!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Тинејџерка во Тетовско паднала од автобус и добила скршеница на черепот


Тетово, 12 септември, 2017 - 12:48 (META) 

Скршеница на черепот добила 17-годишна девојка од селото Боговиње вчера попладне, откако паднала од автобус во движење, соопшти СВР Тетово.

Девојката била донесена вчера, во 15.20 часот, во Клиничката болница – Тетово, при што лекарите утврдиле фрактура на черепот. Потоа поради тежината на повредите е пренесена во Ургентен центар во Скопје.

Случајот во полиција го пријавил возачот на автобусот околу половина час откако девојката била однесена во тетовската болница. Полицијата и јавен обвинител работат на утврдување на околностите.


Заев испрати телеграма со сочувство до семејството на Идризи и до ДУИ


Скопје, 6 мај, 2017 - 16:00 (META) 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во свое и во име на СДСМ, испрати телеграма со сочувство до семејството на застреланиот градоначалник на Општина Боговиње, Хазби Идризи, како и до неговите колеги во Општината и во партијата ДУИ.

„Изразувам искрено и длабоко сочувство за смртта на Хазби Идризи, до семејството, пријателите, колегите на градоначалникот на Општина Боговиње. Никој нема право да одземе човечки живот од какви и да е причини. Очекувам истрагата брзо и ефикасно да се заврши во интерес на правдата и на вистината“, се вели во телеграмата на Заев.


ДУИ жали за убиството на Идризи и бара да се расветлат мотивите за случајот


Тетово, 6 мај, 2017 - 14:59 (META) 

Демократската унија за интеграција (ДУИ) побара надлежните институции да ги расветлат мотивите за убиството на градоначалникот на Општина Боговиње, Хазби Идризи, кое, како што велат во соопштението, во никој случај не било испровоцирано.

– ДУИ е длабоко потресена од веста за убиството на членот на нашето семејство и градоначалник на Oпштина Боговиње, Хазби Идризи, за време на извршувањето на својата должност во служба на граѓаните. Нашите мисли и срца во овие тешки моменти се со семејството и со пријателите на Хазби Идризи – се вели во соопштението од ДУИ.


Градоначалникот на Боговиње, Хазби Идризи, им подлегна на повредите од огнено оружје


Тетово, 6 мај, 2017 - 11:55 (META) 

Градоначалникот на Општина Боговиње, Хазби Идризи, им подлегнал на повредите откако утрово бил застрелан со огнено оружје, потврдуваат од Клиничкиот центар во Тетово за „Мета“.

Неофицијално, убиството го извршил вработен во Општината, кој, наводно, добил отказ од работа. По убиството, А.Ќ. се обидел да се самоубие, пукајќи си во слепоочница. Тој со возило на итната медицинска помош бил пренесен во Клиничкиот центар во Скопје на КАРИЛ.

Полицијата работи на расветлување на случајот и се очекуваат и подетални информации.


Тачи: Во идната влада ќе бараме да има само еден вицепремиер, но со право на вето


Тетово, 29 ноември, 2016 - 23:53 (META) 

Лидерот на ДПА и носител на листа во изборната единица 6, Мендух Тачи, вечерва на митингот на партијата во Боговиње, Тетовско, порача дека ќе бараат во идната влада да има само еден вицепремиер, кој ќе има право на вето на одлуките на владата.

Тој истакна дека на овие избори имаат програма која се разликува од таа на нивниот политички опонент, ДУИ, и во која се залагаат за правична распределба на буџетот и за инвестиции во западниот дел на земјава.

– Планираме закон за фискална амнестија, со кој ќе се ослободат граѓаните од долгови кон државта и од казни – истакна Тачи, додавајќи дека доколку ДПА биде дел од власта, ќе бара и нов закон за употреба на јазиците, односно на албанскиот јазик во Македонија.

Лидерот на ДПА истакна дека ќе се залагаат за членство на Македонија во Европската Унија и во НАТО.

