Граѓаните од дома ќе можат да ја следат постапката за откуп на дворно место


Скопје, 11 јануари, 2019 - 12:31 (META) 

Од второто тримесечје годинава, граѓаните ќе можат да си го следат својот предмет за приватизација на градежното место од дома. Ова беше истакнато на денешната работна средба на министерот за финансии, Драган Тевдовски со директорката на Управата за имотно правни работи, Шасине Касами.

„До крајот на март, планирано е сите предмети за приватизација на градежно земјиште да бидат внесени во системот по што ќе биде развиена дополнителна можност за пристап во системот на самите поднeсители на барања, кои во секој момент ќе имаат увид во статусот на нивното поднесено барање“, се вели во соопштението на Министерство за финансии.

Годинава, ќе се менува и Законот за приватизација на градежното земјиште со цел упростување и прецизирање на постапките. Воедно се работи и на измени со цел забрзување на постапката за решавање на предметите кои се однесуваат на колективните станбени згради.


Продолжен рокот за приватизација на државно земјиште до 2021 година


Скопје, 5 јуни, 2018 - 10:22 (META) 

Граѓаните повторно ќе можат да поднесуваат барања за приватизација на земјиште во државна сопственост, информираат од Министерството за финансии.

Од таму соопштуваат дека се подготвени измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, со кои се пролонгира рокот за поднесување на барање за приватизација на земјиштето.

„Со измените се даваат дополнителни три години рок, односно можност барањата да се поднесуваат до 31 декември 2021 година. Инаку рокот за поднесување на барања истече на 15 декември 2014 година и од тој датум досега не можеа да се поднесуваат барања за приватизација.Во изминатиот период пристигнаа многу реакции од граѓани кои не успеале да го запазат рокот за поднесување барање за приватизација. Станува збор за граѓани кои живееле во странство, но и граѓани кои живеат во земјава, а не успеале да поднесат барање во рокот“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека, бидејќи се продолжува рокот за поднесување барања, се пролонгираат и примените на одредбите за закуп, односно се одложува утврдување на кирија за оние кои нема да го приватизираат земјиштето.

„Освен рокот за барања за приватизација, се пролонгира и рокот за поднесување пријава за промена од корисничко право во право на сопственост. Рокот за ова барање се пролонгира до 31 декември 2022 година.Исто така, се продолжува и рокот за барање за промена на барателот на приватизација на градежно земјиште. На пример, ако едно лице купи објект кое се наоѓа на земјиште кое е во постапка на приватизација, со измените на законот наместо 30 ќе му стојат на располагање 60 дена за поднесување на барање за промена на барател за приватизација. Досегашната примена на законот покажала дека рокот од 30 дена е прекраток, па измените со измените се излегува во пресрет на граѓаните“, се додава во соопштението.


Сачевалиев сведочеше дека го наведувал Заев


Скопје, 26 март, 2018 - 17:05 (META) 

Иван Николов Сачевалиев, главниот сведок во случајот „Поткуп“ против Зоран Заев на денешното рочиште во Основен суд Скопје 1 сведочеше дека кога одел кај поранешниот градоначалник на Струмица опремен со камери, го наведувал обвинетиот Заев да изговара реченици за потребите на МВР и Обвинителството за организиран криминал, известува „СДК“.

– Обвинетиот го снимав на закажаната средба во кабинетот на Заев. Првин МВР ме спреми, па потоа отидов на средбата. Како ќе ми наредеше обвинителот, така правев. Откако ја имав таа опрема на себе, јас го терав Заев тој да го каже тоа што го има на снимката – одговори Николов на прашање на судијката Добрила Кацарска.

Заев и одбраната во текот на шест и пол часа долгото рочиште тврдеа дека се работи за полициски-обвинителска местенка со агент – провокатор, за што не постои наредба од обвинител.

Инаку, Заев и бизнисменот кој денеска сведочи против него во „Поткуп“ последен пат се слушнале дента кога СДСМ објави неколку „бомби“ во Универзална сала.

– Дали ви се јавив и ве прашав: Иво како не ти е срам, со месеци и можеби години се обидуваш да ме наместиш? Дедо си, внуци имаш. Никогаш си немал ниту еден проблем од мене или моето семејство. Зошто се обидуваш да ме наместиш? – Заев го прашуваше Сачевалиев.

Заев и неговите адвокати пак, рекоа ќе донесат докази дека истрагата против бизнисменот е прекината кога тој го пријавил поткупот што му бил баран.

Следното рочиште за „Поткуп“ ќе се одржи на 12 април.


Обвинителството бара на Сокол Митревски да му биде забрането да го напушта Скопје


Скопје, 1 ноември, 2017 - 17:51 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека е отворена истражна постапка против девет лица за злоупотреба на службената положба и овластување.

