Фото: МНР на Бугарија

Странски специјални служби ги активирале своите дејствија за маргинализирање на бугарските надворешнополитички позиции, предупредува бугарската Државна агенција за национална сигурност (ДАНС) во својот годишен извештај за минатата година. Иако од контраразузнавањето не посочуваат кои точно служби го правеле тоа, од информацијата може да се претпостави дека нивната работа била насочена кон спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, пишува бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg.

Истовремено, вчера беше објавено и дека бугарското Министерство за надворешни работи ја повикало хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњановац, за објаснувања за „острите напади“ на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ врз бугарската политика во однос на евроинтеграцијата на Северна Македонија.

Во однос на извештајот на ДАНС, mediapool.bg пишува дека традиционално бугарското разузнавање и контрарарузнавање во своите јавни извештаи не посочуваат конкретни држави или теми.

„Во текот на 2020 година се активират дејствија на некои странски специјални служби, како дел од комплексни напори за маргинализирање на бугарски позиции во областа на надворешната политика, поврзани со заштита на националните интереси на линијата на државнотворен елемент, каков што е јазикот, како и во однос на нашата историја и култура“, се вели во извештајот на ДАНС, која посочува и дека „продолжуваат активностите за потпомагање на асимилациска политика кон бугарски заедници во странство, во склад со туѓи национални доктрини“.

Од Државната агенција „Разузнавање“, исто така велат дека продолжува „активната дејност на разузнавачки служби на други држави со интереси различни од бугарските и од оние на НАТО и на ЕУ“, пренесува бугарскиот медиум. Тој посочува дека ДАНС вели оти пандемијата „ја заострила глобалната политичка и економска конкуренција на фронот на долготрајната нестабилност во редица блиски на Република Бугарија реони и обиди на различни фактори за зачувување и раширување на сферите на доминација и влијание преку користење различни инструменти, вклучително и т.н. хибридни операции“

Ваквиот речник, иако не открива многу и не ја посочува директно официјална Москва, сепак посочува на руските служби, кои во својот арсенал обемно користат хибридни операции.

ДАНС нагласува и дека во ваквата ситуација значително поактивно биле користени и инструментите на т.н. мека сила, која вклучува и пристапи што популарно се нарекуваат „дипломатија на маските“ со геополитичка компонента. Тој процес е особено активен во Западен Балкан и во текот на 2021 година, каде Русија и Кина станаа основни добавувачи на вакцини, во ситуација на потешкотии на ЕУ да се организира вакцинацијата, пишува mediapool.bg.

Инаку, вчера хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњановац, беше повикана на разговор во бугарското МНР по наредба на министерот за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев. Причина за тоа е изјавата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој по самитот „Брдо -Бриони“ ги критикуваше условите што Бугарија ѝ ги поставува на Северна Македонија за почеток на преговорите со ЕУ.

Таа изјава официјална Софија ја оцени како „неприфатлива и неоправдана”, а на хрватската амбасадорка тоа ѝ го соопштил Румен Александров, генерален директор за европски прашања во бугарското МНР. Бугарскиот дипломат посочил дека процесот на европска интеграција треба да се заснова на сопствените достигнувања на секоја земја-кандидат, истовремено почитувајќи ги основните вредности на ЕУ, вклучително и принципот на добрососедство.

Хрватскиот претседател на 17и мај по самиот во Брдо кај Крањ изјави дека Северна Македонија е во невозможна позиција заради една земја членка на ЕУ. Тој не ја спомна Бугарија со име.

„Она што официјалната политика на една членка на Европската унија и го прави на Северна Македонија сега, е она што јас го нарекувам влегување во туѓото, влегување во интимен простор“, рече хрватскиот претседател.