– Ние сме главни сојузници на САД и на НАТО и тоа треба да се искористи – рече Тачи.

Тој истакна дека на помалите партии не може да им биде забрането да дејствуваат, но оти секој глас за нив е изгубен глас за Албанците и порача дека ДУИ нема да може да манипулира со гласовите бидејќи меѓународната заедница е гарант на овие избори.


Жителите на Боговиње протестираа против одлуката Општината да раководи со водоводот


Тетово, 11 март, 2016 - 16:31 (META) 

Жителите од Боговиње третпат пред општинската зграда протестираа против одлуката со водоводот да управува локалната власт. Тие истакнаа дека Општината сака насила да им го земе водоводот, кои сами со свои пари го изградиле.

Побараа со водоводот да управува претпријатие кое е јавно – приватно партнерство, а со кое ќе менаџираат локални жители и локалната самоуправа.

Жителите сметаат дека Општината не е способна сама да менаџира со јавни претпријатија, посочувајќи го Јавното комунално претпријатие на Општината, кое е во големи долгови.

– Само со јавно-приватно партнерство ќе се избегне ризикот нашето населено место да остане без вода за пиење – изјави еден учесник на протестот.

Жителите велат дека неколкупати се обиделе да разговараат со градоначалникот на Општина Боговиње, Хазби Идризи, околу оваа проблематика, но тој постојано ги избегнувал.

Од првиот човек на Општината не успеавме да добиеме став во врска со денешниот протест. Од неговиот кабинет ни посочија дека бил на службено патување.

Градоначалникот Идризи, кој присуствуваше на првиот протест во Боговиње околу проблемот со водоводот, им се обрати на протестантите посочувајќи дека законот налага со водоводите да управуваат општинските власти.

Со селскиот водовод во Боговиње засега управуваат неколку здруженија.

 


Жителите од Боговиње не дозволуваат со водоводот да управува локалната власт


Тетово, 4 јануари, 2016 - 16:45 (META) 

Жителите од Боговиње не дозволуваат локалната самоуправа да стопанисува со селскиот водовод. Тие попладнево пред општинската зграда мирно протестираа, откако Општина Боговиње најави дека во иднина управувањето со водоводниот систем ќе биде под нејзина надлежност.

– Ние го изградивме водоводот со наши пари и нема да дозволиме да ни го земе Општината. Ако властите управуваат со нашиот водовод, се сомневаме дека ќе имаме доволно вода за пиење, ако се земе предвид искуството на тетовчани, кои со децении немаат вода – изјави жител на Боговиње.

На протестот се појави градоначалникот на Општина Боговиње, Хазби Идризи. Тој им се обрати на насобраните, посочувајќи дека законот налага со водоводите да управуваат општинските власти.

– Граѓаните со ваков собир не може да решаваат проблеми, ама тие имаат право да слушаат или да кажуваат и да укажуваат за нешто. Оптимист сум дека ќе се реши проблемот бидејќи законот не дозволува со водоводите да управуваат граѓаните – изјави Идризи.

Со селскиот водовод во Боговиње управуваат неколку здруженија. Велат дека нема да отстапат од нивните барања со водоводниот систем да менаџираат и во иднина.


Жител на Боговиње ја избол стрина си со нож


Тетово, 23 март, 2015 - 12:49 (META) 

Дваесет и едногодишен жител на тетовското село Боговиње, вчеравечер ја избол со нож сопругата на неговиот чичко, соопшти полицијата.

Жената, А.И. (47), била пренесена во Клиничкиот центар во Тетово, каде лекарите констатирале телесни повреди.

Како што информираат од полицијата, инцидентот се случил околу 20.15 часот, кога Н.И. (21), во домот на неговиот чичко З.И. (52) со нож ја пробол својата стрина.

Тој бил приведен во полициската станица во Тетово и по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, велат од полицијата.