Прајваси интернешенел: Недоволен е надзорот врз тајните светски разузнавачки мрежи


Скопје, 25 април, 2018 - 17:21 (META) 

Во својот нов извештај, меѓународната мрежа составена од 40 невладини организации „Прајваси интернешенел“ алармира за загрижувачки број пропусти во инструментите за надзор што треба да го контролираат разменувањето податоци и информации помеѓу државните разузнавачки служби и нарушувањето на приватноста.

Истрагата што ја спровеле организации, преточена во извештајот „Тајните глобални мрежи за надгледување: Споделување на разузнавачки информации помеѓу владите и потребата од заштита“ посочува дека во време кога се врши масовно надгледување и владите се повеќе собираат огромни количества на дигитални информации за многу луѓе, не може повеќе да се користат само инструментите за надзор предвидени за времето кога постоело само прислушување телефони.

Според извештајот, најголемиот број земји во светот немаат законодавство што би го регулирало споделувањето разузнавачки информации. Во други земји пак станува збор за недоволно јасно дефинирани законски обврски.

Сето тоа е огромна закана за човековите права, се вели во извештајот.


Дачиќ: Зошто ви пречат српските, а не американските, германските и другите разузнавачи


Белград, 29 мај, 2017 - 15:06 (META) 

Многу интересно е што, како што пишуваат некои медиуми, во македонското Собрание во текот на нередите имало и претставници на други странски служби, но Македонија не ги повика нивните амбасадори на разговор, рече шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ.

Тој нагласи дека амбасадорката на Србија во Македонија, Душанка Дивјак-Томиќ, имала коректен разговор во македонското Mинистерство за надворешни работи, каде беше повикана поради присуството на Горан Живаљевиќ, советник во српската амбасада и офицер на српската разузнавачка агенција БИА, во Собранието на 27 април. Притоа, како што рече Дачиќ, не се зборувало за мерки против него.

Српскиот министер за надворешни работи, одговарајќи на новинарско прашање, нагласи дека е чудно што од сите претставници на странски служби во македонското Собрание, се реагирало само за српскиот претставник.

– Не забележав дека Македонија ги повика нивните амбасадори да ги праша што прават таму… Не може да ви пречат само српските претставници, а да не ви пречат американските, германските, француските и други – рече Дачиќ.

Шефот на српската демократија, сепак, рече дека Србија ќе се труди да има најдобри односи со соседите, но и дека таа ќе се однесува со нив така како што тие се однесуваат со неа.


Само разузнавачи не недостигаат на листите за пратеници


Скопје, 13 ноември, 2016 - 11:32 (META) 

Политичките партии ги скроија кандидатиските листи за претстојните предвремени парламентарни избори, а она што, меѓу другите изненадувања, боде очи е што во првите редови во трката за пратеничкото столче на 11 декември се најдоа, како ретко досега, повеќемина поранешни шефови и високи функционери на тајната полиција и на МВР.

Ова се случува во време кога Македонија е потресена од политичка криза која беше иницирана токму од политичко-разузнавачки скандал со објавувањето на огромен број на незаконски прислушувани разговори, за кои сомневањата се дека се направени по нарачка на раководството на владејчката партија, а спроведени од Управата за безбедност и контраразузнавање.

Поранешните разузнавачи, како што може да се види, доминираат на пратеничките листи на партиите со десничарски и десничарско-центристички политичко-идеолошки профил.

Слободан Богоевски

  • Носител на кандидатската листа на Коалицијата за промени и правда (Демократкис сојуз, ФРОДЕМ, ДЕМОС и МОРО Работничка партија) во четвртата изборна единица. Од 1989 до 1995 година беше потсекретар на Службата за државна безбедност (по актуелната систематизација – директор на Управата за безбедност и контраразузнавање). Беше дел од т.н. „осуммина“, групата што на крајот на 1980-те и на почетокот на 1990-те беше носител на промените во МВР и на процесите за осамостојување на Македонија од СФРЈ. Осуден беше на 2 години затвор во 2013 година во случајот „Агент“ поради малверзации со продажба на државно земјиште. Сведок е во постапката што властите во САД ја водат за случајот „Маѓар телеком“.

