Фото: Елион Јашари

Одговарајќи на прашање на „Порталб.мк“, премиерот Зоран Заев ги откри дел од државите што моментално се интересираат за целосно или делумно купување на Попова Шапка. „Се работи за сериозни инвеститори од Катар, Австрија, Италија и Швајцарија“, вели тој. Според него, најдобро ќе беше државата да не се откаже целосно од овој туристички центар. Цивилното општество апелира идниот инвеститор да биде внимателно избран, пишува „Порталб.мк“.

Сѐ уште не е познато дали Попова Шапка ќе се приватизира целосно или делумно. Сепак, премиерот Заев претпочита овој туристички центар да биде во партнерство со некој приватен инвеститор, бидејќи како што истакна тој, државата не троши туку само добива на овој начин.

„Физибилити студијата ни дава за право да пристапиме кон целосно јавно приватно партнерство. Јас би оставил државата да биде партнер. Во првите заложби се обидуваме да одиме со јавно приватно партнерство, и гледаме дека има интерес, досега десет поголеми европски компании изразија интерес, ова ни дава за право да продолжиме со јавното приватно партнерство. Бидејќи, за државата останува трајната вредност, не вложуваме државни пари, а добивката е сериозна“ рече Заев.

За прв пат, премиерот спомна конкретни држави што се интересираат за целосно или делумно купување на овој туристички центар. Тој спомена дека земјата бара порационален партнер за управување со Попова Шапка.

„Во преговори сме со сериозен инвеститор, ви кажувам, тука има од Катар, со сериозни намери да инвестираат во овој туристички центар, има интерес и од инвеститори од Швајцарија, Италија, Германија и Австрија. Јас верувам дека ќе се најдат сериозни инвеститори да го развијат овој прекрасен потенцијал за државата“ додаде премиерот Заев.

Како би функционирало ова во пракса?

Премиерот спомна неколку од богатствата на државата што би можело да му ги понуди на приватниот партнер, на овој начин да се генерира и процентот што му припаѓа на државата. Тој смета дека државата не треба целосно да се откаже од овој туристички центар.

„Државата на пример може да ги понуди хотелите, жичарите, локацијата, концесиите а приватниот партнер нека вложува пари, со бизнис план ќе ја определиме вредноста на сето ова, и така да се утврди и процентот на државата. Добро е кога државата е партнер на приватниот инвеститор, бидејќи ова му дава моќ и важност на државата во целиот проект, затоа јас повеќе сум за јавно приватно партнерство“ истакна премиерот Заев.

Меѓутоа, Заев не ја исклучи ниту можноста за приватизација на Попова Шапка, во случај да не успее партнерството, тогаш државата ќе биде принудена целосно да ги продаде богатствата на овој туристички центар.

Влада на РСМ: Ќе биде објавен јавниот повик во текот на идната година

„Подготвени сме во текот на следната година да го објавиме јавниот повик за целосно приватизирање на туристичкиот центар Попова Шапка или за јавно приватно партнерство. Угостителските објекти во Попова Шапка кои се управувани од ЕЛЕМ Турс, согласно физибилити студијата, ќе бидат понудени за непосредна приватизација“ рече портпаролот на Владата, Душко Арсовски на 15 декември.

Иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“: Идниот инвеститор да се избере внимателно

Арменд Лута од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ спомена неколку од условите што треба да ги исполни потенцијалната компанија кој во иднина би управувала со Попова Шапка. Тој апелираше државата внимателно да го направи изборот.

„Нашиот став е јасен и концизен: Идниот инвеститор треба да биде сериозен и да има најмалку 20 години искуство и позитивни референции за управување со други слични центри при што покажал успех како и туристички и економски развој во соодветната земја. Нема да дозволиме во ниту еден момент, Попова Шапка да стане игра на политички пазари и во ниту еден момент нема да дозволиме инсталирање на нов „ЕЛЕМ“ што ќе продолжи со понатамошното уништување на овој туристички центар. Затоа ќе бараме од соодветните власти да ги објават сите детали за условите и начинот на спроведување на договорот со новиот изведувач со цел да се следи секој чекор да не се воспостави нов уништувач во Попова Шапка“, додаде Арменд Лута.

Дали ви одговара целосно или делумно приватизирање на бизнисите во Попова Шапка?

Александар Кузмановски од Здружението на угостители на Северна Македонија последново го процени како добра идеја, и истакна дека е време неискористениот потенцијал на Попова Шапка да се врати во функција.

„Сметаме дека ова е добра идеја. Во суштина секоја идеја содржи нови добри можности. Не слушнавме како ќе се продаде Попова Шапка, меѓутоа сметаме дека како решение е добро бидејќи таму не се случува ништо со години, се изгубија многу работни места. Попова Шапка има потенцијал што заслужува да се искористи“ рече Александар Кузмановски од Здружението на угостители на Северна Македонија.

Граѓанин кој во текот на зимската сезона издава вили во Попова Шапка, а го контактиравме преку една реклама на „Фејсбук“, за „Порталб.мк“ рече дека ја изгубиле довербата во управувањето на државата со овој центар и затоа секој странски инвеститор е добредојден.

„Ние сме ја изгубиле надежта или довербата дека државата може да инвестира или да направи нешто добро за Попова Шапка. Некогаш звучи болно фактот што продаваме нешто наше, меѓутоа, многу подобро некој странец и да управува добро отколку да е некој наш а да уништува“, рече тој.

Инаку, на 16 декември за прв пат оваа зима се пуштија во употреба жичарите „Св. Илија“ и „Церипашана“ и ски-лифтовите „Аеродром“ и „Ге“, поради тоа што претходно се работело на подготовка на терените. Жичарата со шест седишта што беше пуштена во употреба во февруари 2020 година, не е ставена во функција во овој зимски период.