Дроновите во Македонија го чекаат новото Собрание за да летаат по правилник

Агенцијата за цивилно воздухопловство подготви правилник за регулирање на управувањето со беспилотни летала, односно дронови, и истиот е доставен до Министерството за транспорт и врски, информираше генералниот директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Горан Јандреоски, на работилницата за авијација на „ТАВ Македонија“ во Струга.

– Правилникот не може да биде донесен бидејќи Собранието е распуштено. Треба да почекаме за да се запазат законските процедури и регулативата да стапи на сила – изјави Јандреоски.

Тој вели дека до Агенцијата стигнувале многу поплаки во однос на користењето дронови и додаде дека последни два такви случаи се забележани со паѓање на дрон во близина на Собранието, а еден летал и врз зградата на „Македонски телеком“, па требало присилно да го отстранат.

– Дроновите кои се од познати производители, во нивниот софтвер имаат одреден вид запис каде можат да летаат. Така, ако се обидете да ги летате врз стратешки објекти, не можат да полетаат. Тестиравме такви дронови во близина на арената „Филип Втори“ и претседателската резиденција на Водно. И навистина, дроновите не се активираа, што не е случај со дроновите од кинеско производство – додаде Јандреоски.

Тој истакна дека во Македонија ќе се користи искуството од Сингапур за тоа како во таа земја е развиен моделот на летање беспилотни летала.

– Според тој модел, дроновите, независно чие производство се, се регистрираат и потоа корисникот ја информира Контролата на летање за тоа кои се неговите фреквенции. Со добра програма за инвестирање, може да се направи и мал надзорен центар за летање дронови – изјави Јандреоски.

Во моментов постои уредба за услови под кои летало без екипаж може да лета во македонскиот воздушен простор, што Владата ја донесе на почетокот на минатата година.

Со оваа уредба пропишана е далечината на која дроновите може да летаа во висина и во ширина, како и тоа дека не смеат да бидат во близина на државни институиции, помала од 500 метри.