!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Пролетна атмосфера во Охрид на првиот пролетен ден


Охрид, 20 март, 2017 - 18:25 (META) 

Првиот ден на пролетта, донесе и атмосфера на пролет во македонскиот туристички центар Охрид. Сончевото, пријатно и топло време, ги наполни шеталиштата, крајезерскиот кеј, отворените летни бавчи на кафулињата и на рестораните.

Од хотелите информираат дека имаат мал број гости од Турција и од Шведска, а дека изминатиов викенд престојувале гости од Албанија, Грција и од други соседни земји, како и група Кинези од познатата балканска тура, која во Македонија ги содржи градовите Скопје и Охрид.

Отсега и Јапонците ќе бидат дел од балканската туристичка тура.

Агенцијата за промоција и за поддршка на туризмот на Република Македонија и Јапонската агенција за меѓународна соработка (Japanese international cooperation agency) потпишаа меморандум за соработка, со кој нашата земја, заедно со другите земји на Балканот, Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, ќе го промовираат регионот во Јапонија.

Преку оваа тура изминативе години Македонија ја посетија бројни туристи од Кина, Јужна Кореја и од други земји на Далечниот Исток.


Уапсен Павле Богоевски, „Шарена револуција“ повикува на протест


Скопје, 19 јуни, 2016 - 21:33 (META) 

Полицијата вечерва го приведе активистот на „Шарената револуција“, Павле Богоевски, при обид да спроведе герила-акција на Камениот мост, спроти Музејот на ВМРО, каде се одржува роденденската забава на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Активистите на „Шарена револуција“ од плоштадот Македонија се обиделе да поминат преку Камениот мост и да стигнат до музејот, но полицијата ги спречила. Камениот мост е затворен за движење, односно дозволено е да се премине од Музејот на ВМРО кон плоштадот, но не и во обратна насока.

Полицијата не им дозволи на активистите да постават транспаренти ниту на кејот на реката Вардар.

Во меѓувреме, приврзаниците на „Шарената револуција“ на социјалните мрежи повикаа на собирање пред полициската станица Пролет, каде е проведен Богоевски.


Претпладне облачно, попладне со дожд


Скопје, 1 мај, 2016 - 10:17 (META) 

Времето денеска во Македонија ќе биде променливо облачно и релативно топло. Попладне и во вечерните часови, почнувајќи од запад, ќе има врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни со ретки грмежи. Ќе дува слаб, а долж Повардарието и во источните делови умерен ветер од југоисточен правец.

Температурата ќе се движи од 12 до 25 Целзиусови степени.

Во Скопје и во околината се очекува слично време со температура до 23 Целзиусови степени.


Денеска потопло време со мала облачност


Скопје, 30 април, 2016 - 10:02 (META) 

Времето денеска во Македонија ќе биде сончево и потопло, со мала до умерена облачност и со слаб до умерен јужен ветер.

Температурата ќе се движи од 18 до 25 Целзиусови степени.

Во Скопје времето ќе биде сончево, со мала до умерена облачност и со слаб до умерен јужен ветер.

Температурата ќе достигне до 23 Целзиусови степени.

УВ-индексот ќе изнесува 6.


Првиот пролетен ден ќе биде сончев


Сонце, 20 март, 2016 - 9:57 (META) 

Денеска времето ќе биде сончево и претежно ведро. До вечер се очекува постепено наоблачување во северниот регион.

Максималната температура ќе се движи од 16 до 19 Целзиусови степени.

Пролетта на северната хемисфера почна денеска, во 5.30 часот. Во исто време на јужната полутопка на Земјата настапи есента.

Пролетта обично почнува на 21 март, а тоа е ден кога ноќта и денот траат еднакво. Оваа година пристигна еден ден порано затоа што е престапна година.

Првиот пролетен ден во Македонија ќе трае 12 часа и 7 минути.

Пролета ќе трае до 21 јуни, кога, 35 минути по полноќ, календарски ќе почне летото.


Почетокот на пролетта одбележан со „Прв до врв“


Скопје, 22 март, 2015 - 10:15 (META) 

Неколку илјади граѓани денеска се вклучија во пролетното издание на „Прв до врв“, трка организирана во знакот на почетокот на пролетта.

Маратонската трка почна пред училиштето „Кочо Рацин“, од каде учесниците се упатија кон врвот на Водно. На врвот на планината ќе се одржи забава со диџеј Милан Бибановски.

Најбрзите 300 ќе бидат наградени со книги за здрав начин на живот и за здрава исхрана, а еко-партнерот „Пакомак“ ќе подели едукативни еколошки речници и ќе се погрижи за хигиената и за зачувувањето на природната околина на Водно.

Во настанот традиционално учествуваат планинари, велосипедисти, спортисти, рекреативци.

Главниот настан „Прв до врв 2015“ со организирани натпревари во планинско трчање, планински и со друмски велосипедизам, е закажан за 24 мај.

Настанот е во организација на здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“.


Одбележан почетокот на пролетта


Скопје, 20 март, 2015 - 13:05 (META) 

Со низа активности за заштита на животната средина, денеска почна одбележувањето на манифестацијата „Денови на пролетта – денови на екологијата 2015“.

Во паркот на природата Гази Баба се одржаа едукативни предавања за заштита на бувот, како и акција за садење дрвца, на која присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, членови на Советот на Град Скопје и претставници од Општина Чаир.

Градоначалникот Трајановски ги поздрави присутните, ја посочи важноста од заштитата на животната средина и потребата од вклученост на сите нас за нејзино зачувување.

Едукативните предавања во паркот на природата Гази Баба за значењето и за заштитата на бувот, на децата од градинката „Детска радост“ од Гази Баба, ги спроведе Македонското здружение за заштита на бувови („Macedonia owl trust“), во рамките на кампањата „Ајде да го заштитиме бувот“. Во рамки на оваа активност беа поставени и повеќе куќарки за бувови на оваа локација.
Акција за садење дрвја се одржа и на Средно Водно, кај почетната станица на жичницата, каде претставници на Градот Скопје во соработка со Друштвото за управување со пакувања и отпад од пакувања „ПАКОМАК“ засадија 60 дрвја, а се поставуваат и табли со еколошки пораки и историски податоци за Скопје по должината на планинарските патеки на парк-шумата Водно. Овие активности се одвиваат со ученици од основните училишта и од Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“-Скопје.


Мудијалот во Катар ќе се игра во мај


Доха, 30 октомври, 2014 - 12:46 (META) 

Светското првенство во фудбал во Катар ќе се игра на пролет затоа што Асоцијацијата на најмоќните европските клубови не прифати тоа да се одржи зиме, бидејќи тоа би ја нарушило целата сезона. Летото, пак, отпаѓа како опција поради високите температури.

Новиот план на најмоќните клубови подразбира светскиот шампионат да се игра на пролет, односно на крајот од април.

Мундијалот би траел до крајот на мај, а тогаш температурите се слични на оние во Мексико, Бразил и во САД, каде веќе се играле светски првенства.