Меј договори економска соработка со Кина вредна 13 милијарди долари


Шангај, 2 февруари, 2018 - 11:01 (META) 

Британската премиерка, Тереза Меј договори економска соработка со Кина вредна 13 милијарди долари, јавуваат светските агенции.

Британија се обидува повторно да се наметне како глобален трговски играч, по одлуката да го напушти членството во Европската Унија, а Кина е на врвот на листата на држави со кои Лондон сака да има договор за слободна трговија, коментираат агенциите.

Говорејќи во Шангај, Меј рекла дека Британија сака да помогне во остварувањето на визијата на кинескиот претседател, Кси Џинпинг во поглед на глобализацијата, како и за поголема отвореност на кинеската економија.

– Додека излегуваме од ЕУ бараме шанса да станеме што повеќе свртени кон надворешната трговија и да ги продлабочиме трговските односи со светот, вклучително и со Кина – изјавила Меј.

Подготвеност за унапредување на односите меѓу двете земји изразил и кинескиот претседател, Кси Џинпинг.

Договорените бизниси и инвестиции во вредност од 13 милијарди долари ќе отворат повеќе од 2.500 нови работни места во Велика Британија.


Кина е на добар пат да биде најмоќната држава во светот, оцени Џинпинг


Пекинг, 28 октомври, 2017 - 16:56 (META) 

Претседателот на Кина, Кси Џинпинг, кој беше реизбран за лидер на Комунистичката партија на Кина, најави дека следува ера во која државата ќе се доближи до лидерската позиција како најмоќна држава во светот.

Тој рече дека ќе продолжи да гради напредно општетсво, иако во меѓувреме, државата станала богата и моќна.

Според аналитичарите, откога Џинпинг е на претседателското место од 2013 година, направил големи работи за државата, а најважна била реформата во војската.

Се очекува следната година во март да добие втор мандат и како претседател на Кина.


Кина бара од Вашингтон и од Пјонгјанг да се воздржат од запалива реторика и акции


Пекинг, 12 август, 2017 - 15:19 (META) 

Кинескиот претседател Кси Џинпинг денеска ги повика Вашингтон и Пјонгјанг да се воздржат од „запаливата реторика и акции“ кои можат да ги зголемат тензиите на Корејскиот полуостров, јавуваат светските медиумите.

Кси Џинпинг во телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп рекол дека Пекинг и Вашингтон се заинтересирани за запирање на нуклеарната програма на Северна Кореја.

„Релеватните страни мора да се воздржат и да избегнуваат зборови и дела кои водат кон засилување на тензиите на Корејскиот полуостров“, навел кинескиот претседател.

Трамп, како што јавуваат агенциите, барал од Кина да изврши притисок на Пјонјанг поради нуклеарната програма која би можела да биде насочена кон САД.

Кина е најголемиот трговски партнер и извор на помош на Северна Кореја, но кинеските официјални претставници тврдат дека не можат да ги натераат властите во Пјонгјанг да прекинат со нуклеарните и ракетни програми.

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа најавил дека ќе го прекине својот одмор во Њу Џерси и дека в понеделник ќе одржи прес-конференција во Вашингтон во врска со тензиите со Северна Кореја.


Историска средба на претседателите на Кина и на Тајван


Сингапур, 7 ноември, 2015 - 11:43 (META) 

Тајванскиот и кинескиот претседател, Ма Јинг-џеу и Кси Џинпинг, во Сингапур остварија историска средба по 65 години протести и обиди на демонстрантите да влезат во тајванскиот парламент.

Разговорите на претседателите ќе бидат фокусирани на односите помеѓу двете земји, кои се многу затегнати.

Кина тврди дека има суверенитет над Тајван од 1949 година, кога националистичката влада избегала на островот по поразот од комунистите.

Средбата доаѓа пред претседателските и парламентарните избори во Тајван, каде фаворит е Демократската прогресивна партија, која се залага за независност, што Кина сака да го избегне.

Во текот на ноќта, околу 100 демонстранти се обиделе да упаднат во добро обезбедената зграда на парламентот, носејќи транспаренти „Тајван независен“, но биле запрени од полицијата.

Кинеската влада тврди дека Тајван е дел од нејзината територија и се заканува дека со воена сила ќе се спротистави на секој потег што би водел кон целосна независност.