!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев – Гловер: Ќе има строги санкции за секој што ќе ја наруши регуларноста на изборите


Скопје, 26 септември, 2017 - 16:22 (META) 

Не смееме да дозволиме поради изборни нерегуларности да ги доведеме во прашање нашите евроатлантски аспирации, на кои работевме многу во изминатите неколку месеци, рекол премиерот Зоран Заев на денешната средба со шефицата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори, Одри Гловер.

Заев посочил дека ќе има строги санкции за секој поединец или организација што ќе се осмелат да се впуштат во прекршување на регуларноста на изборниот процес, како во предизборниот период, така и на денот на изборите.

Тој, како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, ја замолил шефицата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР навремено да го информира за сите обиди за нарушување на регуларноста на избирачкиот процес, за да не се дозволи никаков пропуст што ќе предизвика оспорување на легитимноста на изборите.

– Би сакал да сугерирам, да се посвети повеќе внимание на забелешките на опозицијата, не само на ВМРО-ДПМНЕ, туку на сите опозициски партии. На овие избори Македонци ќе гласаат за Албанци, и Албанци ќе гласаат за Македонци, тоа е една солидна гаранција за заедничка иднина, која цврсто верувам дека ќе ферментира во една позитивна практика во иднина – рекол Заев.

Гловер на средбата го информирала премиерот со претстојните активности на ОБСЕ/ОДИХР поврзани со изборниот процес, за бројот на краткорочни и долгорочни набљудувачи на мисијата, кои веќе се на терен и го набљудуваат предизборниот процес. Таа инфрормирала дека пред денот на изборите мисијата ќе го засили надзорот со дополнителни 200 краткорочни набљудувачи.


Гловер: Избирачкиот список не е финализиран, ќе набљудуваме сè што е поврзано со него


Скопје, 24 септември, 2017 - 10:57 (META) 

„За изборите да бидат регуларни, постои сеопфатна законска рамка, но се разбира дека зависи и од луѓето кои учествуваат во изборите, властите, општините и од Државната изборна комисија. Ние ќе набљудуваме како ќе ја спроведуваат таа рамка“, вели шефицата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Македонија, Одри Гловер, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“.

На прашањето дали избирачкиот список е доволно прочистен, таа вели дека тој е важен, бидејќи ОБСЕ/ОДИХР веруваат во еднаквото и универзално право на глас и тоа е нешто што внимателно го набљудуваат.

„Избирачкиот список сè уште не е финализиран и, како што кажав, и тоа ќе го набљудуваме бидејќи за избирачкиот список имавме забелешки во минатото. Затоа многу внимателно ќе следиме сè што е поврзано со ова прашање“, изјави Гловер.

Таа информираше дека во тимот на ОБСЕ/ОДИХР имаат 16 луѓе кои ќе останат во главниот град, а ќе имаат и набљудувачи кои ќе дојдат пред изборите.

Изборната кампања за локалните избори на 15 октомври почнува утре.


ОБСЕ/ОДИХР со 336 набљудувачи ќе ги следи локалните избори


Скопје, 13 септември, 2017 - 16:51 (META) 

Локалните избори на 15 октомври ќе ги следат 336 набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР. Шефицата на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, амбасадорката Одри Гловер, денеска на прес-конференција соопшти дека 16 експерти на ОБСЕ/ОДИХР се веќе во земјава, а ним оваа недела ќе им се придружат уште 20 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени низ целата земја, во тимови по двајца, почнувајќи од 18 септември.

Пред локалните избори во Македонија ќе допатуваат уште 300 краткорочни набљудувачи, кои ќе ги следат изборите во сите 80 општини и во Градот Скопје.

Набљудувачите, како што истакна Гловер, внимателно ќе го следат процесот на регистрација на кандидатите и на гласачите, кампањите, работата на изборната администрација и на владините институции, изборната регулатива, нејзиното спроведување и решавањето на изборните спорови.

Како дел од процесот на набљудување, Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ќе го следи и известувањето на медиумите за кампањите на партиите и на кандидатите за градоначалници.