!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ал шабаб зазеде град во Сомалија на границата со Кенија


Могадишу, 11 септември, 2017 - 10:14 (META) 

Исламистичката организација Ал Шабаб утринава го зазеде сомалискиот град Балад Хаво, во близина на границата со Кенија, откако бомбаш самоубиец детонираше експлозив во автомобил, а исламистите упаднаа во околната воена база, јавуваат светските агенции, повикувајќи се на неименуван портпарол на организација која се поврзува со Ал каеда.

Портпаролот соопштил дека во нападот се убиени 24 сомалиски војници, но засега нема потврда на информациите од независни извори.

Како што јавуваат медиумите повикувајќи се на локалното населени, во градот сè уште се водат борби.


Најмалку 15 загинати во самоубиствен бомбашки напад во Могадишу


Могадишу, 20 јуни, 2017 - 19:31 (META) 

Најмалку 15 лица загинале во самоубиствен бомбашки напад што денеска се случил во главниот град на Сомалија, Могадишу. Одговорноста за нападот ја презела исламистичката група Ал шабаб, јавуваат светските агенции.

Во експлозијата повредени биле уште 18 лица, меѓу кои и седум жени. Повеќето настрадани во нападот се цивили.

Сомалиското министерство за безбедност соопштило дека нападот се случил кога маж со комби, наполнето со експлозив, ја пробил вратата од регионална канцеларија во јужниот дел на Могадишу.

Групата Ал шабаб последните неколку месеци води засилена кампања на бомбашки напади врз цели во Могадишу и на други места во Сомалија.


Во напад на екстремистите убиени се 70 лица во Сомалија


Могдишу, 8 јуни, 2017 - 17:00 (META) 

Седумдесет лица загинаа, а најмалку 40 се повредени откако терористичката група Ал шабаб нападна воена база во автономната држава Пунтланд во Сомалија, соопштија сомалиските власти.

Жителите на Пунтланд тврдат дека многу цивили, вклучувајќи и жени, се обезглавени.

Властите велат дека нападот во Пунтланд е најсмртоносниот во последните неколку години.

Високиот воен претставник, Ахмед Мухамед рече дека нападот почнал со експлозија во зафрлениот камп Аф Урур, кој се наоѓа на околу 100 километри западно од Босасоа. По експлозијата, екстремистите ја зазеле базата и од мала оддалеченост пукале кон војниците.

Мухамед рекол дека во нападот се убиени околу 70 лица, но уште нема официјални податоци за бројот на жртвите.

 


Силна експлозија и пукање во Могадишу


Могадишу, 30 август, 2016 - 12:19 (META) 

Силна експлозија се слушнала денеска во главниот град на Сомалија, Могадишу, а огромен облак од чад се издигнувал по експлозијата, по што се слушнало и пукање од огнено оружје.

Причината за експлозијата сè уште не е утврдена и нема други детали за инцидентот.

Ал шабаб, терористичка организација поврзана со Ал каеда, презеде одговорност за некои од претходните напади во Могадишу, вклучувајќи експлозии на автомобил-бомби и напади на популарни плажи каде се убиени повеќе лица.


Десет загинати во напад на ресторан во Могадишу


Могадишу, 26 август, 2016 - 11:58 (META) 

Најмалку 10 лица се убиени во напад на исламистичките екстремисти на ресторан на плажа во Могадишу, главниот град на Сомалија, соопштија денеска властите.

Полицискиот претставник Али Абдулахи рече дека меѓу жртвите има шест цивили, двајца припадници на безбедносните сили и двајца напаѓачи.

Нападот е изведен синоќа, а драмата е окончана во три часот по локално време. Одговорноста за нападот ја презеде групата Ал шабаб, поврзана со Ал каеда.

Ресторанот е популарен меѓу младите и владините претставници.

За време на нападот, од ресторанот успеале да побегнат околу 20 лица.


Поранешен пратеник е еден од напаѓачите во Могадишу


Могадишу, 27 јули, 2016 - 11:25 (META) 

Еден од двајцата бомбаши што го изведоа двојниот напад во главниот сомалиски град Могадишу е поранешен пратеник кој им се приклучил на припадниците на екстремистичката група Ал шабаб.

