Поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, и Никола Бошкоски, вработен во УБК, и понатаму се во бегство, а службите во МВР ги преземаат сите мерки за нивно пронаоѓање, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

– Во однос на двајцата вработени во МВР за кои е поднесено обвинение и кои се во бгество, се преземаат сите можни мерки од надлежните служби во МВР, сè со цел да дојдеме до податок каде може да се наоѓаат, за да се исполни судската одлука за притвор против двајцата. Поради тајноста на постапката и поради можноста да попречиме во истрагата, не можам да соопштам повеќе детали – рече Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција на која ги презентираше активностите на полицијата за време на одржувањето на Супер купот на УЕФА во Скопје.

Спасовски додаде дека работните места на Грујовски и на Бошкоски се ставени во мирување, во согласност со законот и дека двајцата немаат никакви права што произлегуваат од нивните работни позиции во МВР.

Министерот за внатрешни работи информираше дека службеното оружје на Грујовски вчера било вратено во МВР.

Врховниот суд пред две недели ги потврди одлуките на Апелацискиот суд Скопје на двајцата обвинети во случаите „Таргет“ и „Тврдина“ на СЈО да им биде одредена мерка притвор и по нив беа распишани меѓународни потерници, откако полицијата не можеше да ги пронајде во земјава.

Инаку, Спасовски на денешната прес-конференција соопшти дека завчера и вчера, за време на одржувањето на натпреварот меѓу фудбалските екипи на „Реал Мадрид“ и на „Манчестер јунајтерд“, не се регистрирани сериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Во рамките на активностите на МВР биле приведени вкупно 14 лица, од кои шестмина биле странски, а осум македонски државјани. Најголем дел од осомничените биле приведени поради препродажба на билети за натпреварот и шалови со амблемите на двата тима.

Министерот за внатрешни работи соопшти дека ќе биде поднесена кривична пријава и против вработен во Агенцијата за разузнавање, поради спречување службено лице при вршење на службена должност. Се трага и по возач на такси, кој, како што било пријавено, ограбил странски државјанин, кому му одзел 400 евра и златно синџирче.