На вчерашната 104. седница, Владата донела одлука да му додели кредит на металуршкиот комбинат „Југохром“ од Јегуновце за набавка на филтри.

Владата донела и негативно мислење за Предлог-закон за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 Април 2017 година, кој беше доставен од група пратеници во Собранието.

Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) ќе додели кредит на Друштвото за производство, трговија и услуги ЈУГОХРОМ АЛЗАР ДООЕЛ увоз-извоз Јегуновце, во износ од 92,24 милиони денари (1,5 милиони евра) за изградба на филтри кои би го спречувале загадувањето.

Откако филтрите ќе бидат вградени, „Југохром“ ќе може по подолго време да продолжи со работа и вработените да се вратат на своите работни места.

Владиниот кабинет вчера ја зголемил и вкупната сума субвенции за купени печки на пелети, од 14 милиони денари (227.640 евра) на 21 милион денари (341.460 евра), а разликата ќе се подели експресно. Министерството за економија ќе треба да објави втор Јавен оглас за вакви субвенции, на кој право на аплицирање ќе имаaт сите домаќинства кои купилее печки на пелети во периодот  од 1 септември  до 12 декември 2018 година.

Исто така, бил одобрен Предлог-Законот за данокот на личен доход како дел од даночната реформа за воведување на праведен данок и пензиската реформа за обезбедување на стабилен пензиски систем, и тој треба да биде испратен во Собранието.

Владата го задолжила Министерството за внатрешни работи во соработка со надлежните органи на државната управа и други институции да ги координира сите активности кои произлегуваат од реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем.

Дополнително, решено е Министерството за правда да го достави Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за судовите до Венециската комисија, од која се очекува да даде мислење за предложените измени и дополнувања.

Усвоена била и информација за изградба на Дом на спортови, по што Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, во соработка со Агенцијата за млади и спорт да почне подготовка за проектот и да рапортира на владата во рок од шест месеци.