Обвинетите во „Монструм“ излегуваат од затвор


Скопје, 1 декември, 2017 - 21:03 (META) 

Сами Љута вечерва излезе од затворот во населбата Шуто Оризари, како прв од четворицата осудени во случајот „Монструм“, за кој Врховниот суд денеска ја укина пресудата и го врати предметот повторно во скопскиот Кривичен суд, јави „Порталб“.

При излегувањето бил поздравен со аплаузи од најблиските.

По него од затворот во Шуто Оризари и од „Идризово“ треба да излезат и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири и Хаки Азири.

Врховниот суд денеска донесе решение со кое обвинетите во случајот „Монструм“, кои беа осудени на доживотни затворски казни, се пуштени на слобода.

На обвинетите Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута им се определени други мерки за претпазливост, односно забрана за напуштање на живеалиште, односно престојувалиште, како и двапати неделно јавување пред Основниот суд Скопје 1.

Врховниот суд ги укина шесте доживотни казни и со пресуда го врати предметот во нов судски процес.


Александар Диневски вратен во „Идризово“


Скопје, 17 ноември, 2017 - 19:00 (META) 

Поранешниот разузнавач Александар Диневски е вратен во затворот „Идризово“ на издржување на затворската казна од четири и пол година за случајот „Шпион“.

На неговиот профил на „Фејсбук“ многумина му изразуваат поддршка и алармираат дека нарушеното здравје ќе му се влоши во затворската ќелија.

Диневски неколку месеци беше на слобода, додека се чекаше одлуката на скопскиот Апелациски суд за овој случај, кој му ја намали казната на три и пол години.  Во мај Основниот суд Скопје 1 распиша потерница по него, со која се бараше за да одлежи уште година и пол од казната.


Омбудсман: Дел од затворениците не гласаа поради истекот на важноста на личните карти


Скопје, 28 октомври, 2017 - 18:18 (META) 

Од канцеларијата на народниот правобранител реагираат дека, како и за гласањето во првиот круг на локалните избори, така и денеска, дел од затворениците не гласале поради истекот на важноста на нивните лични карти.

Советникот на Народниот правобранител, Зоран Билбиловски, рече дека управата на затворот „Идризово“ не води сметка за тоа кога треба да им ги обнови личните карти.

„Кога ќе дојдат на издржување на затворските казни, осудените лица ѝ ги оставаат личните карти на управата. Управата не ги известува кога изминува рокот на личните документи и не им помага да си ги обноват“, вели Билбиловски.

За вториот круг на локалните избори, кој ќе се одржи утре, денеска, од 7 до 19 часот гласаат избирачите кои се на издржување казна затвор или се во притвор. На гласачките места во 13 казнено-поправни установи, избирачко право имаат 939 гласачи.


Избеган затвореник избодел човек, ограбувал со пиштол и запалил две возила


Скопје, 5 октомври, 2017 - 14:55 (META) 

Затвореник кој избегал од „Идризово“ во март, бил уапсен завчера во парк во Капиштец, откако во изминатиот период избодел човек со нож, со закана со пиштол ограбил жена и со соучесници запалил две возила, соопшти МВР. Полицијата го уапсила откако добила дојава каде се движи.

Д.Т.(29) од Скопје, на 13 мај, околу 3.30 часот, пред аптека во непосредна близина на трговскиот центар „Три бисери“, со нож нанел четири убодни рани во нозете на едно лице, а два дена потоа на булеварот АСНОМ, заедно со двајца соучесници, предизвикал пожар на две паркирани возила. На 14 август, пак, околу 19.35 часот, со пиштол се заканил на вработената во тобако „Корнер“ и одзел 8.500 денари.

При апсењето, кај избеганиот затвореник биле најдени пиштол со рамки со муниција, како и фантомка и ракавици.


Час поскоро видете ги ќелиите во „Шутка“, му порача новинарот Кежаровски на Заев


Скопје, 11 септември, 2017 - 14:44 (META) 

Новинарот Томислав Кежаровски, откако половина од затворската казна ја помина во Истражниот затвор „Скопје“, во Шуто Оризари, денеска му порача на премиерот Зоран Заев да ги види ќелиите во притворот во Шутка.

Поводот за овој фејбук-статус на Кежаровски беше посетата на премиерот на затворот „Идризово“, при што тој беше „засрамен од условите“.

„Ги поздравувам Вашите настојувања да се подобрат условите во затворот во „Идризово“ и уште повеќе најавата за закон за амнестија. Но, Ви сугерирам час поскоро да ги видите и ќелиите во притворот во Шутка. Да Ви ги отворат вратите од Ц-14, Ц-19, Ц-28. Оти таму, Ве уверувам, е полошо од каде и да е. А, токму таму, прво во Ц-14, па потоа и во Ц-19, поминав месеци затворен со уште тројца други. Немав привилегија да бидам во тие попространите ќелии, во новиот дел. Во Ц се сите кои требаше да бидат скршени“, вели Кежаровски во својот фејсбук-статус.

Тој додадава дека по изрекувањето на пресудата, молел да го префрлат во „Идризово“ затоа што таму било подобро.

