Се расчистува шутот од мостот кај Џенова, потрагата по преживеани продолжува


Џенова, 17 август, 2018 - 12:23 (META) 

Багери утрово почнаа да ги расчистуваат урнатините на надвозникот во близина на Џенова, кој се урна во вторникот. По три дена од трагичната несреќа, сè уште се трага по преживеани.

Тешката механизација го тргна големиот вертикален дел на мостот, со што се отвора нов простор за потрага. Спасувачите трагаат по 10 до 20 луѓе, кои се водат за исчезнати.

Неофицијално, во трагедијата во која се урна дел од надвозникот висок 45 метри, загинаа најмалку 39 лица. Меѓу загинатите има шестмина Французи, а другите идентификувани се Италијанци.


Бројот на жртви при уривањето на мостот во Џенова се зголеми на 22 лица


Џенова, 14 август, 2018 - 16:40 (META) 

Бројот на жртвите при уривањето на мостот во италијанскиот град Џенова се зголеми на 22 лица. Според италијанскиот заменик- министер за сообраќај, Едоардо Рикси, бројот на жртви ќе продолжи да расте.

– Неприфатливо е толку важен мост да не биде изграден на начин за да се избегне ваков вид на колапс. Се урна централниот дел на надвозникот, а најмалку 20 возила паднале од мостот – изјави Рикси.

Италијанските власти наведуваат дека спасувачките екипи трагаат по преживеаните.

Италјанскиот премиер Џузепе Конте во текот на денот ќе пристигне во Џенова, најавија од неговиот кабинет каде ќе остане и утре.

На местото на несреќата се ангажирани околу 200 пожарникари.


Најмалку 11 лица загинаа при уривањето на мостот во Џенова


Џенова, 14 август, 2018 - 15:59 (META) 

Министерството за внатрешни работи на Италија потврди дека 11 луѓе загинале при уривањето на мостот во италијанскиот град Џенова, денеска за време на силна бура проследена со пороен дожд.

Италијанските власти стравуваат дека бројот на жртви ќе расте.

Министерот за транспорт, Данило Тонинели, го оквалификува инцидентот како „огромна трагедија“.

Пожарникарите тврдат дека при уривањето уништени се околу 20 автомобили.

На местото на несреќата се ангажирани околу 200 пожарникари.

Голем дел од мостот „Моранди“ кој е дел од автопатот А10 паднал врз железничката пруга, а со мостот паднале автомобили и камиони.