Осомничените лица, меѓу кои е и поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски, се товарат дека во 2014 година постапиле незаконски при одлучувањето во постапки за поднесени барања за утврдување правен статус на бесправни објекти, со што нанеле штета во висина од 4.100.090 денари, односно 66.550 евра.

Според Обвинителството, осомничените незаконски спровеле постапка за легализација на три објекти и приватизација на општинското земјиште по цена од едно евро за еден квадратен метар, иако пазарната цена била значително повисока.

Надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка поднел предлог за определување мерки за обезбедување за шестмина од осомничените. Како мерки за обезбедување се предложени забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавуваат во суд и одземање на патна исправа.


Митревски осомничен за продажба на општинско земјиште за едно евро за квадратен метар


Скопје, 1 ноември, 2017 - 11:23 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје потврди дека води постапка против повеќе лица осомничени за незаконско приватизирање на земјиште кое е сопственост на една општина.

Во соопштението на Обвинителството не е наведен идентитетот на осомничените лица ниту, пак, името на општината, но извесно е дека станува збор за поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски, како еден од осомничените лица.

Според Обвинителството, осомничените незаконски спровеле постапка за легализација на три објекти и приватизација на општинското земјиште по цена од едно евро за еден квадратен метар, иако пазарната била значително повисока.

„На приватизацијата ѝ претходела постапка за утврдување на статусот на незаконито изградени три објекти, која била реализирана спротивно на закон. Како резултат на оваа постапка, извршена е легализација на објектите и приватизација на земјиштето. Со тоа е овозможено земјиштето да биде откупено по цена од едно евро за еден квадратен метар, додека пазарната цена на лицитација по редовна постапка би била значително повисока“, стои во соопштението на ОЈО Скопје, во кое се додава дека за повеќе детали во врска со текот на постапката, навремено ќе ја информираат јавноста.

Поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски, како што потврдија за „Мета“ извори од истрагата, утрово бил приведен од полицијата и, според неофицијални информации, однесен во една од полициските станици во Скопје.


СДС да престане со манипулации и лаги за стечајците, велат од ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 18 август, 2017 - 11:17 (META) 

Крајно лицемерно е СДС да зборува за социјална заштита и грижа за функционирањето на социјалните работници, кога додека беа на власт, со прст не мрднаа за подобрување на системот на социјална заштита, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ за стечајните работници.

Во него се додава дека „СДС остави на улица 200.000 работници и стави клуч на 684 фабрики оставајќи без никаква егзистенција стотици илјади деца.“

„СДС е гробар на македонската економија. Десетици години и требаа на државата да излезе од провалијата во која што ја втурнаа. Врз грбот на граѓаните се прекршија сите приватизации додека олигарсите на СДС го зголемуваа своето богатство“, се додава во соопштението.


Со германски, грчки и со француски капитал ќе се приватизира солунското пристаниште


Солун, 25 април, 2017 - 14:44 (META) 

Нов сопственик на солунското пристаниште ќе биде конзорциум од германска, грчка и од француска компанија, во кој е вклучен и рускиот бизнисмен со грчко потекло, Иван Савидис.

Грчкиот фонд за приватизација ја избра понудата на конзорциумот составен од германската „Дојче инвест еквити партнерс“, „Белтера инвестментс“ на Савидис и од француската „Терминал линк САС“, кој понуди 231,9 милиони евра за преземање на контролата на 67 отсто од акциите на пристаништето и за негова приватизација.

Проценките на фондот за приватизација на Грција се дека финалната цена и инвестициите на пристаништето се многу повисоки и ќе достигнат околу 1,1 милијарди евра. Избраниот конзорциум треба да инвестира, покрај платената сума, и околу 180 милиони евра во следните седум години за унапредување на пристаништето, да ја плати сумата за преземање на акциите која ќе биде околу 170 милиони евра.

Одобрувањето на приватизацијата треба да добие зелено светло и од грчкиот парламент и ако успее да помине без проблеми, конзорциумот најрано би го презел солунското пристаниште кон крајот на летото.

Од „Белтера инвестментс“, компанијата на Савидис, во соопштението за преземање на пристаништето велат дека се надеваат оти тоа ќе биде клучен играч на Балканот, Европа и во светот, со своите услуги.

Савидис е еден од најактивните руско-грчки бизнисмени во државата. Сопственик е на клубот ПАОК, а успеа да добие и една од четирите телевизиски концесии во државата според новиот закон за медиуми, кој потоа падна на Уставен суд, а под негова капа е и луксузниот хотел „Македонија Палас“ на солунската ривиера.


