Бектеши: Македонија ќе воспостави заедничка царинска контрола и со Албанија


Скопје, 4 септември, 2018 - 13:38 (META) 

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека Македонија ќе воспостави „one stop shop“ за заедничка гранична контрола и со Албанија, а целта според него е зголемување на трговската соработка помеѓу двете земји.

– Македонија е целосно посветена на зголемување на соработката со државите од регионот, на основање заедничка економска зона, со што ќе се зголеми конкурентноста на нашите компании –  изјави Бектеши пред почетокот на јавната расправа во Стопанската комора на Македонија за придобивките на македонската економија од членството во НАТО и ЕУ.

Тој додаде дека целта на овој проект е олеснување на слободната трговија за стоки, подобрување на заедничкото управување со ризик, и што е можно поголема трговска размена помеѓу двете земји.

Воведувањето на заеднички царински конктроли, помеѓу Македонија и Албанија како потписнички на Меѓународната конвенција за поедноставување и хармонизација на царинските постапки, е дел и од акцискиот план за создавање на регионална економска област на Западен Балкан, усвоен во текот на Самитот на ЕУ со земјите на Западен Балкан оддржан во Трст 2017 година.


Сообраќајот кон Грција утре ќе биде во прекин поради штрајк на грчките царински служби


Скопје, 18 октомври, 2017 - 19:45 (META) 

Поради штрајк на грчките царински служби, утре ќе биде во прекин сообраќајот за сите видови возила на границата помеѓу Македонија и Грција, освен за пешаци, информираат од Министерство за внатрешни работи.

„Прекинот на сообраќајот на граничниот премин Богородица ќе биде од 6 часот утре до 6 часот на 20 октомври, на Меџитлија од 6.30 часот до истиот термин на 20 октомври, а на преминот Дојран од 5 часот до 23 часот утре“, се вели во соопштението на МВР.


Наумов: Туризмот е трета најголема извозна гранка, треба да се искористат потенцијалите


Скопје, 27 септември, 2017 - 14:07 (META) 

Туризмот е третата најголема извозна гранка и Македонија треба да го искористи овој тренд и да најде начини за привлекување на што поголем број туристи, рече денеска заменик-министерот за економија, Кире Наумов, на доделувањето ги традиционалните награди на најдобрите хотелиери, угостители и туристички агенции по повод Светскиот ден на туризмот.

Наумов додаде дека минатата година на светско ниво меѓународните граници ги поминале една милјарда и 200 милиони патици, а очекувањата се дека до 2030 година оваа бројка ќе надмине една милјарда и 800 милиони патници.

– Предизвикот пред нас е да најдеме начин за привлекување на што поголем број туристи да ја посетат нашата држава и да ја искористиме оваа глобална сила во функција на нашиот развој – рече Наумов.


Хојт Ји: САД не поддржуваат менување на границите на Балканот


Скопје, 4 јули, 2017 - 20:18 (META) 

САД не поддржуваат никакво прекројување на границите на Балканот, порача заменик-помошникот државен секретар на САД, Хојт Брајан Ји.

– Границите на балканските земји се јасно дефинирани, меѓународно признаени и не станува збор за спорно прашање. Промената на границите на Балканот нема да придонесе за безбедноста и за стабилноста на регионот – рече Ји за грчкиот весник „Катимерини“.

Тој ги повика политичарите во регионот да се воздржат од реторика на поделби и да се насочат кон политички и економски реформи, неопходни за евроатлантските интеграции.


ВМРО-ДПМНЕ: Заев предлага заменик-министерка со романтичарски идеи за големи држави


Скопје, 15 јуни, 2017 - 16:45 (META) 

Предлогот на Зоран Заев, госпоѓата Арта Точи да биде избрана за заменик-министер во Министерството за надворешни работи, е скандалозен и ризичен за државата, оти предложената е лице кое тешко се помирува со реалноста и со постоењето на граници на Балканот, односно лице кое има романтичарски идеи и мечтае за големи држави, порача на прес-конференција денеска Владимир Нелоски, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

– Предложената Арта Точи е автор на трудот „Границите како мит“, во кој пишува за конференцијата во Лондон одржана во 1913 година, каде е донесена одлука за формирање на албанското кралство. Според неа, делови од Албанија не биле вградени во нејзините административни граници. Во трудот Точи нагласува дека на Балканот границите имале поинакво значење и димензии и додава дека во тие околности границите биле линија на отуѓување на еден јазик и на еден народ, со кои се создале приказни со многу болка и одделеност. Ваквите сфаќања се исклучително опасни кога доаѓаат од лице што Заев смета дека треба да биде заменик-министер за надворешни работи. Основна задача на заменик-министер за надворешни работи е да ги штити македонските национални интереси, да се бори за признавање на земјата под нејзиното уставно име и да ги брани меѓународните позиции, а не да ги спори границите како линија на отуѓување на еден јазик и на еден народ – рече Нелоски и побара Заев да го преиспита решението.


Скот: САД се против промените на границите на Балканот


Белград, 10 мај, 2017 - 23:20 (META) 

Американскиот амбасадор во Србија, Кајл Скот, изјавил дека Соединетите Американски Држави се против промените на границите на Балканот, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Прашан за ставовите на поранешниот шеф на верификационата комисија на ОБСЕ на Косово, Вилијам Вокер, дека има проект за обединување на Албанците на Косово, на Албанија и во дијаспората, Скот изјавил дека Вокер приватно може да има свое мислење, но дека тоа не е став на САД.

„Ставот на САД е дека се противат на промената на границите на Балканот, се противат на создавање голема Албанија, голема Србија и слично“, изјавил Скот.

Тој нагласил дека американската влада се залага за стабилност и за помирување помеѓу народите во регионот.


