истрагата се загрозени кога довербата е нарушена“.

Британската премиерка Тереза Меј за време на состанокот со претседателот на САД Доналд Трамп на самитот на НАТО во Брисел изрази загриженост поради протекувањето информации, јавува „Гардијан“.

Размена на разузнавачките податоци има меѓу Велика Британија, САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд врз основа на спогодбата наречена „Пет очи“.