Џорџ Сорос е личност на годината според „Фајненшел тајмс“


Лондон, 19 декември, 2018 - 14:05 (META) 

Американскиот филантроп и милијардер Џорџ Сорос денеска од британскиот економски дневен весник „Фајненшел тајмс“ беше прогласен за личност на 2018 година.

„За личност на годината „Фајненшел тајмс“ обично решава врз основа на достигнувањата. Во случајот на Сорос оваа година, одлучено е врз основа на вредноста што тој ја претставува“, се вели во образложението.

Џорџ Сорос (88), унгарски Евреин кој во САД се збогатува и станува „таткото“ на хеџ-фондовите, е најпознат како борец за либерална демократија и отворено општество. За таа цел ја основа Фондацијата Отворено општество, преку која низ целиот свет покрај обемната добротворна активности, исто така ја поттикнува и поддржува образованието, како и борбата против авторитаризмот, расизмот и нетолеранцијата. Фондацијата дејствува и во Македонија, како Фондација Отворено општество – Македонија.


„Тајм“: Трамп, „претседателот на поделените американски држави“, е личност на годината


Њујорк, 7 декември, 2016 - 14:14 (META) 

Американскиот магазин „Тајм“ го прогласи новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, за личност на годината.

Изборот за личност на 2016 година „Тајм“ го потврди на својот официјален твитер-профил.

„Погледнете зошто Доналд Трамп е избран за личност за 2016 година на ‘Тајм’“, се вели во твитот.

„Личност на годината, Доналд Трамп – претседател на поделените американски држави“, стои на насловната страница и на почетокот на видеозаписот, во кој главната уредничка на магазинот, Ненси Гибс, зборува за годинешниот избор.

Милијардерот од Њујорк, кој во јануари официјално треба да се всели во Белата куќа, на изборите на почетокот на ноември, на изненадување на многумина, ја победи противкандидатката од Демократската партија, Хилари Клинтон.


Магазинот „Тајм“ избира личност на годината


Њујорк, 22 ноември, 2016 - 20:01 (META) 

Американскиот магазин „Тајм“ спроведува анкета за традиционалниот избор за личност на годината.

Резултатите од првите денови на гласањето покажуваат дека основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, води за три процентни поени пред новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп.

Конечните резултати од анкетата ќе бидат соопштени во декември.

Иако за доделувањето на оваа титула одлучуваат уредниците на магазинот, тие велат дека анкетата во која учествуваат читателите им е важен показател за мислењето на јавноста.

Магазинот прогласува личност на годината од 1927 година и оваа титула досега ја понеле разни личности, од политичари, преку астронаути до демонстранти.

Минатата година за личност на годината беше прогласена германската канцеларка Ангела Меркел.


„Тајм“: Меркел е личност на годината


Вашингтон, 9 декември, 2015 - 15:15 (META) 

Магазинот „Тајм“ ја прогласи германската канцеларка Ангела Меркел за личност на годината.

Меркел е прва жена што е прогласена за личност на годината од 1999 година, до кога наместо личност се прогласуваше „маж на годината“.

Во поново време, германската канцеларка одиграла голема улога во мигрантската криза, истакнувајќи дека бегалците се совеста на Европа и отворајќи ја вратата на својата земја за бегалците, без разлика на противењето на дел од јавноста и на дел од нејзината партија.