Нинџа: Сè беше под контрола на УБК и паравоениот штаб на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 6 декември, 2018 - 14:03 (META) 

Упадот во Собранието на 27 април беше командуван од паравоениот штаб на ВМРО-ДПМНЕ. „За заедничка Македонија“  беше формирана од ВМРО-ДПМНЕ и имаше фиктивни водачи. На протестите на „За заедничка Македонија“ 80 отсто беа од ВМРО-ДПМНЕ, која ги даваше сите реквизити што се користеа. Сите водачи на протестите ги имам гледано во штабот на ВМРО-ДПМНЕ кај Кирил Божиновски, рече обвинетиот Александар Василевски  – Нинџа во својот денешен исказ пред судот во врска со настаните во Собранието на 27 април минатата годинa.

Тој рече дека бил ангажиран во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) од Горан Грујевски, а потоа му бил „очи и уши“ на Никола Бошкоски. Обајцата сега се избегани во Грција.

– Сите водачи на протестите ги имам гледано во штабот на ВМРО-ДПМНЕ кај Кирил Божиновски – рече обвинетиот Александар Василевски  – Нинџа.

Според него, оперативните податоци до кои што тој дошол велеле дека организаторите на протестите биле исплаќани од ВМРО-ДПМНЕ.

– Јас само ги видов во партијата со Кирил Божиновски, но не можев да ги видам нивните џепови – рече Нинџа.

Но малку подоцна, на вкрстено прашање, дали биле плаќани водачите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Богдан Илиевски – Бетмен, Борис Дамовски и Владо Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ, или протестите ги воделе од патриотски причини, Нинџа одговори:

– Јас не сум ги видел со свои очи што имаа во џебовите кога излегуваа откај Кирил Божиновски, но од оперативни сознанија на Петтата управа знам дека биле плаќани од ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем и Никола Бошкоски ми кажа дека за тоа го информирал директорот на УБК, Владимир Атанасовски – рече тој.

Александар Василевски – Нинџа, исто така кажа дека по налог на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, кога бил формиран „Фронтот за Македонија“ се сретнал со Ченто и Игор Југ. Задачата во однос на Југ била да процени дали е проруски ориентиран.

– Кон 15 април зовре состојбата и се скандираше против „тиранската платформа“. Во свест ни беше врежан патриотизмот. Никој од овие во судница не знаеше што може да се случи на 27 април. Тој ден околу 12:30 часот ми се јави директорот на УБК и ми кажа да бидам во Скопје, бидејќи има информации дека нешто ќе се случи – рече Нинџа.

Додаде дека околу 16 часот повторно му се јавил Атанасовски и му рекол дека има информации оти СДСМ ќе бира претседател на Собранието и оти тоа го знае и Ченто.

Нинџа пред судот истакна дека имал контакт и со Сашо Мијалков, кој го викнал да оди во „Мериот“ и штабот на ВМРО. Околу 18 часот бил во штабот на партијата, но Мијалков не бил таму. Таму, како што додаде, имало лица од парламентарниот командно-оперативен штаб на партијата – Бришковска-Бошковски, Божиновски, Јанакиески, Чавков.

Од тука, како што посочи Нинџа, се координирало што се случуваше на 27 април.

Бришковска-Бошковски кажала дека не поминало првото сценарио и пратениците не си ја завршиле работата и не предизвикале тепачка.

– Потоа му се јави на Трајко Вељаноски и му рече да се отворат вратите од Собранието, а во 19:15 му се јавил Атанасовски и му рекол да оди да известува од терен – додаде Нинџа.

Рече дека на една од клупите во „Жена парк“ го сретнал и Горан Грујоски, кој му рекол дека има седум до осум луѓе во Собрание од прикриени операции.

Одговарајќи на вкрстени прашања од обвинителството Александар Василевски-Нинџа рече дека УБК ги следело Зоран Заев, Зоран Верушевски и Оливер Спасовски, иако тогаш бил министер за внатрешни работи. Додаде дека бил следен и политичкиот аналитичар Алберт Муслиу кому му биле поставени камери кога не бил дома.


Ако не се екстрадираат Грујевски и Бошкоски, одвоено ќе им се суди на Мијaлков и Јанкулоска


Скопјњ, 27 март, 2018 - 11:44 (META) 

Доколку до 15 мај обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошкоски во предметот на СЈО „Тврдина – Таргет“ за масовното прислушување не бидат екстрадирани од Грција, Основниот суд Скопје 1 ќе одлучува за раздвојување на постапката по однос на овие двајца обвинети. Судското рочиште денеска беше одложено за 15 мај бидејќи обвинетите Грујевски, екс-началник на Петтата управа во МВР, и Бошкоски, вработен во УБК, сè уште не се екстрадирани.

Судијката Џенета Бектовиќ го праша адвокатот Петар Василев, кој е дел од одбраната на обвинетите, дали има информации до каде е судската постапката во Грција и дали може да каже кога ќе бидат екстрадирани.

– Не би сакал да шпекулирам со датуми. Но, очекувам дека во брзо време ќе биде завршена постапката. На 26 април е закажано рочиште во Врховниот суд на Грција по однос на нашата жалба за екстрадиција – рече Василев.

