!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Хрватска и официјално објави дека го повлекува новиот правилник за увоз


Скопје, 10 август, 2017 - 15:36 (META) 

Веста за повлекување на новиот и за враќање на стариот правилник за увоз на овошје и на зеленчук, е објавена на официјалната веб-страница на Министерството за земјоделство на Хрватска, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Со враќањето на стариот правилник, трошоците за контрола на квалитет на овошјето и на зеленчукот од трети земји остануваат 12 евра по производ.

– Одлуката на Хрватска за враќање на старите цени за инспекциски контроли за увоз на зеленчук и на овошје од трети земји, е позитивна за македонските компании кои извезуваат во Хрватска – велат од МЗШВ.

Одлуката на Хрватска доаѓа по само три дена од заедничкиот состанок на надлежните министри од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора, кој се одржа во понеделникот во Сараево. На состанокот беа донесени заеднички заклучоци и тие беа испратени до Европската комисија и до Хрватска.

Следниот месец е договорен состанок на надлежните министри од регионот во Скопје, на кој ќе се разговара за тоа како да се отстранат бариерите што ја загрозуваат слободната трговија.


Николовски телефонски разговарал со Толушиќ за крај на трговската војна со Хрватска


Скопје, 8 август, 2017 - 14:03 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска телефонски разговарал со министерот за земјоделство на Хрватска, Томислав Толушиќ, поради новиот правилник за увоз на овошје и на зеленчук, што Хрватска го донесе на 15 јули, при што значително се зголемуваат трошоците при извоз на македонското свежо овошје и зеленчук.

„Во текот на денешниот ден, министерот Николовски оствари телефонски разговор и со министерот за земјоделство на Хрватска, Томислав Толушиќ, кој покажа интерес за наоѓање решение за настанатиот проблем“, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Николовски бил во постојан контакт со надлежните министри од Република Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, по вчершаниот состанок во Сараево, каде што беа донесени заеднички заклучоци.

Министрите ја повикаа Хрватска итно да ги укине дискриминаторските одредби од правилникот, а трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на нивната реална висина. Меѓу другото, во заклучоците се наведува дека секоја земја, сè до решавање на проблемот, за да ги заштити сопствените економски интереси, ќе преземе соодветни конкретни мерки и механизми.

 


Македонските транспортери ќе се спасат од задолжителните „кипарски“ налепници


Скопје, 10 јуни, 2017 - 11:22 (META) 

Македонските превозници изгледа конечно, по две и пол години, не ќе мораат на возилата да ставаат налепници, кои наводно треба да испраќаат порака за инвестирање во Македонија, а се напишани погрешно. Веб-страницата „инвест.ком“ (invest.com) не води до содржина која се однесува на промовирање на Македонија како поволна бизнис-дестинација, туку е веб-страница на компанија регистрирана на Кипар која нуди инвестициски услуги.

Транспортерите задолжително треба да ги имаат овие налепници на превозните средства од 1 јануари 2015 година и сами да ги плаќаат. Обврската постои во правилникот за посебни техничко-експлоатациони услови за возилата за вршење одделни видови превоз во патниот сообраќај.

Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“ смета дека оваа обврска повеќе не треба да постои.

„Тоа не може да биде услов за превозниците да вршат превоз. Треба да се избрише од правилникот. Имаше и грешка во адресата“, вели Муратовска.

Таа додаде дека бришењето на оваа обврска од правилникот ќе го побара од Министерството за транспорт и врски, заедно со другите барања што ќе ги достават до нив.

Муратовска нагласи дека преку овие налепници „некој се обидел да продаде веб-страница“.

„Мислам дека тоа беше една „шема“ која се обидоа да ја спроведат пониските ешалони на власта“, додава таа.

Кога ја воведоа оваа обврска, од Владата изјавија дека преку содржината на самите налепници се испраќа порака за инвестирање во Македонија и сметаа дека тоа е уште еден директен начин на промоција на земјата во сите земји каде сообраќаат македонските превозници.

Македонија нема некои видливи врски со Кипар. Последен случај на поврзување беше откритието на БИРН дека вицепремиерот Владимир Пешевски, спротивно на законот, е директор на кипарската компанија „Фертисимо инвестмент лимитед“.

Тој, според БИРН, ја отворил фирмата во април 2006 година, додека бил генерален менаџер на СЕАФ – Меѓународен инвестициски фонд за директни инвестиции во приватни компании на Балканот, а воедно бил и главен инвестициски советник при продажбата на неколку српски и косовски компании на странски инвеститори.

Компанијата е сè уште активна, иако во меѓувреме Пешевски стана вицепремиер.


„Арсена“: И гевгелиските села Моин и Богородица пијат вода со арсен


Гевгелија, 4 мај, 2017 - 15:16 (META) 

Лабораторијата во Солун утврдила дека гевгелиските села Моин и Богородица, кои се приклучени на градската водоводна мрежа, добиваат вода со висока концентрација на арсен, информираат од граѓанската иницијатива „Арсена“.