Собраниска комисија ја истражува приватизацијата на албанската електродистрибуција


Тирана, 16 јануари, 2017 - 21:02 (META) 

Собраниската комисија формирана за испитување на приватизацијата на албанскиот оператор за дистрибуција на електрична енергија на чешката компанија ЧЕЗ од 2010 година, денеска одржа седница предводена од претседателот, Таулант Бала, и побара властите да го изведат пред суд Нуел Калај, кој е осомничен дека работел како посредник меѓу владата и чешката фирма.

Седницата беше емитувана во живо на повеќе телевизиски канали.

Бала покажа електронски пораки разменети помеѓу Калај и претставници на чешката ЧЕЗ во Албанија и во Прага. Друг документ открива како Калај повлекол 7 милиони евра од банка само неколку дена откако се случил договорот за приватизација. Префрлањето пари кај Калај било направено од страна на чешката компанија.

Бала вели дека во електронската конверзацијата се споменува и поранешниот албански премиер Сали Бериша и неговиот син, Шкелзен, и тие покажуваат дека ЧЕЗ била фаворизирана преку критериумите за селекција.

Ридван Боде, пратеник од опозицијата и член на комисијата, апелираше до претседателот Бала да не брза со заклучоци, без да бидат сослушани лицата кои се вклучени во овој случај.


Европските кредитори бараат нови построги мерки за штедење од Грција


Атина, 1 декември, 2016 - 9:58 (META) 

Грција ја очекуваат нови отпуштања во јавниот сектор и итна приватизација на државни компании доколку грчката влада се согласи на барањата на кредиторите за кои се преговара, пренесува весникот „Та неа“. Потенцијалниот договор со кој би се затворила втората проценка на сработеното од грчката влада, се оценува дека ќе донесе ново финансиско стегање на ременот за грчките граѓани.

Според „Та неа“, доколку се постигне договор, бројката на масовни отпуштања ќе се зголеми од 5 на 10 отсто, а воедно и ќе се укине административното одобрување за масовни отпуштања и таа улога ќе ја добие Високиот совет за труд, кој, во суштина, нема да може да ги одбива одлуките за масовни отпуштања туку само ќе може да го провери легитимитетот на одлуката.

Одлуките за протести, наместо со најава од 24 часа, ќе мора да се најават 48 часат пред протестот, со што автоматски се влијае на работничкото право на протест и на штрајк. Ќе мора да се воведат шест нови патарини со кои дополнително ќе поскапи патувањето низ Грција, и тоа кај Солун, Аспровалта и Кавала.

Една од мерките ќе биде и итно вработување нови советници за приватизација на државната компанија „Хеленик петролеум“, компанијата за вода, гас, телекомуникации и 30 отсто од атинскиот аеродром и итна продажба, до крајот на годината, на дел од компанијата за електродистрибуција.

Приватизацијата сè уште е една од најболните точки на сите грчки влади. Државата доживеа нов неуспех на овој фронт бидејќи пропадна договорот за продажба на мнозинските акции од една од државните компании за гас ДЕСФА, која требаше да ја преземе азербејџанскиот гигант за природен гас „Сокар“, кој го обезбедува и гасот за Трансјадранскиот гасовод.


Во октомври истекува рокот за понудите за приватизација на солунското пристаниште


Солун, 25 август, 2016 - 12:30 (META) 

Грчкиот фонд за приватизација во октомври ги очекува финалните понуди за приватизација на солунското пристаниште. Заинтересираните компании ќе треба да ги поднесат своите понуди на отворениот тендер до почетокот на октомври за преземање на мнозинскиот пакет од 67 отсто од акциите на солунското пристаниште.

Во првата фаза од тендерот за приватизација на второто најголемо пристаниште во државата, кое значително го користат и македонските компании, се влезени осум заинтересирани компании. За солунското пристаниште се борат „АПМ Терминалс“, подружница на „Маерск“, германската компанија „Дојче инвест“, „Дуферко“, филипинската ИЦТС, јапонската „Митсуи“, „Пи енд О стим навигејшн компани“ која е дел од „Дубао портс“, конзорциумот на Руската железница со грчката ГЕК-Терна и турската компанија „Тилпорт холдинг“.

Секоја од компаниите со новите услови за приватизација ќе мора да се обврзе да инвестира 220 милиони евра за осовременување на инфраструктурата на пристаништето.
Одлуката за приватизација на пристаништето наиде на големи реакции од вработените, кои штрајкуваа два месеци со блокада на работата на пристаништето за да издејствуваат подобри колективни договори. Штрајкот предизвика големи загуби и главоболки за пристаништето и значително влијаеше на нарушување на имиџот на овој клучен европски пристанишен центар, кој поради местоположбата и железничката поврзаност преку Македонија, се користи за увоз и за извоз од голем број светски и европски компании.

Според информациите во Грција, изминатата година преку Солун биле пренесени речиси 7 милиони тони стоки и производи.