Претплатничките договори што ќе ги склучуваат кабелските оператори со корисниците задолжително мора да имаат листа со телевизиски програми со уредени авторски права, предвидува новиот Правилник за општи услови што го усвои Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) на последната седница.
Операторите се обврзани да ги обноват договорите со претплатниците и во нив да ги наведат каналите.
Ако биде исклучен некој од каналите за чие емитување се обврзал операторот во договорот, корисникот има право веднаш да го раскине, без никакви пенали.
Новина во Правилникот е и начинот на контрола на трошоците при користење интернет и разговори во роаминг. Во случај претплатникот да надмине сметка за интернет во роаминг од 1.000 денари, операторот задолжително го известува за тоа и го прашува за согласност за понатамошно користење на услугата. Ограничувањето за разговори во роаминг е 3.000 денари, по што, исто така, корисникот добива прашање дали сака да продолжи да ја користи услугата.