Роковите се стеснуваат, ќе успее ли ДИК да го подготви теренот за фер избори во април

Уште точно 138 дена има до предвремените парламентарни избори закажани на 24 април идната година, а политичките партии сè уште не се договориле за изборот на членовите на Државната изборна комисија.

Партиите предложија членови, но не можат да се договорат околу експертите кои треба, исто така, да членуваат во највисокото изборно тело.

Според Договорот од Пржино, ДИК треба да ја сочинуваат девет члена, од кои три од власта, три од опозиција и тројца независни експерти.

Според Изборниот законик, кој на предлог на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино во Собранието се усвои пред речиси еден месец, надлежностите и обврските на ДИК, како за време на изборите, така и пред изборите, се значително зголемени.

Извори блиски до преговарачите информираат дека роковите одамна се поминати и дека веќе ситуацијата околу Државната изборна комисија е алармантна, затоа што не се знае дали комисијата ќе успее да ги исполни своите обврски, кои се предвидени пред изборите.

Белгискиот олеснувач Питер Ванхауте за ова предупреди уште во октомври, на првиот брифинг со новинарите. Тој уште тогаш рече дека ако до почетокот на ноември нема договор за деталите околу функционирањето на ДИК, избори во април се речиси невозможни.

Членовите на работните групи се договорија за деталите за тоа како ќе работи ДИК и кои надлежности ќе ги има, но заглавија во персоналните решенија и работата на новата комисија е закочена.

Во Изборниот законик е предвидено Државната изборна комисија во соработка со министерството за внатрешни работи да донесе правилник за начинот на постапување на полицијата за време на спроведувањето на изборите.

Исто така, ДИК ќе треба да усвои и правилник за методологија за водење и за ажурирање на Избирачкиот список заснован на проверки и на статистички анализи, вкрстени проверки на различни бази на податоци и евиденции, неограничени проверки и други советодавни признати методи на проверка.

Друга обврска на ДИК во новата изборна регулатива е и тоа што Комисијата ќе треба да усвои правилник за методологија за целосен пристап и за бришење на податоци во избирачкиот список, како и постапка за спроведување теренски проверки за да може списокот да се ажурира.

Кусите рокови за спроведување на сите обврски на ДИК, дополнително ги комплицира и тоа што речиси за сите чекори што ќе ги преземе комисијата, одобрување треба да дадат четирите најголеми политички партии во Собранието.