СИРИЗА апелира за демократски дијалог во Македонија

Грчката владејачка партија СИРИЗА бара мирно и демократско решавање на политичката криза во Македонија за одржување на мирот и на стабилноста во регионот.

Секторот за надворешна политика и за одбрана на партијата излезе со посебно соопштение за случувањата во Македонија, во кое истакнува дека СИРИЗА останува на ставот дека има силна потреба од мир и од стабилност во регионот.

Владејачката левичарска партија повикува на демократски дијалог, без националистички тенденции и реторика.

„Камен-темелник на стабилноста е мирното решавање на сите разлики кои постојат, засновано врз демократски дијалог, далеку од националистичката реторика која ги враќаше државите од регионот назад во минатото наместо да ги носи напред. Патот на стабилноста и на демократија е единствениот видлив пат кон благосостојба, економски развој и кон зајакнување на работничката класа во државите во регионот“, се вели во соопштението на СИРИЗА.

М.П.