Коѕиас: Никој не може да ја притисне Грција да отстапи од ставот во спорот за името


Атина, 7 мај, 2017 - 15:41 (META) 

Јасна порака дека Грција ја поддржува стабилноста во Македонија, но нема да отстапи од своите барања во спорот за името под никакви меѓународни притисоци, испрати шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, во интервју за грчкиот весник „Риал њуз“.

Говорејќи за ситуацијата во Македонија и за информациите дека грчката дипломатија се подготвува за нови силни притисоци од меѓународната заедница за решавање на спорот за името, за да се забрза македонската евроинтеграција, вели дека никој не може да ја притисне Грција да отстапи од ставовите кои се најзин државен интерес.

„Не знам кој кого сака да притисне, сите знаат дека не потпаѓаме под притисоци и дека не отстапуваме од она што сметаме дека е правилно за интересите на нашиот народ и за европските вредности и принципи“, коментира Коѕиас.

Тој во интервјуто вели дека Грција е единствената држава што не се меша во внатрешните работи на Македонија, но дека е загрижена поради немањето култура на консензус и на компромиси. Посочува дека Грција ја помага стабилноста во регионот и се обидува да ја поддржи стабилноста и во Македонија и на целиот Балкан.

Коѕиас во интервјуто испраќа и остра порака дека Грција и ЕУ го осудуваат кој било обид за менување на границите во регионот и секој што би се обидел на некаков начин да ги предизвика, ќе се соочи со сериозни последици.


Коѕиас: Ние сме за постоење на единство во БЈРМ и не се мешаме во внатрешната политика


Атина, 4 мај, 2017 - 10:56 (META) 

Шефот на грчката дипломатијата, Никос Коѕиас, испрати јасна порака дека Грција ги поддржува стабилноста и единството во Македонија.

Во говор за време на презентација на книгата на ексминистерот и европратеник Никос Сфунакис за грчката надворешна политика, Коѕиас порача дека остро се противат на идеите за дестабилизација на Балканот и за промена на границите во регионот.

„Грција постојано ја поддржува стабилноста во регионот, и ова се однесува на нашиот северен сосед. Ние сме за постоењето на единство во БЈРМ, ние сме единствените кои не се мешавме и сè уште не се мешаме во нејзината внатрешната политика и ќе го браниме нејзиното постоење“, изјави Коѕиас.

Тој испрати порака дека не се живее во период на средновековните војни, туку во период кога е неопходна стабилност и почитување на меѓународните правила, како и почитување на границите.

Коѕиас се осврнал и на спорот за името и забележал и дека Македонија е „подарок од боговите, но немала добар кум“ за името.

Грчката загриженост за случувањата во Македонија ја истакна и европратеникот од владејачката СИРИЗА, Димитрис Пападимулис, кој испрати писмо и прашања до шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, со кои бара објаснување како ЕУ планира да помогне за смирување на тензиите.

Во писмото Пападимулис нагласува дека Македонија ја тресе постојана политичка нестабилност, медиумите се обидуваат да ги замолчат, под знак прашалник е независноста на судството, а насилството и судирите се зголемуваат. Среде оваа ситуација, како што пишува тој, се зголемува и националистичката реторика од Албанија.

„Загрижувачката ситуацијата во БЈРМ се влошува од ултранационалистичката и иредентистичката политика на албанскиот премиер Еди Рама и на косовските политичари, кои сакаат да го свртат јавното мислење од реалните проблеми – сиромаштијата и длабоката корупција. Овие феномени ги ставаат во опасност стабилноста и напредокот на државите од Западен Балкан и нивниот европски напредок“, пишува Пападимулис.


Вучиќ: Не ме загрижува Харадинај туку молчењето на Европа


Белград, 3 мај, 2017 - 15:17 (META) 

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека го загрижува молчењето на Европа во однос на тоа што во последно време го порачуваат Албанците, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Коментирајќи ја најновата порака што му ја упатил поранешниот лидер на ОВК, Рамуш Харадинај, „да не си игра со Албанците“, Вучиќ на новинарите им изјавил дека на Албанците им подал рака, но тоа нема да го направи со „злосторници и силувачи“.

Тој рекол дека не го загрижуваат „опасни луѓе“ како Харадинај, туку молчењето на Европа во однос на тоа што во последно време порачуваат Албанците, а што не може поинаку да се разбере освен како закана за промена на границите на Балканот.

Вучиќ изјавил дека Србија ќе остане на европскиот пат и дека ќе работи на унапредување на државата, но никого нема да моли за отворање поглавја.

Српските медиуми денеска го пренесоа пишувањето на приштинска „Газета експрес“ дека Харадинај по враќањето од Франција, чијшто суд го одби барањето на Србија за негова екстрадиција, на Вучиќ му порачал „да не си игра со Албанците“.


Амбасадорите на САД во Тирана и во Приштина ги критикуваа изјавите на Рама и на Тачи


Тирана, 21 април, 2017 - 20:56 (META) 

Амбасадорот на САД во Албанија, Доналд Лу, и амбасадорот на САД во Косово, Грег Делави, едногласно ги критикуваа денеска вчерашните изјави на албанскиот премиер Еди Рама и на косовскиот премиер Хашим Тачи за можноста за обединување на Албанија и на Косово доколку продолжи спласнувањето на надежта за зачленување во ЕУ.

– Американската влада ја поддржува независноста на Косово и на Албанија. Ние сме против сите невнимателни дискусии за обединување. Тоа ги загрозува стабилноста на регионот и европската перспектива на двете земји – порача Лу за БИРН.

Амбасадорот на САД во Косово, Грег Делави, во изјава за „Радио Слободна Европа“ ги окарактеризира изјавите на двајцата лидери за можноста за обединување на Косово и на Албанија како „невнимателни“.