ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски го спроведуваат екстерното тестирање хаотично и непрофесионално, на сметка на учениците, родителите и на наставниците во училиштата, тврдат од СДСМ Крива Паланка.
– Во ООУ „Илинден“ во Крива Паланка, наставникот којшто од директорот на училиштето бил назначен да го спроведе интерното оценување кај своите колеги-наставници од прво до трето одделение, од ракав им внел бодови. Со несовесно, неодговорно и непрофесионално однесување, нанесена им е штета на околу 15 наставници, кои без соодветна причина се казнети – велат оттаму.
Ова е спротивно на правилникот за начинот на проверување на објективноста на наставникот, тврдат од партијата и додаваат дека оштетените наставници, се побуниле за непрофесионално завршената работа.
– Како докази ги понудиле комплетните досиеја за секој, во согласност со правилникот за начинот на проверување на објективноста на наставникот. Своето незадоволство, наставниците го изразиле и со приговор до училишниот одбор. Кој ќе им ја надомести штетата на наставниците и угледот граден со години? Локалната самоуправа и директорот на ова основно училиште треба да им одговорат н граѓаните кој ќе понесе одговорност за непрофесионалното и неодговорно интерно оценување на наставниците? Во кое својство споменатиот наставник, заедно со својата сопруга, го придружува градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, во Словенија? Дали е тоа награда за неговото непрофесионално оценување? – прашуват од СДСМ Крива Паланка.