„Со анализа на примерок вода од домаќинства во овие населени места, констатирано е присуство на 17,7 микрограми арсен на еден литар вода во потпланинското село Моин и 16,9 микрограми арсен во еден литар вода во пограничното село Богородица. Дозволената граница на арсен во водата за пиење, според Правилникот за квалитет на води на РМ од април 2008 година и стандардите на Светската здравствена организација, изнесува 10 микрограми на еден литар вода. Секое количество што ја надминува оваа граница ја прави водата здравствено небезбедна“, велат од „Арсена“.

Оттаму додаваат дека референдумот не ги реши сите еколошки проблеми во Општината, при што и понатаму останува горливиот проблем – присуството на отровниот арсен во водата, која ја користат жителите на Гевгелија и уште шест населени места од општината.


Дроновите во Македонија го чекаат новото Собрание за да летаат по правилник


Скопје, 14 ноември, 2016 - 15:45 (META) 

Агенцијата за цивилно воздухопловство подготви правилник за регулирање на управувањето со беспилотни летала, односно дронови, и истиот е доставен до Министерството за транспорт и врски, информираше генералниот директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Горан Јандреоски, на работилницата за авијација на „ТАВ Македонија“ во Струга.

– Правилникот не може да биде донесен бидејќи Собранието е распуштено. Треба да почекаме за да се запазат законските процедури и регулативата да стапи на сила – изјави Јандреоски.

Тој вели дека до Агенцијата стигнувале многу поплаки во однос на користењето дронови и додаде дека последни два такви случаи се забележани со паѓање на дрон во близина на Собранието, а еден летал и врз зградата на „Македонски телеком“, па требало присилно да го отстранат.

– Дроновите кои се од познати производители, во нивниот софтвер имаат одреден вид запис каде можат да летаат. Така, ако се обидете да ги летате врз стратешки објекти, не можат да полетаат. Тестиравме такви дронови во близина на арената „Филип Втори“ и претседателската резиденција на Водно. И навистина, дроновите не се активираа, што не е случај со дроновите од кинеско производство – додаде Јандреоски.

Тој истакна дека во Македонија ќе се користи искуството од Сингапур за тоа како во таа земја е развиен моделот на летање беспилотни летала.

– Според тој модел, дроновите, независно чие производство се, се регистрираат и потоа корисникот ја информира Контролата на летање за тоа кои се неговите фреквенции. Со добра програма за инвестирање, може да се направи и мал надзорен центар за летање дронови – изјави Јандреоски.

Во моментов постои уредба за услови под кои летало без екипаж може да лета во македонскиот воздушен простор, што Владата ја донесе на почетокот на минатата година.

Со оваа уредба пропишана е далечината на која дроновите може да летаа во висина и во ширина, како и тоа дека не смеат да бидат во близина на државни институиции, помала од 500 метри.


„Мост“ ја повика ДИК да издаде прецизно упатство за пријавување сомнителни податоци


Скопје, 4 март, 2016 - 14:13 (META) 

„Мост“ преку соопштение ја повика Државната изборна комисија да го прецизира правилникот за методологијата за целосен пристап, вршење промени и за бришење податоци во избирачкиот список, како и постапката за спроведување теренска проверка заради ажурирање за граѓаните да можат да ја разберат целата процедура.

„Во овој правилник недостига упатство за начинот, како и неопходните документи што граѓаните треба да ги поднесат при различни ситуации кои се појавуваат на избирачкиот список, а не се предвидени и опфатени со истиот. „Мост“ ја повикува ДИК да дејствува бргу, одговорно и транспарентно, имајќи ги предвид големиот број нејасности што ги увидоа граѓаните. Граѓанската асоцијација „Мост“ веќе 14 години укажува на неопходноста за прочистување на избирачкиот список. „Мост“ апелира до сите граѓани со право на глас да ги проверат податоците во избирачкиот список и доколку забележат какви било неправилности, веднаш да ги пријават во подрачните единици на ДИК или, пак, на бесплатниот телефонски број на „Мост“, 080-080-080, каде што ќе добијат соодветен совет“, пишува во соопштението на „Мост“.

Од граѓанската асоцијација додаваат дека по објавувањето на новата можност за проверка на податоците во избирачкиот список, по име и презиме и по адреса, се појавиле индиции за (не)точности, но и голем број нејасности за начинот на кој граѓаните можат за ги пријават нерегуларностите.


Добре Јанчев, избран за генерален секретар на ДИК


Скопје, 4 јануари, 2016 - 16:43 (META) 

Државната изборна комисија (ДИК) денеска за генерален секретар на комисијата го избрала Добре Јанчев, кој на раководната функција доаѓа од местото државен советник за едукација, правна и меѓународна соработка во ДИК.