„Салах Нух Исмаил, познат под името Салах Бадбадо, е еден од најхрабрите борци што го изведоа нападот на воената база Халана“, стои во соопштението на џихадиститите од Ал шабаб, што го пренесе нивната радиостаница „Андалус“.

Исмаил од 2004 до 2010 година бил пратеник, а потоа се приклучил на Ал шабаб.
Во соопштението се наведува дека Исмаил се „преобратил во 2010 година и јавно го прогласил своето прочистување“.

Радио „Андалус“, исто така, емитувало и аудиоснимка на која Исмаил, наводно, го оправдува своето учество во вчерашниот напад, во кој загинаа 13 лица.

Властите во Могадишу засега ја потврдуваат автентичноста на снимката.

Два автомобили-бомби, кои напаѓачите ги возеле вчера наутро, експлодираа кај контролниот пункт на аеродромот во Могадишу, каде се сместени објектите на ОН и на мисијата на Африканската унија во Сомалија.


Најмалку 10 војници убиени во напад на Ал шабаб во Сомалија


Могадишу, 11 јули, 2016 - 13:05 (META) 

Екстремисти на сомалиската исламистичка група Ал шабаб влегле со автомобил полн со експлозив во база на сомалиската војска југозападно од престолнината Могадишу.

Во експлозијата убиени се најмалку 10 војници, соопштија Ал шабаб и едно официјално лице од сомалиската војска.

Портпаролот на екстремистичката група потврди дека зад нападот стојат броци на Ал шабаб.

Ал шабаб често врши напади во сомалискиот главен град, во настојување да ја тргне од власт актуелната влада која има поддршка од западните земји.

На крајот на јуни годинава, најмалку 15 лица загинаа откако сомалиската исламистичка терористичка организација изведе самоубиствен напад во хотел во центарот на Могадишу, при кој нејзини припадници упаднаа во хотелот и зедоа заложници.


Најмалку 14 загинати во терористички напад во Сомалија


Могадишу, 26 јуни, 2016 - 9:50 (META) 

Најмалку 14 лица загинале во силна експлозија што вчера се случила во близина на хотел во главниот град на Сомалија, Могадишу, соопштија локалните власти.

Меѓу загинатите се и тројца припадници на обезбедувањето на хотелот.

Полицијата соопштила дека бомбаш самоубиец активирал возило полно со експлозив пред влезот на хотелот, по што вооружени лица влегле во објектот и отвориле оган.

Безбедносните сили успеале да убијат двајца од напаѓачите кои влегле во хотелот.

Одговорноста за нападот ја презеде екстремистичката група Ал шабаб.

Сомалија нема контрола над целата своја територија од 1991 година, а освен со деценската војна, земјата се соочува и со глад и со суши.

Ситуацијата во земјата почна да се нормализира од август 2011 година, кога милитантите на Ал шабаб беа истерани од главниот град Могадишу, но организацијата, која е поврзана со Ал каеда и со други исламистички групи, и понатаму држи под контрола поголем дел од југот на Сомалија.


Ал Шабаб објави дека убиле 43 војници во база во Етиопија


Могадишу, 9 јуни, 2016 - 13:28 (META) 

Сомалиската терористичка група Ал Шабаб објави дека нејзините членови убиле 43 војници во нападот на базата на воените сили во Етиопија, која ѝ служи на мисијата на Африканската унија во Сомалија.

– Убивме 43 војници од Етиопија – изјави за „Ројтерс“ портпаролот на Ал Шабаб, задолжен за воените операции.

Тој додаде дека во нападот загинале и неколку борци на Ал Шабаб.


Во Сомалија погубен новинар близок со Ал шабаб


Могадишу, 11 април, 2016 - 11:44 (META) 

Сомалиски новинар кој бил поврзан со исламистичките екстремисти од Ал шабаб е погуден денеска во Могадишу, соопштија правосудните власти.

Хасан Ханафи е осуден за организирање убиство на пет свои колеги во периодот од 2007 до 2010 година.

Повеќе новинари присуствувале на неговото погубување.

Ханафи е уапсен во август 2014 година во Кенија и истата година е испорачан на Сомалија.

Терористичката организација Ал шабаб е активна во Сомалија, а мета на нејзините напади често се и новинари.