!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Нова едиција „Басни од Македонија“ во модерно издание


Скопје, 12 мај, 2017 - 15:13 (META) 

Нова едиција „Басни од Македонија“ издадоа Движењето за поддршка на креативноста „Браво сине“ и издавачката куќа „Арс ламина“.

Едицијата е составена од басните „Кучето и зајакот­“, „Лакомата мечка“, „Војската на лавот“ и „Жабата и глушецот“, кои произлегуваат од усното народно творештво, а се собрани од Марко Цепенков.

Креативните илустрации за басните ги изработи Катерина Николовска, која работеше и на илустрациите за едицијата „Бајки од Македонија“, а нејзините илустрации беа избрани на јавен конкурс.

– „Бајки од Македонија“ беше одлично прифатен проект и покажа дека читателската публика, а особено најмладите, сакаат квалитетно четиво, што истовремено е и модерно и ги поврзува со културолошкиот код што го носиме сите ние како наследство од претходните генерации. Токму затоа решивме годинава да продолжиме во истата насока и годинешниов проект да  го посветиме на најмладата публика, која е и најстрог критичар – изјави Ангелка Пеева-Лауренчиќ, член на управниот одбор на движењето.


Eдицијата „Бајки од Македонија“ испечатена со Браjoво писмо


Скопје, 7 април, 2017 - 14:44 (META) 

Едицијата „Бајки од Македонија“ е испечатена со Браjoво писмо и е една од дваесетте изданија на издавачката куќа „Арс ламина“ испечатени со ова писмо.

Оваа едиција во која влегуваат бајките „Вејко Северко“, „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“ и „Девојчето и дванаесетте месеци“, претставува модернизирана и адаптирана форма на приказни од македонското народно творештво собрани и забележани од Марко Цепенков и од Танас Вражиновски.

Новото ексклузивно издание на едицијата „Бајки од Македонија“ беше промовирано во рамките на 29. издание на Меѓународниот саем на книгата во Скопје.

Исто така, во рамките на саемот, едицијата „Бајки од Македонија“ доби награда за најдобро печатено издание, како и награда за најдобра книга за деца од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).


Македонските приказни добија нов модерен идентитет во едицијата „Бајки од Македонија“


Скопје, 13 мај, 2016 - 15:21 (META) 

Едицијата „Бајки од Македонија“, составена од четири бајки од македонското народно творештво, веќе е достапна за љубителите на пишаниот збор.

„Бајки од Македонија“ е составена од четири приказни од македонската усна традиција, и тоа „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“, „Девојчето и дванаесетте месеци“ и „Вејко Северко“.

Илустрациите за овие бајки ги изработи младата илустраторка Катерина Николовска, чие идејно решение беше избрано за најдобро на јавниот конкурс објавен за оваа цел во конкуренција од 38 пристигнати решенија.

Идејата е создавање на модерен бренд базиран на традиционални вредности и на свежи креативни идеи.

Победничкото решение беше наградено со парична награда од 200.000 денари, а наградата ја обезбедува Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – Браво сине“.


Почнува проектот „Бајки од Македонија“


Скопје, 2 јули, 2015 - 14:55 (META) 

Издавачката куќа „Арс ламина“ ќе биде партнер на Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – Браво сине“, во реализација на проектот „Бајки од Македонија“. Едицијата ќе содржи илустрирани бајки од македонското народно творештво, наменети за деца од предучилишна возраст.

Во изборот на бајки од македонското народно творештво, со својот стручен капацитет ќе се вклучи и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, со што ќе се обезбеди квалитетна и соодветна селекција на бајките.

По изборот на приказни од македонското народно творештво, кон крајот на август 2015 година, Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – Браво сине“ ќе распише конкурс за илустрација на бајките, на кој ќе можат да учествуваат млади илустратори и дизајнери.

„Бајки од Македонија“ е втор проект на Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – Браво сине“. Минатата година успешно беше реализиран првиот проект „Слатко со идентитет“.

Основна мисија на Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – Браво сине“ е поддршка на креативноста кај младите во функција на брендирање и креативна визуелизација на автентичните национални вредности.