Павле Трајанов

  • Претседател е на Демократскиот сојуз и носител на листа на Коалицијата за промени и правда во првата изборна единица. Од 1991 до 1993 беше потсекретар на Службата за јавна безбедност (денеска – Биро за јавна безбедност). Пријател е на Богоевски и исто така дел од „осуммината“. Од 1998 до 1999 беше министер за внатрешни работи во владата на Љубчо Георгиевски.

Љубе Бошкоски

  • Претседател е на Обединети за Македонија и поранешен член на ВМРО-ДПМНЕ. Носител е на листа на Коалицијата ВМРО за Македонија (ВМРО-Народна партија, Обединети за Македонија и Достоинство). Беше заменик-директор на Упрвата за безбедност и контраразузнавање од 1998 до 2001 година, а од 2001 до 2002 беше министер за внатрешни работи во владата на Љубчо Георгиевски за време на конфликтот во 2001 година. Суден е и прогласен за невин од Меѓународниот суд во Хаг за случајот со настаните во скопското село Љуботен од 2001 година. Беше уапсен на 6 јуни 2011 година, ден по изборите, и осуден на пет години затвор за незаконско финансирање изборна кампања.

Јанко Бачев

  • Претседател е на Народно движење за Македонија и носител на листа на НДМ во четвртата изборна единица. Од 1994 до 2002 година работеше во МВР, односно во Управата за безбедност и контраразузнавање (тогаш Дирекција за безбедност и контраразузнавање), а извесен период беше и началник во УБК.

Воените разузнавачи од ЈИЕ ги проценуваа мигрантската криза и тероризмот


Кишињев, 20 октомври, 2016 - 16:32 (META) 

Шефовите на воените разузнавачки служби на земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ), меѓу кои и од Македонија, денеска расправаа за опасностите од мигрантската криза и за радикализацијата на националниот екстремизам, кој води до тероризам.

Состанокот кој се оддржува во Кишињев, Молдавија, е во рамките на регионална иницијатива со која претседава Регионалниот совет за соработка (РCC) и една од земјите од ЈИЕ кои се менуваат годишно, а во моментот тоа е Молдавија.

– Професионалците кои се занимаваат со военото разузнавање се во најдобра позиција да најдат начини за надминување на неконвенционалните безбедносни закани, вклучувајќи ја тука и миграцијата од огромни размери – изјавил државниот секретар во министерството за одбрана на Молдавија, Аурел Фондос.

Генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Горан Свилановиќ, како што соопшти РCC, предупредил дека заканите постојат и повикал на прагматична заедничка соработка.

– Нашиот регион се соочува со бројни домашни предизвици, но и со тие што потекнуваат од други делови од светот. Што се однесува до регионалната соработка, треба да бидеме прагматични, ефективни и да се свртиме кон резултатите – изјавил Свилановиќ.

Соработката во безбедносниот сектор е во рамките на Процесот за соработка во ЈИЕ (SEECP), чие оперативно тело е Регионалниот совет за соработка, а основач и полноправен член на процесот е и Македонија.


ЦИА и други разузнавачки служби ги користеле услугите на „Мосак Фонсека“


Минхен, 12 април, 2016 - 12:58 (META) 

Разузнавачки служби од различни земји, вклучувајќи ја и американската Централна известувачка агенција (ЦИА), ги користеле услугите на панамската адвокатска компанија „Мосак Фонсека“ и отворале офшор-компании за да ги прикријат своите активности, јавуваат германските медиуми.

– Тајните агенти и нивните соработници ги користеле услугите на таа компанија – пишува „Зидојче цајтунг“, кој прв дојде до 11,5 милиони документи познати како „Панама пејперс“.

Овие документи откриле дека актуелни, но и поранешни високи официјални лица на тајните служби на најмалку три земји, Саудиска Арабија, Колумбија и Руанда, се меѓу клиентите на таа компанија, пишува весникот.