Најстариот дневен весник „Политика“ на својата веб-страница во средата доцна вечерта објави текст за претседателските кандидати за изборите што во Македонија ќе се одржат на 21 април, притоа наведувајќи шпекулации, како и тврдења што не ја отсликуваат реалноста.

Покрај шпекулациите, кои се јасно најавени во статијата како такви, дека Али Ахмети и ДУИ потклекнале пред СДСМ и се согласиле на консензуален кандидат оти биле кабает за бегството на Груевски, односно го помогнале, авторот како втора можна причина за овој потег наведува „фијаското на власта на референдумот на Преспанскиот договор, по што не е исклучена можноста опозицијата да победи на изборите“.

Тврдењето дека референдумот доживеал фијаско не е никаква новост, затоа што многупати се повторуваше во македонски медиуми со јасна определеност кон опозицијата, но и во многу балкански медиуми со јасна проруска уредувачка политика. Русија, да потсетиме, силно се спротивставуваше на Преспанскиот договор и го прогласува за нелегитимен. Аналитичари тоа го толкуваат како очигледа офанзива против Преспанскиот договор, кој овозможува влез на Македонија во НАТО, на што Руската Федерација енергично се спротивставуваше.

Сепак, фактите за референдумот говорат нешто друго  – референдумот во Македонија за Преспанскиот договор беше консултативен, но и како таков, привлече 666.000 гласачи од кои 91,46 отсто од гласачите гласаа за прифаќање на Преспанскиот договор.

На крајот, како дообјаснување на насловот: Свирел е руски народен дувачки инструмент многу сличен на шупелката.