Јанчев функцијата генерален секретар ќе ја извршува во наредните пет години.

Од ДИК соопштуваат дека членовите на Државната изборна комисија во вторникот минатата недела (29 декември 2015 година) одржале состанок на кој ги утврдиле предлог-текстовите на правилникот за методологијата за водење и за ажурирање на избирачкиот список.

Двата правилника на 30 декември биле доставени до четирите најголеми политички партии, кои треба да ги усогласат ставовите за предлог-текстовите, а потоа треба да бидат усвоени од ДИК.

„Државната изборна комисија очекува во најкраток можен рок четирите најголеми партии да се усогласат, за потоа да ги усвои овие два важни акта за проверка и за ажурирање на избирачкиот список“, велат од ДИК.


Роковите се стеснуваат, ќе успее ли ДИК да го подготви теренот за фер избори во април


Скопје, 6 декември, 2015 - 15:57 (META) 

Уште точно 138 дена има до предвремените парламентарни избори закажани на 24 април идната година, а политичките партии сè уште не се договориле за изборот на членовите на Државната изборна комисија.

Партиите предложија членови, но не можат да се договорат околу експертите кои треба, исто така, да членуваат во највисокото изборно тело.

Според Договорот од Пржино, ДИК треба да ја сочинуваат девет члена, од кои три од власта, три од опозиција и тројца независни експерти.

Според Изборниот законик, кој на предлог на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино во Собранието се усвои пред речиси еден месец, надлежностите и обврските на ДИК, како за време на изборите, така и пред изборите, се значително зголемени.

Извори блиски до преговарачите информираат дека роковите одамна се поминати и дека веќе ситуацијата околу Државната изборна комисија е алармантна, затоа што не се знае дали комисијата ќе успее да ги исполни своите обврски, кои се предвидени пред изборите.

Белгискиот олеснувач Питер Ванхауте за ова предупреди уште во октомври, на првиот брифинг со новинарите. Тој уште тогаш рече дека ако до почетокот на ноември нема договор за деталите околу функционирањето на ДИК, избори во април се речиси невозможни.

Членовите на работните групи се договорија за деталите за тоа како ќе работи ДИК и кои надлежности ќе ги има, но заглавија во персоналните решенија и работата на новата комисија е закочена.

Во Изборниот законик е предвидено Државната изборна комисија во соработка со министерството за внатрешни работи да донесе правилник за начинот на постапување на полицијата за време на спроведувањето на изборите.

Исто така, ДИК ќе треба да усвои и правилник за методологија за водење и за ажурирање на Избирачкиот список заснован на проверки и на статистички анализи, вкрстени проверки на различни бази на податоци и евиденции, неограничени проверки и други советодавни признати методи на проверка.

Друга обврска на ДИК во новата изборна регулатива е и тоа што Комисијата ќе треба да усвои правилник за методологија за целосен пристап и за бришење на податоци во избирачкиот список, како и постапка за спроведување теренски проверки за да може списокот да се ажурира.

Кусите рокови за спроведување на сите обврски на ДИК, дополнително ги комплицира и тоа што речиси за сите чекори што ќе ги преземе комисијата, одобрување треба да дадат четирите најголеми политички партии во Собранието.

 

 


Нема веќе менување канали по желба


Скопје, 3 февруари, 2015 - 13:41 (META) 

Претплатничките договори што ќе ги склучуваат кабелските оператори со корисниците задолжително мора да имаат листа со телевизиски програми со уредени авторски права, предвидува новиот Правилник за општи услови што го усвои Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) на последната седница.

Операторите се обврзани да ги обноват договорите со претплатниците и во нив да ги наведат каналите.

Ако биде исклучен некој од каналите за чие емитување се обврзал операторот во договорот, корисникот има право веднаш да го раскине, без никакви пенали.

Новина во Правилникот е и начинот на контрола на трошоците при користење интернет и разговори во роаминг. Во случај претплатникот да надмине сметка за интернет во роаминг од 1.000 денари, операторот задолжително го известува за тоа и го прашува за согласност за понатамошно користење на услугата. Ограничувањето за разговори во роаминг е 3.000 денари, по што, исто така, корисникот добива прашање дали сака да продолжи да ја користи услугата.


Агенција за храна: Производите на „Пекабеско“ се безбедни


Скопје, 12 декември, 2014 - 20:21 (META) 

Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека производите на „Пекабеско“ се безбедни и одговараат на барањата од правилникот за адитиви.

„По лабораториските испитувања на мострите од преработките од месо, земени во рамки на извршената вонредна инспекциска контрола од производствените капацитети на компанијата „Пекабеско“, за утврдување на евентуално присуство на полифосфати над максимално дозволените концентрации дефинирани со правилникот за адитиви, потврдено е дека производите се безбедни, односно дека одговараат на барањата од правилникот“, стои во соопштението.