„Седев пред психијатарот и со допрени дланки, како да е Господ, го премолував да ми даде „препорака“ за Идризово. За возврат, му велев, дека пред него ќе ги скинам сите докази што ги имам и што ја потврдуваат мојата невиност. Песна се слушаше од ќелиите само во два случаја, или ако ти почнува судењето (оти така ќе те носат од таму до судница и назад и ќе можеш да видиш малку од светот) или ако ти стаса решение дека те носат на издржувањена казната во Идризово“, додава Кежаровски.

Кежаровски беше осуден на затворска казна од четири години и шест месеци во случајот „Ликвидација“, во кој се товареше дека со новинарски текстови, кои ги објавил во „Репортер 92“, го открил идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“.

Тој во август замина на едногодишен престој во Германија, стипендиран од германската амбасада.


Полицијата трага по две лица што „фрлале предмети“ кон затворот „Идризово“


Скопје, 21 август, 2017 - 14:08 (META) 

Секторот на внатрешни работи Скопје трага по две лица кои вчеравечер, маскирани фрлале предмети кон женскиот оддел во затворот „Идризово“, соопшти МВР. Полицијата била повикана откако претходно интервенирале затворски чувари, кои истрелале два предупредувачки куршуми во воздух, по што маскираните лица побегнале.

Како што соопшти МВР, вчера околу 22.30 часот затворска службеничка го известила главниот командир на затворот дека пред женскиот оддел има две непознати маскирани лица во црна облека кои фрлале предмети кон прозорците од објектот. Командирот испратил неколку затворски чувари како засилување на местото, кои откако ги забележале маскираните лица ги повикале да застанат, а потоа испукале во воздух два предупредувачки истрела од автоматска пушка и од пиштол. Тогаш лицата избегале во правец кон селото Идризово.

Полицајците и затворските чувари потоа ја пребарале поблиската околина во потрага по лицата, но тие не биле пронајдени. СВР Скопје ќе продолжи со истрагата до целосно расчистување на случајот.


Велија Рамковски пуштен од затвор заради лекување


Скопје, 21 август, 2017 - 12:06 (META) 

Велија Рамковски, бизнисмен и сопственик на некогашната телевизија „А1“ и весниците „Шпиц“, „Време“ и Коха е Ре“, како и на неколку други фирми и бизниси, денеска излезе од затворот „Идризово“, објави на Фејсбук неговата ќерка Лејла.

Рамковски сепак, по неколку месеци ќе мора да се врати во затворот за да ја доодлежи затворската казна од 13 години. Пуштен е на слобода заради лекување.

Велија со неговата постара ќерка Емел, со неговиот брат и други членови на семејството и со вработени во неговите фирми беше уапсен на 24 декември 2010 година и оттогаш беше зад решетки.

Во судскиот процес „Пајажина“ на 14 март 2012 година доби затворска казна од 13 години.


Починал млад затвореник во „Идризово“


Скопје, 12 март, 2017 - 13:43 (META) 

Цимерите вчеравечер го пронашле 21-годишниот затвореник А.Р. онесвестен во ќелијата, по што бил пренесен со брза помош на Токсиколошка клиника во Клинички центар, каде лекарите констатирале смрт, соопшти СВР Скопје.

За случајот полицијата била известена од затворските чувари. Телото на починатиот млад затвореник по наредба на јавен обвинител е предадено за обдукција.


Вработен во „Идризово“ одгледувал марихуана во својот дом и неовластено чувал оружје


Скопје, 19 ноември, 2016 - 12:34 (META) 

СВР Скопје-Единица за недозволена трговија со дрога до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје со кривична пријава го предаде Г.С.(40), вработен во КПУ „Идризово“, поради основи на сомневање дека неовластено набавил семки од канабис, ги насадил и одгледувал во својот дом. Тој исто така во домот неовластено држел оружје и експлозивни направи.

Оттука, постојат основи на сомнение дека сторил две кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

За сторените кривични дела, судија на претходна постапка на Г.С. му изрече мерка – домашен притвор во траење од 30 дена.


Во Идризово промовирани 654 кандидати за полициски службеници


Скопје, 8 октомври, 2016 - 15:00 (META) 

Во Центарот за обука во Идризово, денеска беа промовирани 654 кандидати за полициски службеници. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, истакна дека овие вработени треба да се раководат од фундаменталните принцип на професијата, легализмот и од владеењето на правото.

– Принципи, без чие што целосно почитување не е можно да се служат и да се заштитуваат граѓаните, оние заради кои воопшто и постојат институциите, вклучително и полицијата – рече министерот Спасовски.

Тој додаде дека едно неодамнешно истражување посветено на корупцијата за 2016 година, покажува дека во однос на перцепцијата на нашите граѓани за распространетоста на корупцијата во институциите, само девет проценти од анкетираните граѓани имаат целосна доверба во МВР, наспроти 29 проценти кои имаат целосна недоверба, додека остатокот речиси 60 проценти анкетирани граѓани имаат само делумна доверба или делумна недоверба во полицијата.

Како што посочи Спасовски, 63 проценти од нашите граѓани се уверени дека корупцијата не може значително да се намали.