Трамп до поддржувачите: Ваша грешка ќе биде ако ме отповикаат


Вашингтон, 7 септември, 2018 - 12:49 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, на предизборен митинг во Билингс, главниот град на државата Монтана, вчера повторно се наврати на кампањата за негово отповикување од функцијата, велејќи дека ако до тоа дојде, виновни ќе бидат неговите поддржувачи што не гласале.

На митингот на Мет Розендејл, кој е противкандидат за место во Сенатот на сегашниот сенатор од Демократите, Џон Тестер, Трамп ги нападна демократите чија суштина на дејствување е кампањата за негово отповикување. Најгласната од нив е Максин Вотерс од Калифорнија, пратеник во Претставничкиот дом на Конгресот.

– Тие сакаат да го користат зборот „отповикување“. Да го отповикаме Трамп. Максин Вотерс: „Ќе го отповикаме“. „Но тој не стори ништо погрешно“. „Ќе го отповикаме“. „Но, зошто да отповикаме некој што одлично си ја работи работата, што ништо не згрешил?. Економијата е добра. Како да се направи тоа“. „Ќе го отповикаме“ – грмеше Трамп рецитирајќи ги „прашањата“ и „одговорите.

„Ако не излезете да гласате, единствено така може да се случи тоа“, им порача Трамп на поддржувачите.


Палестинците го отповикаа својот дипломатски претставник во САД


Рамалах, 31 декември, 2017 - 19:52 (META) 

Палестинците денеска соопштија дека го отпoвикале својот дипломатски претставник во Соединетите Американски Држави за „консултации“, неколку недели откако американскиот претседател Доналд Трамп го призна Ерусалим како главен град на Израел, јавува „Би-би-си“.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека нема да прифати никаков мировен план од САД по одлуката на Трамп, која предизвика протести и судири во појасот Газа.

На 21 декември мнозинство од 128 земји-членки на Обединетите нации ја поддржаа резолуцијата со која се бара САД да ја повлечат одлуката за признавање на Ерусалим за главен град на Израел.