Србија утре ќе воведе контрамерки за увоз на брашното од Македонија, како одговор на Правилникот за увоз на брашно од македонска страна, кој стапи на сила на 8 февруари.
„Не можеме повеќе да чекаме, освен купување на време од нивна страна не видовме никаква подготвеност за решавање на проблемот“, изјавил министерот за трговија на Србија, Расим Љајиќ, кој најверојатно, утре ќе дојде на разговори во Македонија.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство пак, претходно информираше дека со измените на Правилникот за увоз на брашно, се менува само распоредот на целата процедура за увоз од странски земји во Македонија. Имено, контролните маркички за квалитет на брашното ќе се ставаат откако целосно ќе заврши контролата за здравствена исправност, безбедност и квалитет и дури тогаш брашното ќе се пушта во промет. До сега, маркичките се ставаа на граница, пред да бидат извршени сите овие проверки.
Од МЗШВ појаснуваат дека со усогласувањето на веќе постојниот Правилник, се гарантира безбедноста и квалитетот на увозното брашно и се гарантира дека брашното ќе се пушта во малопродажба откако ќе добие контролна маркичка.
Според реакциите од српска страна, фитосанитарните прегледи на брашното може да траат со месеци, поради што, српските извозници би изгубиле 200.000 евра.