Лабораторијата во Солун утврдила дека гевгелиските села Моин и Богородица, кои се приклучени на градската водоводна мрежа, добиваат вода со висока концентрација на арсен, информираат од граѓанската иницијатива „Арсена“.
„Со анализа на примерок вода од домаќинства во овие населени места, констатирано е присуство на 17,7 микрограми арсен на еден литар вода во потпланинското село Моин и 16,9 микрограми арсен во еден литар вода во пограничното село Богородица. Дозволената граница на арсен во водата за пиење, според Правилникот за квалитет на води на РМ од април 2008 година и стандардите на Светската здравствена организација, изнесува 10 микрограми на еден литар вода. Секое количество што ја надминува оваа граница ја прави водата здравствено небезбедна“, велат од „Арсена“.
Оттаму додаваат дека референдумот не ги реши сите еколошки проблеми во Општината, при што и понатаму останува горливиот проблем – присуството на отровниот арсен во водата, која ја користат жителите на Гевгелија и уште шест населени места од општината.