Во Центарот за обука во Идризово, денеска беа промовирани 654 кандидати за полициски службеници. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, истакна дека овие вработени треба да се раководат од фундаменталните принцип на професијата, легализмот и од владеењето на правото.
– Принципи, без чие што целосно почитување не е можно да се служат и да се заштитуваат граѓаните, оние заради кои воопшто и постојат институциите, вклучително и полицијата – рече министерот Спасовски.
Тој додаде дека едно неодамнешно истражување посветено на корупцијата за 2016 година, покажува дека во однос на перцепцијата на нашите граѓани за распространетоста на корупцијата во институциите, само девет проценти од анкетираните граѓани имаат целосна доверба во МВР, наспроти 29 проценти кои имаат целосна недоверба, додека остатокот речиси 60 проценти анкетирани граѓани имаат само делумна доверба или делумна недоверба во полицијата.
Како што посочи Спасовски, 63 проценти од нашите граѓани се уверени дека корупцијата не може значително да се намали.