Донаторите и земјите од Западен Балкан се координираат во Брисел


Брисел, 13 март, 2018 - 14:07 (META) 

Координација на донаторите за Западен Балкан се одржува денеска во Брисел под покривителство на Регионалниот совет за соработка (РСС), на која се собрани сите поважни учесници во економскиот развој на регионот, вклучувајќи ги и претставниците на земјите, меѓу кои и Македонија.

„Состанокот претставува одлична можност земјите приматели на помош и донаторите да разменат информации за актуелните потреби, за недостатоците и можностите за финансирање, се со цел да се завршат преземените обврски и задачи“, изјави на отворањето генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ.

Тој додаде дека земјите од Западен Балкан се целосно посветени на спроведување на Стратегијата Југоисточна Европа 2020 и Повеќегодишниот акционен план за остварување на Регионалниот економски простор.

Колин Волф, шефот на одделот за регионална соработка и програми за Западен Балкан при Генералната дирекција за политиката на добрососедство и проширување на Европската комисија, ја подвлече важноста од регионалната соработка која се одвива и под покровителство на РСС.

„Треба да се искористи моментот што е создаден за Западен Балкан со најновата стратегија на ЕУ за перспективите за проширување. Регионот треба да покаже дека може да работи заеднички за остварување на значителни резултати“, изјави Волф.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, исто така присуствува на овој состанок и зборуваше за приоритетите на Македонија, за интеграција во дигиталниот пазар на Европската Унија.

„МИОА во моментов работи во повеќе различни сфери со цел целосна дигитализација на земјата. За првпат во Македонија подготвуваме национален оперативен план за широкопојасен интернет. Конечно, Македонија ќе има стратегија за сајбер-безбедност, на што активно работиме периодов. Исто така, работиме на зголемување на бројот на е-услуги кои ќе бидат дел од првиот национален портал, со цел да се подобри и олесни животот на граѓаните“, информираше Манчевски.

Тој додаде дека за реализација на овие проекти од особено значење е поддршката на меѓународната заедница и донаторите.

На состанокот министерот информираше и за Дигиталниот самит за земјите од Западен Балкан, што ќе се одржи во Скопје на 18 и 19 април.


Османи: Секој донатор е важен во услови на набиена агенда


Скопје, 13 февруари, 2018 - 12:08 (META) 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи денеска во Владата одржа донаторски состанок на кој присуствувале амбасадори и претставници на меѓународните организации, за да постигнат договор и разбирање за придонесот на донаторите во процесот на креирање, спроведување и следење на секторските национални политики и европска интеграција на земјата.

– Во време на брзи промени потребна ни е целата помош која ни е ставена на располагање и затоа за нас нема голем и мал донатор, туку секој донатор е важен во услови на амбициозната агенда на Владата – изјави Османи.

Тој изрази уверување дека администрацијата подготвено ќе ги дочека зголемените средства за здравството, образованието, инфраструктурата, дигиталната агенда, поддршката за бизнисот.

Во наредниот периодот, истакна Османи, од донаторите очекува да дадат свој придонес кон спроведување на секторските политики, менување на институционалната култура насочена кон остварување на резултати и обезбедување на долгорочен ефект од реформите, со што би се обезбедила одржливост на придобивките од реформите и во иднина.


Владата се координираше со ЕУ околу плановите за справување со мигрантите


Скопје, 8 октомври, 2015 - 10:50 (META) 

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, вчера одржал координативен состанок со претставниците на Европската унија (ЕУ), други земји и на организации-донатори, на кој тема биле плановите и начините за справување со мигрантската криза, соопштија денеска од кабинетот на министерот Бесими.

На состанокот, на кој присуствувал и министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, биле презентирани плановите на Владата за справување со бранот мигранти од Блискиот Исток и од Африка, а биле изложени и „конкретни процени на потребите“, од кои, како што било истакнато „дел веќе се обезбедуваат од сопствени извори и ресурси на земјата, како и преку поддршка од неколку меѓународни организации“.

Од кабинетот на Бесими информираат дека на состанокот било договорено таков да се одржува редовно, секој месец.

Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, и шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, денеска ќе учествуваат на министерскиот состанок на земјите-членки на ЕУ во Луксембруг, на кој ќе се разгледуваат конкретни планови за справување со бегалската криза.