Судијката Бектовиќ му кажа на Василев во рок од 15 дена да обезбеди полномошно дека ги застапува обвинетите Грујевски и Бошкоски, во спротивно судот ќе им одреди адвокат по службена должност. На рочиштето денеска беа присутни другите обвинетите: поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, бившата министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.

По бегството од Македонија, Грујевски и Бошкоски беа фатени со фалсификувани бугарски пасоши на аеродромот во Солун на 18 октомври при обид да заминат за Унгарија. Апелацискиот суд во Солун го прифати барањето на македонските власти за нивна екстрадиција, по што двајцата поднесоа жалба до Врховниот суд во Атина.


На Грујовски и на Бошковски во Солун ќе им се суди за лажните пасоши


Солун, 24 октомври, 2017 - 9:44 (META) 

Во Првостепениот суд во Солун би требало денеска да почне судењето за поседување лажни пасоши против поранешниот началник на петтата управа во МВР, Горан Грујовски, и вработениот во УБК, Никола Бошкоски. По нив македонските власти имаат распишано меѓународни потерници, по обвинението од  Специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување, случаи познати под името „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“. Беа уапсени минатата седмица на аеродромот во Солун, кога со лажни бугарски пасоши се обиделе да се качат на авион за Будимпешта.

Судењето во Солун требаше да почне во петокот, но беше одложено поради тоа што немало преведувачи, а денеска би требало да бидат обезбедени преведувачи од грчки на српски јазик.

На лажните пасоши, Грујовски и Бошковски имаа лажни идентитети, односно Христо Атанасов и Неџби Хасан.

Македонското Министерство за правда во петокот му наложило на Основен суд Скопје 1 да ја подготвува документацијата за барањето за екстрадиција на Грујовски и Бошковски.


Спасовски: Правиме сè што можеме да откриеме каде се наоѓаат Грујовски и Бошкоски


Скопје, 9 август, 2017 - 13:54 (META) 

Поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, и Никола Бошкоски, вработен во УБК, и понатаму се во бегство, а службите во МВР ги преземаат сите мерки за нивно пронаоѓање, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

– Во однос на двајцата вработени во МВР за кои е поднесено обвинение и кои се во бгество, се преземаат сите можни мерки од надлежните служби во МВР, сè со цел да дојдеме до податок каде може да се наоѓаат, за да се исполни судската одлука за притвор против двајцата. Поради тајноста на постапката и поради можноста да попречиме во истрагата, не можам да соопштам повеќе детали – рече Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција на која ги презентираше активностите на полицијата за време на одржувањето на Супер купот на УЕФА во Скопје.

Спасовски додаде дека работните места на Грујовски и на Бошкоски се ставени во мирување, во согласност со законот и дека двајцата немаат никакви права што произлегуваат од нивните работни позиции во МВР.

Министерот за внатрешни работи информираше дека службеното оружје на Грујовски вчера било вратено во МВР.

Врховниот суд пред две недели ги потврди одлуките на Апелацискиот суд Скопје на двајцата обвинети во случаите „Таргет“ и „Тврдина“ на СЈО да им биде одредена мерка притвор и по нив беа распишани меѓународни потерници, откако полицијата не можеше да ги пронајде во земјава.

Инаку, Спасовски на денешната прес-конференција соопшти дека завчера и вчера, за време на одржувањето на натпреварот меѓу фудбалските екипи на „Реал Мадрид“ и на „Манчестер јунајтерд“, не се регистрирани сериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Во рамките на активностите на МВР биле приведени вкупно 14 лица, од кои шестмина биле странски, а осум македонски државјани. Најголем дел од осомничените биле приведени поради препродажба на билети за натпреварот и шалови со амблемите на двата тима.

Министерот за внатрешни работи соопшти дека ќе биде поднесена кривична пријава и против вработен во Агенцијата за разузнавање, поради спречување службено лице при вршење на службена должност. Се трага и по возач на такси, кој, како што било пријавено, ограбил странски државјанин, кому му одзел 400 евра и златно синџирче.


МВР ги објави потерниците за Грујовски и за Бошковски


Скопје, 30 јули, 2017 - 16:39 (META) 

Министерството за внатрешни работи ги објави потерниците за Горан Грујовски и Никола Бошковски кои веќе четврти ден се во бегство и по кои полицијата сè уште трага.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во петокот изјави дека одговорноста за бегството на двајцата обвинети треба да се бара кај судот, кој четири часа го праќал решението за притвор до МВР.

Грујовски и Бошковски се обвинети во случаите „Тврдина“ и „Таргет“, преку кои СЈО треба да утврди кој нелегално прислушувал во земјава со години. И двајцата се недостапни за органите на прогонот откако судот донесе одлука да бидат ставени во притвор поради вршење притисок врз сведоци.

Полицијата неколкупати ги прегледала нивните домови и повеќе други локации каде се сомнева дека можат да бидат засолнати, но засега без резултат. Министерот Спасовски соопшти дека штом ќе имаат нови детали за бегалците од правдата, ќе излезат со информации во јавноста.